Интервју со претседателот на РМ

Сега е моментот да се види кој на што е посветен - на личниот, на партискиот или на државниот интерес

Претседателот Ѓорге Иванов во интервјуто за МКД.МК открива дека неговиот ангажман во надминувањето на актуелните политички недоразбирања не бил сведен само на една лидерска средба и на предлогот за основање експертска комисија за настаните од 24 декември.

Претседателот открива дека имал уште најмалку една средба со лидерите на ВМРО-ДПМНЕ и на СДСМ, Никола Груевски и Бранко Црвенковски, и неколку телефонски разговори, кои за жал завршиле неуспешно. Според претседателот Иванов, овие случувања најмногу ѝ одат во прилог на Грција, која со ова добива уште еден аргумент во блокирањето на македонската интеграција во ЕУ.

- Крупните работи во политиката некогаш се случуваат зад сцената. Ако нема официјални најави за средби, тоа не значи дека тие и не се одржуваат. Целта е од тие средби да има резултат, успех, поместување и приближување на позициите – вели претседателот Иванов.

Имате ли комуникација со Бранко Црвенковски, лидерот на СДСМ, и со Никола Груевски, лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, освен оние официјалните средби?

- По настаните на 24 декември јас два пати остварив заеднички средби со премиерот Груевски и господинот Црвенковски. Првата беше по моја лична иницијатива на 12 јануари. Ова сега првпат ѝ го соопштувам на јавноста. Средбата траеше неколку часа и заврши без некој конкретен резултат, ниту пак приближување на нивните ставови и мислења за спомнатите настани. Во меѓувреме остварив и неколку телефонски разговори со еврокомесарот Филе, поврзани со обврските од европската агенда на Република Македонија. Потоа следуваше посета на еврокомесарот и повторно седнав на заедничка маса со премиерот и со лидерот на СДСМ. Токму од тие средби произлезе и мојата иницијатива за формирање експертски тим, кој требаше да почне оттаму од каде што почнаа недоразбирањата – со расветлување на настаните на 24 декември и на тие што им претходеа на нив. Во меѓувреме остварив и неколку телефонски разговори со сите тројца. За натамошниот тек на настаните и донесените одлуки јавноста веќе е информирана.

Имаме ли политичка криза? Дали во ваква ситуација би свикале лидерска средба на најголемите политички партии во Македонија?

- На сите средби укажав дека ако постојат недоразбирања, тие може да се решат само преку дијалог и дебата во рамките на институциите. Впрочем, ние не сме некој исклучок. Речиси не постои демократска земја во светот што немала некои немили настани во историјата на својот парламент. Меѓутоа, решенијата секогаш се барале таму каде што и настанувале проблемите. Притоа тие ги коригирале своите акти и ги почитувале воспоставените процедури, за да не им се повторуваат немили настани.

Во однос на тоа дали има или нема политичка криза, ако реално ја согледаме актуелната состојба, сите државни институции функционираат редовно. Факт е дека во Собранието се носат закони за кои е потребно просто мнозинство. Некои од нив се носат со двојно мнозинство, со мнозинство и од гласовите на пратениците од заедниците. Така што, сѐ додека постои парламентарен кворум, Собранието ќе функционира.

Но Собранието е место и за власта и за опозиција. Долгорочниот бојкот од страна на еден дел од опозицијата ќе се одрази на довербата од страна на граѓаните, а тоа не е добро за демократијата. Затоа, од повеќе страни, како од дома, така и од меѓународната заедница, беше побарано СДСМ да се врати во Собранието. Затоа што таму е местото каде што се решава за сето она што е во интерес на граѓаните и на државата.

Демократијата всушност е форма на управување на државата и таа функционира кога сите што ја добиле довербата од граѓаните учествуваат во неа. Без разлика дали се власт или опозиција. Затоа, лидерите на сите политички партии имаат обврска да создадат услови политичкиот дијалог да се одвива во рамките на државните институции. Навистина очекувам сите политички партии да се однесуваат одговорно, да покажат разумност и волја оваа ситуација да се надмине таму каде што и настанала.

Бојкотот го попречува граѓанинот во правото на избор

Но што ако ситуацијата остане ваква – локални избори без опозиција. Чија е одговорноста?

- Легитимно е секоја политичка партија да донесе одлука дали ќе учествува или не на избори. Но едно е одлука за неучество на избори, друго е одлука за бојкот на избори. За жал, сметам дека одлуката на лидерот на СДСМ за бојкот на локалните избори не е во интерес ниту на граѓаните што им ја дале довербата, ниту пак во нивен сопствен интерес. Тоа, пред сѐ, зашто реалниот живот, секојдневниот живот на граѓаните, се одвива токму на локално ниво. Таму се нудат решенија за сите предизвици со кои се соочува секој граѓанин. Бојкотот им ја попречува можноста на граѓаните за правото на избор на најдобар концепт и најдобар кандидат.

Се надевам дека господинот Црвенковски, кој во минатото ги има извршувано најзначајните државни функции, а кој и денес ја врши функцијата поранешен претседател на Република Македонија благодарение на буџетот на РМ, во периодот пред изборите и во изборните денови ќе се однесува одговорно, со должна почит кон Уставот и кон законите на Република Македонија, пред кои дал и свечена изјава.

Убеден сум дека Република Македонија има капацитет да спроведе слободни, фер и демократски локални избори, според меѓународните стандарди и препораките што досега сме ги добиле, и затоа не смееме да се враќаме назад.

Во Република Македонија живеат над два милиони луѓе, со два милиони лични судбини, амбиции, надежи и стремежи. Но барем едно нешто е заедничко за сите нас. Стремежот за подобар живот. Подобар живот денес. Никој нема право да го попречува тој човеков стремеж.

Останува ли сѐ уште актуелен Вашиот предлог за формирање експертска комисија за настаните од 24 декември?

- Оставив доволно простор и време сите субјекти да се изјаснат. Очигледно, консензус за реализација на оваа иницијатива не се постигна поради одбивањето на господинот Црвенковски. Искрено жалам што предлогот беше експресно отфрлен од него.

Потоа видовме дека од други партии во опозиционата коалиција предлогот беше начелно поддржан, но тоа не влијаеше врз негативниот став на г. Црвенковски. Како најзасегнати во оваа ситуација, очекував да изнесат аргументи зошто една ваква иницијатива е неприфатлива за нив, или евентуално да понудат предлози за промени на форматот што се нудеше. Да понудат некакво компромисно решение, во насока на конструктивност и излез од настанатата ситуација.

Во изминатиот период беше искажана подготвеност на парламентарното мнозинство, во рамките на оваа комисија или во друга институционална форма, да се отвори дијалог и да се најдат решенија и за поширок опсег на прашања поврзани непосредно и посредно со настаните што претходеа и се случија на 24 декември, во и околу Собранието на Република Македонија. Но да се формира комисија без учество и поддршка на опозицијата би било нецелисходно, со оглед на фактот што опозицијата веднаш ќе ги оспори заклучоците, колку тие и да се издржани и стручно засновани.

Посебно жалам што не успеа последниот обид за излез од ситуацијата, на ден пред завршувањето на рокот за поднесување листи за локалните избори, кој подразбираше вклучување на поголем пакет на прашања што би се разгледувале од експертската комисија, која требаше да даде и препораки за подобрување на системот, препораки чие натамошно имплементирање ќе гарантираше дека вакви нешта нема да се повторат. Јас тоа го прифатив, премиерот го прифати, но повторно беше одбиено од Црвенковски. Сметам дека тоа беше идеална можност да се разјаснат работите и дека тоа ќе беше соодветен политички одговор на тоа што се случи на 24 декември.

Во АРМ нема место за дневна политика

Како го доживеавте изборот на Талат Џафери за министер за одбрана?

- Реакциите што се појавија во јавноста се разбирливи. Во Република Македонија сѐ уште се чувствуваат последиците од конфликтот во 2001-та и многу рани не се залечени. Сепак, сакам да порачам, во својство на врховен командант на вооружените сили, дека никој во Армијата на РМ и надвор од неа не треба да се грижи за нејзиното функционирање. За време на мојот мандат досега се сменија тројца министри за одбрана, но Армијата останува она што е. Ќе се сменат многу министри, влади и врховни команданти, но Армијата не само што ќе опстои како таква, туку и ќе се зацврстува. Армијата е над секоја индивидуа и над секоја партија, таа е еден од столбовите на нашата држава.

Многу пати сум кажал и ќе повторам дека во Армијата на Република Македонија нема место за дневна политика, злоупотреби и манипулации. Секој ќе си одговара за сѐ што направил, или не направил, во рамките на своите надлежности.

Мора да сме горди со тоа што го постигнуваат војниците и старешините на нашата Армија. Затоа мора да се вреднува и да се наградува секој нивен успех, без разлика кој е министер или врховен командант.

Не се загубени шансите за јунскиот извештај

Меѓународната заедница изминатиов период беше повеќе заинтересирана за надминување на проблемите со бојкотот на локалните избори. За јунскиот извештај за Македонија на ЕК веќе се најавуваат негативни заклучоци. Има ли простор и време нешто да се смени?

- Сметам дека е погрешна перцепцијата дека целосно ни се загубени шансите, иако позицијата на Република Македонија во моментов е отежната. Сепак, наспроти сѐ, уверен сум дека Република Македонија располага со солидни и цврсти аргументи зошто треба да добие позитивен извештај напролет. Реформскиот процес се одвива со несмалено темпо. Активно учествуваме во многу регионални иницијативи, преку кои го промовираме токму добрососедството. Република Македонија е држава со најголем број билатерални договори за соработка во различни сфери од сите земји во регионот. Постојано покажуваме конструктивност во процесот за наоѓање решение за името. Што значи дека она што е наша обврска ние си го исполнуваме.

Кој е приоритетот - личниот, партискиот или државниот интерес

Сепак, политичките случувања се чини дека нема да останат нерегистрирани во извештајот.

- Цврсто сум убеден дека ако добиевме датум во декември, веројатно немаше да се соочиме со ваква политичка состојба. Овој став го изнесувам на сите мои средби. Ценам дека Европската Унија не смее да ја казнува Македонија, сите нејзини граѓани и општеството поради неодговорното и себично однесување на одреден политичар или одредена партиска структура.

Да бидеме до крај објективни. Евентуалниот неуспех во јуни, односно недобивањето датум, евентуалното одземање на препораката од ЕК за добивање датум, може да се сметаат само како казна за граѓаните и за општеството. Тоа воопшто нема да помогне зашто само дополнително ќе ја заостри политичката состојба со обвинувања и барање виновници за неуспехот. Токму затоа на сите средби и контакти порачувам да се има предвид и овој факт.

Затоа и моите укажувања, на средбите со сите европски лидери, се дека процесот на проширување со земјите од Западен Балкан не смее да се перципира како проблем на Европа, туку како дел од решенијата. Последните пораки од еврокомесарот Филе дека Република Македонија и Србија кон средината на годинава можат да ја започнат интеграцијата во Унијата, се охрабрувачки и позитивни. Сепак, факт е дека процесот во голем дел зависи од самите нас. Сега е моментот кога треба да се покаже политичка волја, зрелост и доблест за демократски, а не за девијантен начин на дејствување. Сега е моментот да се види кој на што му е посветен. Дали на личниот, на партискиот или на државниот интерес.

На конференцијата во Минхен изјавивте дека во однос на македонските евроатлантски интеграции стануваме држава за во Гинисовата книга на рекордите. Има ли некои позитивни сигнали во однос на можното решение за името? Кои се информациите од Њујорк?

- Имаше разно-разни коментари во јавноста дека актуелната ситуација во Македонија ќе се одрази неповолно, па дури и ќе го блокира процесот во ОН.

Решавањето на прашањето со името е од суштинско значење за Република Македонија и овој процес не смее да трпи штета по ниедна основа. И покрај внатрешната ситуација, позицијата на Република Македонија останува непроменета.

Од кога сум дојден на позицијата претседател на Република Македонија, на сите средби, особено кај најповиканите и најодговорните за процесот што се одвива во ОН, барам да не дозволуваат ниедна страна да излегува надвор од рамката во која се води процесот. Таа рамка ја создаде Советот за безбедност, со Резолуциите 817 и 854, и е сочинета уште со Привремената спогодба од 1995, и секако пресудата од Хаг. Таму е мошне јасно и прецизно поставено за што треба да се разговара и за што треба да се бара решение. Ако сите се придржуваат до рамката и покажат добра волја, не е невозможно да се најде решение.

Ние како и досега ќе продолжиме со исто темпо, несмалена волја и конструктивност во напорите за наоѓање решение. Решение што нема да биде на штета на државата и на штета на достоинството на македонскиот народ и на неговиот идентитет. Еве, уште еднаш го повикувам мојот грчки колега Папуљас, кога сака и каде сака, да оствариме средба и отворено да дискутираме за ова прашање. Жалам што токму во овој период кога медијаторот Нимиц наметна едно подинамично темпо на разговорите, кога се интензивираа неговите контакти со двајцата преговарачи, кога првпат по долго време тој изрази оптимизам и зголемен личен ангажман, на државата ѝ се случуваат политички недоразбирања. Не треба да забораваме дека Грција ја следи и ја користи оваа ситуација, која дефинитивно е во нејзина полза, со тоа што ѝ дава дополнителен аргумент во Европскиот совет за блокирање на македонските евроинтеграции.

Повторно порачувам, во име на граѓаните и во интерес на државата, не смееме да го дозволиме тоа.

Александар Дамовски

Фотографија: Роберт Атанасовски

Пред неколку недели се наврши една година од почетокот на пандемијата. Ковид-19 ги разоткри системските проблеми во здравствениот систем и другите институционални гранки на Косово.

повеќе

Ако не се претвориме во систем на вакцинални касти („Тргни ги твоите Астразенека-шепи од мојот Фајзер-дедо“), може да застраниме кон вакцинални пасоши со сомнителна валидност („Врвката на оваа пропусница не е во нијанса одобрена од СЗО!“).

повеќе

Освен неколку изолирани обиди, повеќето луѓе не реагираат кај институциите и не бараат одговорност. 

повеќе