Осуди за недавањето датум

„Се чувствувам засрамено“ Реакции на ЕУ-лидерите на блокадата од Макрон

Лидерите на институциите на ЕУ го осудија одбивањето на блокот да ги почне преговорите за членство со Северна Македонија и Албанија како „историска грешка“.

Удирајќи им шлаканица на проевропските политичари во малите балкански држави, лидерите на ЕУ го пропуштија рокот за да го одобрат почнувањето на преговорите.

Жан-Клод Јункер, претседателот на Европската комисија, рече дека станува збор за „голема историска грешка“ и додаде: „Ако сакаме да бидеме почитувани, треба да ги исполнуваме нашите ветувања“.

Доналд Туск, претседател на Европскиот совет, ја опиша блокадата како грешка. „Ова не е неуспех, ова е грешка. Се чувствувам навистина засрамено“, им рече тој на новинарите на крајот од дводневниот самит во Брисел. „И двете држави си ги положија испитите; не можам да го кажам ова за нашите земји-членки“.

Францускиот претседател, Емануел Макрон, се спротивстави на почнувањето преговори за членство со Македонија и Албанија и стапи во конфликт со германската канцеларка Ангела Меркел, која ги поддржуваше надежите на шест балкански држави за влегување во ЕУ.

Данска и Холандија, исто така, ја блокираа одлуката, иако беа спремни да ги разгледаат двете држави одделно, вели Гардијан. Двете земји се спротивставија на почнувањето преговори со Албанија, но посочија дека Македонија може да добие зелено светло ако донесе закон за зачувување на функцијата специјален јавен обвинител.

Балканските држави го почнаа своето долго патување кон членството во ЕУ на самитот во Солун во 2003 година, кога оптимизмот по завршувањето на студената војна сè уште беше голем, вели Гардијан.

Министерот за надворешни работи Никола Димитров рече дека ЕУ е неискрена. „Најмалку што Европската Унија му должи на регионот е да биде искрена со нас“, рече тој. „Ако повеќе нема консензус за европската иднина на Западен Балкан, ако ветувањето на Солун 2003 не важи, граѓаните заслужуваат да го знаат тоа“.

Северна Македонија беше наведена да верува дека патот до членството во ЕУ ќе ѝ биде отворен откако ќе го реши тридеценискиот спор за името, вели Гардијан и додава дека „поранешната југословенска република стана Северна Македонија во февруари по историскиот договор со Грција, која поради спорот ги блокираше амбициите на Скопје за НАТО и ЕУ“.

Непосредно пред да се донесе министерска одлука оваа недела, Франција соопшти дека сака да го реформира процесот на проширување на ЕУ. Оваа одлука „во пет до 12“ беше пречекана со скептицизам од дипломатите на ЕУ што го поддржуваат проширувањето, кои ја сметаат за трик за да се одложи одлуката.

Француската влада рече дека ја поддржува „европската перспектива“ на земјите од Западен Балкан, но тврди дека сегашната процедура не е кредибилна.

Недемократските испади на Полска и Унгарија, заморот по грчката криза во еврозоната, како и сè пораширениот став дека Романија и Бугарија биле прерано примени во ЕУ, придонесоа за сомнежот во проширувањето на ЕУ кај некои од постарите членки на клубот, заклучува Гардијан.

Силите на антиглобализацијата веќе стануваат доволно моќни да и зададат значаен удар на светската економија. 

повеќе

Не се соочуваме со вооружен конфликт, туку со војна на мисли. Чувството на страв, несигурност или територија по самоубиствен напад, никогаш повеќе не можеш да го вратиш.

повеќе