Муцунски најави дека ВМРО-ДПМНЕ утре ќе го потпише договорот со коалициските партнери со кои ќе настапат на претстојните избори. Тој информира дека со Алијансата на Албанците воопшто не разговарале за да бидат дел од нивната коалиција.
Муцунски нагласи дека ова се победнички пратенички листи, а при нивното составување се водело сметка за гласот на народот, нивните барања и потреби.
„Ова се луѓе со кредибилитет. Искусни и енергични. Луѓе кои и требаат на Македонија, луѓе кои ќе се борат за решенија, за решавање на проблемите. Имаме тешка задача пред нас да ја кренеме Македонија и да ја вратиме надежта. Народот бара и очекува одговорност, бара и очекува принципи и враќање на вредностите во политиката. Само заедно ќе успееме“, рече Муцунски.
Учесниците на изборите односно политичките партии и коалициите најдоцна до 2 април треба да ги достават листите за пратеници до Државната изборна комисија, која треба да ги потврди. Изборите се на 8 мај. На 24 април ќе се одржи првиот круг од претседателските избори.