Претседателски избори април 2019

СДСМ и ДУИ денеска ќе кажат кој ќе биде нивниот консензуален кандидат за претседателските избори

Стево Пендаровски, Никола Димитров и Оливер Спасовски се можните имиња од кои денеска лидерите на СДСМ и ДУИ, Зоран Заев и Али Ахмети, треба да го изберат заедничкиот кандидат за претседателските избори. Дел од коалициските партнери од владината коалиција во понеделникот се договорија дека на изборите ќе одат со заеднички кандидат.

Неофицијално, ДУИ дава предност на министерот за внатрешни работи Спасовски. Во меѓувреме течат консултациите за приклучување и на Алтернатива и ДПА, како и на други партии.

Вчера Алијансата за Албанците и Беса одлучија на претседателските избори да одат со свој кандидат - професорот Блерим Река.

„Движење Беса и Алијанса за Албанците ја поддржуваат кандидатурата на проф. д-р Блерим Река за претседател на Република Северна Македонија. Како опозициски партии, сметаме дека претседателските избори немаат смисол без албански кандидат бидејќи Албанците би се свеле само како гласачи кои гласат, но не и како политички субјект за кој треба да се гласа“, велат од Алијанса за Албанците и движењето Беса.

ЛДП, партија која е дел од владината коалиција, најави можна кандидатура на нивниот член Никола Пановски, во зависност од тоа кој ќе биде избран кај поголемите парламентарни партнери.

Официјален кандидат на опозициската ВМРО-ДПМНЕ е Гордана Силјановска - Давкова. За лидерот на ВМРО ДПМНЕ Христијан Мицкоски, кандидатот на СДСМ и ДУИ ќе биде „најмалку консензуален. Двете партии ќе поддржат заеднички кандидат за да го намалат поразот на  претседателските избори и кратко да ја продолжат политичката кариера на политичарите од тие две политички партии“.

СДСМ за в недела најави конгрес на кој ќе биде промовиран кандидат за претседател. На конкурсот на оваа партија за пријавување кандидати за претседател на државата, што заврши на 19 месецов, пријавени се четворица кандидати: Тони Петровски, Божидар Ночев, Ѓорѓи Филипов и Игор Поп Трајков.

Неколкумина непартиски личности се во процес на собирање 10.000 потписи неопхпдни за нивна кандидатура.  

Првиот изборен круг за шестите претседателски избори е закажан за 21 април, а вториот ќе се одржи на 5 мај.

 

Плаќањето на вработените на час наместо месечно помага да се зголеми нивната плата со тоа што ќе се вреднува работното време поефикасно.

повеќе

Нема пазар доколку нема информации. Дајте ги информациите за пазарот на грозје.

повеќе