По неуспешната средба кај претседателот

СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ уште вечерва со детали за средбата кај Пендаровски

На вечерашната лидерска средба кај претседателот на државата на која не беше постигнат датум за предвремените парлемнтарни избори, лидерот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски не спомнал ништо за здравствената криза, а главна цел му била да предизвика што поголема збрка со правни прашања за кои законите и процедурите се јасни, брифират од СДСМ.

Најпрво, велат од владејачката партија, го отворил прашањето дали мисијата на ОБСЕ/ОДИХР може да дојде од утре, што, посочуваат, е нелогично, мисијата треба да добие точен датум, да се организира и да пристигне. Мисијата веќе најави дека ќе прати набљудувачи. Спорел дека ДИК нема доволно време иако законот и Уставот се јасни дека 22 дена по завршуваење на вонредната продолжува процесот. ДИК е извршно тело. Барал процесот со избирачкиот список да се врати на почеток, со увид, иако увидот е одамна завршен, брифираат од СДСМ.

Опозициската ВМРО-ДПМНЕ, пак, во редовната објава на факти на денот што ја соопшти по завршувањето на лидерската, го обвини лидерот на СДСМ Зоран Заев дека сака избори без набљудувачи, како и дека претседателот Стево Пендаровски решил да му служи на Заев и оти спротивно на интересот на граѓаните не сака да ја продолжи вонредната состојба. Ги повтори и обвинувањата дека државата живее продолжен пик на ковид-19 поради ненавремените мерки на власта. 

ВМРО-ДПМНЕ останува на позицијата дека во моментов приоритет е здравјето на граѓаните, особено кога се гледа растечката тендеција на ковид заразата. Но, од партијата брифираат дека тие се и за компромис бидејќи е тоа добро за државата. Не прифаќаат еднострани диктати со кои се доаѓа до дополнителни кризи, брифираат од партијата по вечерашната неуспешна средба на Христијан Мицкоски, лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, со лидерот на СДСМ Зоран Заев кај претседателот Стево Пендаровски.

Мицкоски на средбата побарал гаранции за кредибилен изборен процес, увид во избирачкиот список, кредибилна набљудувачка мисија на ОБСЕ/ОДИХР и запазување на уставните и законските норми во однос на изборите. 

Тој побарал да престане да се лицитира со датуми за изборите бидејќи тоа било неодговорно спрема граѓаните затоа што изборите не смеат да се претворат во трка по датуми. Прво, рекол Мицкоски, треба да се обезбедат гаранции за здравјето и за кредибилен изборен процес.

Од кабинетот на претседателот  по средбата соопштија дека се разговарало за различни аспекти на изборниот процес, при што и двете страни понудиле аргументи во прилог на нивните позиции.
На средбата не беше постигнат договор за одредување датум за предвремените парламентарни избори. Двајцата лидери се договорија да ја продолжат комуникацијата меѓу себе, стои во соопштението од Кабинетот на претседателот.
И Заев и Мицкоски во куси изјави рекоа дека нема позитивен исход од средбата и оти во интерес на разговорите се усогласиле соопштение да објави претседателскиот кабинет.
„Не успеавме да постигнеме договор. Во интерес на тоа што оставивме можност секако во текот на утрешниот ден доколку една од страните заклучи дека треба да се слушнеме – ќе се слушнеме. Остануваме на соопштението. Нема да дадеме дополнителни коментари во делот на изјавата, ниту да даваме одговор на прашањата. Тоа е усогласен став со претседателот на државата Пендаровски и со Мицкоски“, изјави Заев.
И Мицкоски упати на соопштението, потенцирајќи дека за тоа што се зборувало денеска и во деновите што ќе следат ќе има дополнителни информации зависно од развојот на настаните.
„Во интересот на процесот, во интерес на сложеноста на целата ситуација донесовме заеднички заклучок претседателот преку соопштение ја информира јавноста за тоа што денеска се зборуваше и деновите коишто следат, што се пред нас, ќе имате дополнителни информации за тоа како ќе се развиваат настаните. Она што е важно е дека до овој момент се уште нема договор“, изјави Мицкоски.

За преродба требаат само три чекора: промена на изборниот модел, укинување на мега и квази државниот апарат заедно со сите паразити во него и економски план за ревитализација на земјата.

повеќе

Нашиот капацитет за справување со општи кризи е ограничен. Дали здравството е немоќно, или ние не можеме да се прилагодиме на промени?

повеќе

 За базата во Ново Село, Бугарија не добива ни долар за закупнина, а отворени се и бројни прашања за животната средина.

повеќе