Се раскараа родителите на децата со попреченост за кои масовно се собираа потписи

Свесни бевме дека ќе ни прават и партиски притисоци. Од следниот камп ќе ги повикаме партиите да си ги приберат активистите. Уште кога почнавме, кажавме дека работата е натпартиска и однапред ги осудуваме сите кои ќе се обидат да ја злоупотребат нашата чесна борба, вели иницијаторот Зоран Мијалков.

Родители на децата со попреченост и иницијаторите кои пред четири месеци почнаа да кампуваат пред Собранието барајќи поголеми права, се раскараа и се поделија,  обвинувајќи се меѓусебно за манипулаторство, за штитење лични интереси и за непринципиелни врски со една или со друга партија. 

Дел од родителите ги обвинуваат челниците на Иницијативата „5 до 12“ за нетранспарентност, меѓу другото и за донациите, за средбите со одредени партии и за начинот на кој продолжува Иницијативата.

Домника Кардула, родител и активист, вели дека проблемот настанал во момент кога иницијаторите, несвесни за своите обврски како носители на истата, требало да одговорат транспарентно на прашањата поставени од родителите.

„Со кого и каде остварувале средби и што било разговарано на истите? Зошто се правеле исклучоци и некои партии се посетувале во Собранието наместо тие да го посетат кампот? Со кои средства и која цел е реализиран музичкиот хепенинг? Кулминација беше фотогарфирањето со Јохан Тарчуловски и со Сашо Василевски непосредно по немилите настани од 27 април. Дел на ова се одговори по долго инсистирање од страна на родителите, а дел останаа неодговорени во целост до ден денешен. Некои од иницијаторите се родители на деца со посебни потреби и го носат товарот кој е навистина тежок. Идејата била апсолутно искрена и чесна. Зошто се дозволи да станат цел на манипулации и шпекулации ќе мора сами да одговорат. Дали се злоупотребени? И јас би сакала да го знам одговорот на истото“, вели Кардула.

Даниела Мирческа, исто така родител и активист, смета дека недоволната транспарентност и ненавременото известување за случувањата, оставила голем број родители во неизвесност за конкретните резултати од иницијативата.

„Знаеме дека до денес, дел од барањата се разгледани од надлежните институции, за дел од нив преземени се и конкретни чекори. Дали е тоа доволно? Не можеме сѐ уште да кажеме, затоа што и самите барања се формулирани во рамки од 6 месеци и 3 години. Нејасно е зошто, во моментот кога надлежните институции конечно и после толку време седнаа на маса, заедно со директно засегнатите да решаваат суштински прашања и да разгледуваат конкретни барања, иницијативата продолжува со активности во процеси кои не ја засегаат“, изјави Мирческа.

Мијалков: Барам ревизија на здруженијата кои користат европски пари за лицата со попреченост

Иницијатор на собирите спроти Собрание е Здружението „Сплотени срца“ од Штип. Негов претседател е Зоран Мијалков, родител на две деца со попреченост. Тој тврди дека иницијативата е натпартиска и граѓанска, иницирана од чисти побуди за да се решат сериозните проблеми на семејствата во кои има член со попреченост.

„На времето бев во ВМРО и бев нивни активист. Но, откако се појави проблемот со аутизам кај едното дете, се тргнав целосно. Единствено ме интересира дали тој што е на власт, без разлика кој е, може да ни помогне. Времето нѐ гази, а најболно е што ќе биде со нашите деца кога нас ќе не нема. Нема да дозволиме на грбот на нашите деца некој да води политика“, вели Мијалков.

Зоран Мијалков

Шатори ќе има и овој месец, од 20-ти до 22-ри август. Од овој собир, Мијалков ќе бара ревизија во здруженијата кои користеле европски пари за проекти за лицата со попреченост. Смета дека тоа што некој ќе ги изгуби парите, е една од причините за обвинувањата кон Иницијативата „5 до 12“.

„Бевме свесни дека ќе ни прават и партиски притисоци. Од следниот камп ќе ги повикаме партиите да си ги приберат активистите. Уште кога почнавме, кажавме дека работата е натпартиска и однапред се оградуваме од сите кои ќе се обидат да ја злоупотребат Иницијативата. Но, има родители кои си гледаат за себе. Има такви кои измислуваат работи, но тоа што го зборуваат може лесно да се провери. Има и здруженија на кои не им одговара нашата борба. Ако се решат проблемите, нема да можат да влечат европски пари. Многу пари влегоа во Македонија, ама до децата ништо не стигна. Повикувам сите да не проверат, кој како работи. На нашата сметка има нула денари“, изјави Мијалков.

Се собраа над 30.000 потписи, не можат за ништо да се употребат?

Дури ни самите родители со сигурност не знаат дали и за што можат да се употребат повеќе од 30.000 потписи од граѓани, кои се собираа низ цела држава. Во тетратките има и матични броеви на граѓаните кои се потпишувале.

Според Мијалков, дел од тетратките се чуваат во Здруженијата низ државата кои собираа потписи, а дел во Ресурсниот центар на родители на деца со посебни потреби. Тој вели дека по консултација со адвокати, им било кажано дека потписите не можат да се употребат за да се покрене иницијатива пред Собранието. Ќе останат како симболична поддршка од граѓаните за правата на лицата со попреченост.

Инаку, лица кои ја подржуваат иницијативата се влезени во работните групи на министерствата за труд и социјална политика и за здравство. Се очекува истото да се случи и во Министерството за образование. До овие министерства се доставени барањата за измени во законите и подзаконските акти кои треба да го олеснат животот на граѓаните со некој вид попреченост и на нивните семејства. 

Кампувањето во Жена парк почна на 20 април и најавите се дека ќе продолжи од 20 до 22 секој нареден месец.

С.С.З.

 

Пораката на амбасадорот Бејли среде Скопје, јас не ја сфатив како шлаканица врз ДИК и нивните неодговорни членови (за наша несреќа едногласни во мислите и менталната матрица)!

повеќе

Дипломатијата е уметност невозможното да го направите возможно (Ш.-М. Талеиран).

повеќе

Односите меѓу Грција и Македонија се на клучна точка, вели Катимерини и со ѕвездички дообјаснува дека употребата на терминот „Македонија“ е на авторот и дека не го одразува ставот на весникот. Сепак се чини ова е првпат грчкиот весник да нè напише со уставното име.

повеќе