„Сите сме свесни дека кога има промени во Уставот, дека секој збор и секоја запирка се важни. Но да, Алијансата за Албанците го гледа како решение внесувањето на Бугарите во преамбулата на Уставот. Ние овој став го имаме од 2015-2016 година како политичка партија. Мислам дека сите политички чинители и македонските политичари треба да размислат и да го прифатат овој предлог. Можеме цело време да се жалиме дека некој нѐ блокира, ама треба да се вратиме на основното прашање: Кои се тие кои бараат да бидат членка во ЕУ? Тоа сме ние. И наше е да одлучиме дали ќе бидеме или нема да продолжиме во ЕУ“, рече Села на прес-конференција свикана за да се соопшти дека се завршен внатрепартиските избори.
Во моментот кога од деведесеттите години е признаена независноста на Македонија истовремено е признаено и сѐ што подразбира Македонија како држава од страна на Бугарија, рече партискиот лидер.
„Потребен е процес на меѓусебно признавање на малцинствата, а тоа значи бугарското малцинство во Македонија, а македонското малцинство во Бугарија. Не мислиме ние, како партија, дека прашањето на малцинството е внатрешно прашање на поединечна држава, туку тоа е прашање на Универзалната декларација за човекови права која демократските земји ја имаат ратификувано во својот парламент. Па и однесувањето наше треба да биде според оваа Декларација“, рече Села.
Според Села, Договорот за добрососедство со Бугарија е погрешен од наш аспект и рече дека власта се крие зад научници и комисии. Потенцираше дека треба да биде јасно дека се работи за политичка работа.
„Компромисот не е работа која ја прават научниците. Јас кога зборувам за историчари, зборувам за научници, било од бугарската страна, било од македонската страна. Научниците решаваат според факти и не може да се решава со гласање. Проблемот е политички и политички треба да се реши тој проблем. Тие што водат држави и влади треба да го знаат тоа и да седнат и да прават компромиси. Сега се моментите за правење компромиси“, истакна првиот човек на Алијанса за Албанците.
Тој порача дека друго решение освен ЕУ интеграцијата не треба да постои, но и дека политичките чинители во Македонија и во Албанија без разлика на етничката припадност, не треба да им прават олеснителни околности на другата држава претендент за да биде членка на ЕУ.
„Услов има и Србија. А тој услов е признавање на независноста на Косово. Значи, сите земји кои претендираат да бидат членка на ЕУ си имаат некаков услов и тотално некоректно јас го гледам однесувањето на премиерот на Албанија кој јавно станува адвокат на друга држава, а од друга страна ѝ прави авокатура и на Србија. Тоа е скандалозно и не треба да се случува. И сите земји кои ја имаат признаено Република Косово треба притисок да и прават на Србија за да го признае Косово, бидејќи тоа е последниот сегмент на стабилност и мир на Балканот. Стабилноста и мирот не треба да бидат само зборови кои ги искажуваме, туку што правиме за тоа за да имаме стабилност и мир на Балканот толку пожелен не знам можеби цел век. И последниот мозаик за стабилноста на Балканот е признавање на реалноста, а тоа е независно Косово и од тоа враќање назад нема“, рече Села.
Тој посочи дека Отворен Балкан е работа која сега само служи за цел да се прескокне признавањето на Косово. Села ги прочита сите 15 нови претседатели на ограноци кои биле избрани на внатрепартиските избори.