Пратениците од Алијанса за Албанците и Алтернатива најавија дека нема да дозволат во иднина да се одржи седница на пратенички прашања доколку некој од албанската опозиција не е меѓу првите на списокот за поставување пратенички прашања.
Претседателот на Парламентот, Талат Џафери, како што објави МИА, образложи дека во листата со пратеници што му била доставена во предвидениот рок од страна на координаторот на коалицијата Алијанса/Алтернатива не бил ставен претседателот на Алијанса на Албанците, Зијадин Села.
„Во текот на вчерашниот ден во 15 часот, заменикот координаторот Сурија Решити до мене достави барање прв од листата на Алтернатива/Алијанса да биде Зијадин Села. Ако докрај бев доследен со Деловникот, ова писмо требаше да ви го вратам, но тоа не го сторив, затоа што станува збор за претседател на партија, иако на претходната листа Села не беше пријавен“, рече Џафери по што даде пауза од еден час.
Инаку, претпладневниот дел од денешната седница за пратенички прашања помина со процедурални забелешки и изјаснување на пратениците дали се задоволни од писмените одговори на министрите. На списокот за поставување прашања има 27 пратеници, а прв е Љупчо Пренџов од ВМРО-ДПМНЕ.