Во разговор за МКД.мк

Сервер: Се надевам САД ќе ѝ порачаат на Бугарија дека блокадата на Македонија не помага

Не мислам дека за Македонија има попривлечна алтернатива од Европската Унија. Од друга страна, Европската Унија е сериозна околу проширувањето, но политичарите во некои земји-членки го отежнуваат напредокот, вели за МКД.мк професорот на американскиот универзитет Џонс Хопкинс и експерт за Балканот, Даниел Сервер.

Македонија на патот кон ЕУ повторно се најде во ситуација слична на минатото, само што сега Бугарија дојде на местото на Грција со блокада на преговорите за членство. Колкава е одговорноста на ЕУ во овој ќор-сокак, со оглед дека македонските политичари постојано повикуваат Брисел да го испорача ветеното?

- Начинот на којшто функционира Европската Унија е познат, земјите членки имаат право на вето кон земјите коишто сакаат да се приклучат кон Унијата. Нормално е македонските политичари да ја повикуваат Европската Унија да го испорача ветеното, но на крајот Скопје и Софија ќе треба да постигнат договор којшто ќе овозможи пристапниот процес да продолжи.

Нормално ли е, според вас, да се негира идентитет и јазик (во случајов македонскиот) и да се бараат преговори за тоа?

- Јас не би оспорувал нечиј идентитет или јазик. Се плашам дека оние кои го прават тоа, всушност ја покажуваат нивната сопствена несигурност околу идентитетот и јазикот.

Кога би ги споредиле блокадата од Бугарија и онаа од Грција, која би ја окарактеризирале како посериозна? Може ли да се најде излез?

- Секогаш има излез, со добра волја. Најсериозниот проблем во даден момент е оној којшто го блокира напредокот. Се надевам дека САД ќе ѝ порачаат на Бугарија дека тоа не помага.

Премиерот Зоран Заев неколку пати кажа дека не ни треба ЕУ по цена на идентитетот. Но што ќе значи и за земјата и за регионот останувањето надвор од Унијата? Се отвора простор за други влијанија.

- Не мислам дека за Македонија има попривлечна алтернатива од Европската Унија. Се сомневам дека Заев мисли поинаку, но тој мора да се обиде да го одвои ова прашање од неговата сопствена политичка судбина. Тоа јасно го фаворизира неговата понационалистичка опозиција.

Важен ли е навистина Западен Балкан за ЕУ или заложбите за проширување се повеќе декларативни во однос на внатрешните прашања во блокот?

- Јас го мислам сосема спротивното: Европската Унија е сериозна околу проширувањето, но политичарите во некои земји-членки го отежнуваат напредокот.

Во контекст на состојбите во регионот, прилично вознемирувачки беа нон-пејперите за менување на границите на Западен Балкан кои се појавија во јавноста иако сите се оградија од нив. Треба ли да се реагира посилно на таквите идеи од страна на САД или ЕУ и како?

- Мислам дека САД и Германија многу јасно ги отфрлија идеите за промена на границите. Би сакал повеќе земји-членки на ЕУ да бидат погласни околу оваа ужасна идеја. Исто така, би сакал ЕУ да ги санкционира оние кои сакаат да ги уништат постојните држави на Балканот, почнувајќи од Милорад Додик.

Можна ли е сепак нестабилност во регионот, колку и да зборуваме за неофицијални документи?

- Да, се разбира дека нестабилност е можна, особено на Косово и во Босна и Херцеговина. Би било глупаво да се остави отворена таа можност. Нормализација на односите меѓу Косово и Србија, како и уставни реформи во Босна и Херцеговина се вистинскиот „лек“.

Ж.П.Б.

 

Под менторство на овој истраен истражувач, научник и педагог, се развивале и се формирале многумина трудбеници и афирматори на македонското културно наследство.

повеќе

Ковидот нема да нѐ победи. Да зборуваме за раст и развој, за подобар и забрзан раст, за паметен и зелен развој.

повеќе

Размислуваме како можеме да ја заштедиме и заштитиме водата, но само додека немаме вода!

повеќе