„Сега кога веќе ги немаме нашите најблиски, ја бараме само вистината и правдата. За таа цел побаравме Анкетната комисија во Собранието да одржи состанок за човековите права и слободи. Но, денеска добивме одговор дека оваа средба, иако ја свика претседателот на Комисијата, Халил Снопче, претседателот на Собранието Талат Џафери ја откажа. Потсетуваме дека пратениците се наши претставници во Собранието и тие треба да бидат нашиот глас и нас да не бранат. Ние ја бараме само вистината и правдата, а таквите одлуки ги цениме како обид да се сокрие истото. Денес, господинот Џафери уште повеќе ни ја отежна болката и јавно го прашуваме зошто му смета вистината, кого сака да заштити и зошто не дозволува собраниска истрага“, се вели во писмото на семејствата на загинатите во автобуската трагедија во Бугарија.
На 23 ноември 2021 година на автопатот Струма во Бугарија во тешка сообраќајна несреќа на автобусот на агенцијата „Беса транс“ загинаа 45 лица. Истрагата на овој случај покажа бројни пропусти на надлежните органи во однос на исправноста на автобусот, потребните дозволи, царинските процедури..., но засега за ова никој не одговара. Според бугарското обвинителство за несреќата бил виновен возачот на автобусот кој е еден од загинатите.