Ново собраниско мнозинство

Се чека на оставката на Заев или в четврток собраниска расправа за иницијативата за нова влада

Ако Зоран Заев денеска не ја поднесе ветената оставка на 31 октомври, тогаш во 14,30 часот ќе биде поднесена иницијативата за избор на нова влада на која веќе се потпишани 61 пратеник, најави вчера Христијан Мицкоски, претседателот на ВМРО-ДПМНЕ. Веднаш потоа Талат Џафери, претседателот на Собранието треба да ја почне процедурата за свикување на собраниска седница, а рокот за тоа е три дена, односно четврток.

Мицкоски вчера ги повика и другите пратеници, кои мислат дека оваа Влада на Заев не е добра, да се потпишат на иницијативата. Новото собраниско мнозинство го сочинуваат пратениците на ВМРО-ДПМНЕ, Алијанса за Албанците и Алтернатива, Беса и Левица.

Според собранискиот Деловник, претресот и гласањето за недоверба на Владата се одржуваат третиот ден од денот на поставувањето на прашањето.

Од СДСМ нема информација за тоа кога Заев писмено ќе ја поднесе оставката и додаваат дека тој не го повлекува зборот дека ќе се повлече, но нема да се ориентира според туѓи ултиматуми.

Според Деловникот за работа на Собранието, прашање за доверба на Владата може да поднесат најмалку 20 пратеници, во писмена форма и со образложение. Потоа, спикерот Талат Џафери прашањето за доверба веднаш го доставува до пратениците, Владата и претседателот на државата.

Членот 215 од Деловникот предвидува дека за поставеното прашање за доверба на Владата, претседателот на Собранието веднаш свикува седница, која се одржува третиот ден од денот на поставувањето на прашањето. Расправата може да се води до полноќ, кога треба да се гласа. Ако на Владата ѝ е изгласана недоверба, премиерот до Собранието поднесува оставка во рок од 24 часа.

Ако Заев сепак ја поднесе оставка пред да биде поднесено барање за доверба, тогаш претседателот на Собранието е должен на првата наредна седница само да ја констатира оставката, без расправа или гласање.

Јазикот е многу повеќе од структура на една реченица или граматика, јазикот е нашата историја, нашите обичаи и нашето наследство...

повеќе

Овој отпад, освен тоа што ја загадува животната средина, исто така предизвикува дефекти во машините, ги оштетува контејнерите и го спречува транспортот на друг отпад.

повеќе

Нема простор за двоумење и губење време, затоа Македонија и Бугарија треба да соработуваат што е можно поскоро за да најдат јасен јазик за разбирање, во процес кој би бил следен од ЕУ, Вашингтон и ОН.

повеќе