По средбата со Маричиќ

Сарацин: Компромисот не е перфектен, но веднаш ви ја отвора вратата на ЕУ

Овој европски компромис е шанса. Компромисот на маса е навистина компромис и тука се земени предвид барањата на владата на Република Северна Македонија, порача денеска германскиот специјален претставник за Западен Балкан, Мануел Сарацин и додаде дека компромисот никогаш не е перфектен.

„Со прифаќањето на францускиот предлог се овозможува веднаш да се започне процесот на пристапните преговори на Северна Македонија кон ЕУ без понатамошни одолжувања и без можност за блокади. Германија е на страната на Северна Македонија и ќе се залага европската перспектива на Западен Балкан активно да заживее“, рече Сарацин на заедничката прес-конференција со вицепремиерот за европски прашања, Бојан Маричиќ.

Според него, вратата кон пристапување на Македонија во ЕУ со овој договор е широко отворена, а за да се влезе низ оваа врата не е лесно, но, како што вели, тоа е одлука на нашата политика и на нашата земја.

„Знам дека ова е тежок момент за вас сега и за луѓето, но истовремено е и момент кој носи одредена надеж во себе. Верувам во македонската политика и во луѓето и оти сите заедно ќе продолжиме на патот кон ЕУ. Нападот на Руската Федерација врз Украина покажува колку е важно заеднички да се решаваат проблемите, да се организираме, но и ни покажува дека ништо повеќе не нуди толкава сигурност како да се биде во европските организации, преку европските договори“, додаде Сарацин.

Тој напомена дека се залага за проширување и интеграцијата на Западен Балкан во ЕУ и затоа како што рече, имаме поддршка побрзо да напредуваме. 

„За мене лично е многу важно овој процес со Северна Македонија да се случи, бидејќи е во интерес и на вашата земја и на ЕУ“, изјави тој.

Сарацин рече дека разбира дека има и критики за предлогот, дека постои грижа за сопствениот национален идентитет при што нагласи дека за Германија е многу јасен, но како што рече, со овој предлог нашиот идентитет е сочуван.

„Северна Македонија може конечно да ги започне пристапните преговори, за кои се залагаше 17 години и тоа од страна на најразлични партии и политичари. Но, сега е дојден моментот. Сега треба да го направите следниот чекор. Целата Сојузна влада и јас лично се залагаме за европската перспектива на Западен Балкан активно да заживее и мислам дека во следните денови Северна Македонија би можела да даде значаен придонес. Германија притоа ќе биде на страната на Северна Македонија. Им ја нудиме поддршката на сите политички сили и сакаме заедно со вас многу побрзо да ја достигнеме целта“, додаде Сарацин.

Тој порача дека овој договор треба да се прифати сега, бидејќи смета дека можеби повторно нема да добиеме можност за некој нов договор кој ќе е подобар од овој.

„Разбирам дека има недоверба кон бугарската позиција. Во Софија слушнав дека има доверба кон позицијата во Скопје. Јас не можам да ветам каков ќе биде исходот од изборите во Бугарија, но едно е јасно, а тоа е дека сѐ што може да се реши сега, треба да се реши, бидејќи треба да се обезбедите за поопасни времиња. Не сум убеден дека чекање сега е паметно. Германија и ЕУ ќе направат сѐ за да гарантираат дека патот на Северна Македонија во ЕУ ќе биде отворен“, посочи Сарацин.

Маричиќ, пак, вели дека Владата ќе го го почека исходот од консултациите и разговорите меѓу  координаторите на пратеничките групи во Собранието, по што ќе одлучи како ќе се одвиваат работите понатаму. Тој најави дека конечен став околу францускиот предлог би можело да има во наредните денови.

„Протоколот со Бугарија сѐ уште не е докрај усогласен и потпишан, за што ќе почекаме во наредните часови или денови. Што поскоро ќе мора да се донесе одлука, каква и да е таа. Ние сметаме дека оваа шанса не треба да се пропушти“, вели Маричиќ. 

Тој порача дека со насилни протести под влијание на сили кои не ѝ мислат добро на Северна Македонија, ќе се разбистри ситуацијата дека ова е навистина шанса за земјата да го сочува мирот, стабилноста и европската перспектива.

„Вреди сега да собереме сила и да го направиме овој чекор оти на дофат ни е нешто што сме го чекале 17 години. Овој предлог е подобар од првично предложениот и не треба да се пропушти шансата. Со ова се определува нашиот тек со преговорите со Европската Унија од почеток до крај и овој пакет ќе го затвори сериозниот спор кој го имаме со Бугарија кој трае веќе 2-3 години. Добро е што дел од партиите веќе се изјаснија за предлогот, има некои кои се уште размислуваат, а ние не очекуваме секој да биде уверен но очекуваме да имаме критична маса која ќе биде уверена“, изјави Маричиќ.

Концептот е насочен кон креирање на оптимален даночен систем, кој ќе го поддржи економскиот раст, а со тоа и животниот стандард на нашите граѓани.

 

повеќе

Иако е важно да бараме решенија за нашата заедничка историја и да се обидеме да ги разликуваме фактите од пропагандата, зарем не е исто така важно да научиме да живееме заедно и покрај нашите различни и силно политизирани гледишта?

повеќе

Нашето општество е социјално неправедно, а социјалната неправда е, и ќе биде погубна.

повеќе