СДСМ најавува влада „Заев 3“, ВМРО-ДПМНЕ бара оставки и избори, Алтернатива се мисли...

Со промена на шест-седум министри, СДСМ најавува нова влада наречена „Заев 3“, а ВМРО-ДПМНЕ бара оставки, додека се чека одлуката на Алтернатива дали ќе влезе во владата.

Во меѓувреме, Биљал Касами, претседателот на Движењето Беса, вчера потсети дека партиските органи одлучиле да останат дел од опозицијата. Тој не ја исклучи можноста за идна соработка ниту со СДСМ, ниту со ВМРО-ДПМНЕ, но категорично одбива да бидат дел од Влада во која би била и ДУИ.

Алтернатива, пак, следната недела ќе реши дали ќе биде дел од новото парламентарно мнозинство, а одлуката за тоа дали партијата ќе влезе во Владата ќе биде донесена по најавената средба на партискиот лидер Африм Гаши со премиерот Зоран Заев што најверојатно ќе се одржи во текот на викендот.

Вицепремиерот Фатмир Битиќи вчера изјави дека реконструкција на Владата е добра и треба да има одредена промена на кадрите. Нова влада или реконструкција на Владата, како што кажа, подразбира преговори меѓу коалициските партнери за распределба на нови ресори, кои може да бидат комплицирани.

„Сите треба да преиспитаме зошто сме изгубиле. Сите во владејачкото мнозинство изгубија. Пораката од народот беше јасна – овој курс на локално ниво не е доволен. Секој разумен политичар ќе се преиспита после ова. Одлуката на ДУИ е нивна одлука, но не е штета за владеењето ако има нови кадри оти тие носат нови решенија“, вели вицепремиерот за економија.

За процедурата за оставката на претседателот на СДСМ Зоран Заев, Битиќи рече дека Централниот одбор само побарал да се одложи одлуката за оставката. Според него, оставката од Заев е висок демократски чин.

Од друга страна, премиерот Заев потсети дека оставките на функционерите на Движењето Беса сѐ уште не се верификувани, што априори значи дека тие сѐ уште се дел од Владата.

Дека Беса сѐ уште е дел од Владата, смета и пратеникот Кастриот Реџепи, кој не се појави на собраниската седница на 11 ноември за гласање доверба на Владата.

„Движењето Беса не е излезено од Владата, бидејќи нема одлука. Ниту се влегува во Влада, ниту се излегува со изјава, прес или Фејсбук статус. Јас сум потпретседател на Беса и знам кој е органот што одлучува. Исклучување на коалиции врши Централниот одбор, кога ќе реши Централниот одбор дека Движењето БЕСА не е дел од мнозинството, тогаш и јас како член на Беса треба да размислам да ја почитувам таа одлука. Во моментот, органот што има мандат да решава е Централниот одбор, и движењето Беса е во владината коалиција“, изјави Реџепи.

Оставки од функциите, на 12 ноември поднесоа министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Арјанит Хоџа заедно до двајцата заменици-министри од движењето Беса. Оставките, како што изјави тогаш Хоџа, ги поднеле како морален чин и почитување на органите на Движењето Беса. Во таа насока претседателот на Движењето Беса, Касами во изјава за емисијата „200“ на Телевизија Алсат вчера демантира дека кој било друг пратеник од неговата партија би можел да одлучи да остане дел од парламентарното мнозинство. Според него, партиските органи одлучиле и Беса е дел од опозицијата.

„Пратениците на Движењето Беса, со својата слободна волја се во оваа позиција, дел од опозицијата согласно преземените одлуки од партијата. Додека не се случи некаква ситуација, јас имам целосна доверба кон двајцата пратеници на Беса, како што имав целосна доверба кон тројцата“, рече Касами.

Тој е уверен дека 61-от пратеник потребен за ново парламентарно мнозинство, нема да биде од Движењето Беса.

„Тоа што и понатаму останува како став на Движењето Беса е падот на Владата. Од моментот кога ќе падне Владата, проценуваме дека ќе се создаде сосема нова ситуација, сосема поинакво мнозинство, многу постабилно од ова што е дискутабилно и оценувам дека на земјата и е потребна политичка влада која ќе ја забрза интеграцијата кон ЕУ“,  рече тој.

На прашањето дали ВМРО-ДПМНЕ направи погрешна проценка со иницијативата за гласање недоверба на Владата, Мицкоски во интервју за белградска „Политика“ вели дека не станува збор за погрешна проценка, туку за вистинска одлука која на површина ја извадила „целокупната немоќ на Владата и нејзините механизми на владеење".

„Уште од почеток знаев дека шансите за тоа се мали, особено што секој демократски потег ќе биде потиснат од притисоци, закани и уцени, но сакав да види и целокупната домашна и меѓународна јавност со што се соочуваме дома во државата. Нема погрешно време за потег со кој уште еднаш се разобличи Владата. Ние покажавме капацитет на обединување на многу субјекти кои имаат свои разлики, но се обединуваме во заложбата за промени и носење на нова иднина“, вели Мицкоски.

Според него, пропаѓањето на иницијатива не некаков успех или неуспех на кого било, туку „само одложување на неславниот крај на Владата кој ќе се случи порано или подоцна“.

„На кратко кажано, вистинското прашање не е дали, туку кога оваа Влада ќе падне. Во моментот имаме Влада која има поддршка од пратениците кои ги обезбеди како последица на киднапирање. Пратеник кој ја смени страната мистериозно го снема, за подоцна да се појави, што значи дека политичката криза се продлабочува“, додава тој.

Во врска со оставката премиерот Заев, Мицкоски нагласува дека не е потребна само негова, туку и оставка на целата Влада, по што „единствениот разумен и логичен исход“ би биле брзи избори.

Лидерот на Алтернатива, Африм Гаши, пак, најави дека одлуката за тоа дали партијата ќе биде дел од новото парламентарно мнозинство ќе биде донесена по неговата најавена средба со премиерот Зоран Заев.

Гаши во изјава за МКД.мк посочува дека е започната внатрешна дебата во партијата од која треба да произлезе конкретен став за ова прашање.

Од друга страна, членот на Алтернатива, Зеќирија Ибрахими вели дека на 23 ноември ќе одржи состанок на Централното претседателство на партијата, а потоа одлуката што ќе биде донесена од ова партиско тело, ќе треба да биде потврдена и од партиското Собрание, кое е највисок орган на Алтернатива. Според Ибрахими, засега тие остануваат во опозиција, но „ќе се произнесат за секој нов предизвик“.

Македонскиот народ мора да ја заштити автокефалноста на својата Македонска православна црква - Охридска архиепископија, како еден од носечките елементи на неговиот идентитет, од сите загрозувања од Фанар, од СПЦ и другите меѓународни црковни и други чинители. Време е за нов Македонски црковно-народен собир, како во 1945 година.

повеќе

Сите политичари и безмалку сите новинари во Македонија, се со став дека нема или поточно не е можен план Б во преговарањето за влез во ЕУ со Бугарија.

повеќе

(Насловот е на турски со причина, во превод, „писмо или револвер“.)

повеќе