Со Македонците во Грција

Само панаѓурите ни останаа, сѐ друго ни зедоа! (ФОТО+ВИДЕО)

Исток нѐ отпиша, Запад не нѐ запишуе! Ова е една од репликите од филмот „Среќна нова '49“, со која еднакво добро може да се опишат чувствата на Македонците во Грција. Ако Исток и Запад ги замените со Атина и Скопје. Досега можеби и имавме некаква надеж во Македонија, во Скопје, но по Преспанскиот договор Заев и Димитров си го кажаа своето. Сега само овие прослави ни останаа да покажеме дека сме Македонци, кои тука со векови живееле, велат организаторите на вчерашната прослава на Света Марина во селото Цармариново.

Околу илјада Македонци од Цармариново (Марина) и околните села околу Негуш, како и секоја година и вчера се собраа на прославата сретсело на Света Марина. Прославија и ден пред тоа, ама што пречи ако прослават уште еден ден. И вчера, понеделник, македонските песни и ора се слушаа до рано утрово, до два часот по полноќ.

Здружението „Македонците од Цармариново“ постои од 1982 година. Дел од раководството на ова здружение се и членови на партијата на Македонците во Грција, Виножито.

„Се бериме од сите страни. Кај има панаѓур, таму одиме. Нашиот народ го сака ова. Сака да слуша и да пее македонски песни. За жал, само тоа ни остана. Училишта на македонски јазик немаме, медиуми на македонски јазик немаме, никаква помош од државата за ова не добиваме... А сега и Преспанскиот договор! Па каде ви се очите? Што сторивте“, нè прашуваат со горчина во гласот членовите на Виножито.

Тие потсетија на „глупавата одредба од договорот дека Македонци во Грција нема, и дека таа определба сега е дозволена само за Грците од овој крај“.

„А кај сме ние? Што сме ние? Ние сме Македонците. Само ние сме Македонци. Вие во Скопје и во Северна Македонија сега сте Скопјани или Северномакедонци. А ние тука сме Македонци, да знаете“, велат Македонците од Цармариново.

Она што беше охрабрувачки во однос на опстанокот на Македонците во Егејска Македонија за време на вчерашната прослава е присуството на младите. Тие беа најмногубројни насекаде. По масите, во ората, во песните, во прославата. Иако голем дел од нив многу лошо го зборуваат македонскиот јазик, сепак секоја македонска песна слободно ја пеат, ги знаат зборовите, го разбираат значењето на песната, се радуваат...

Македонската традиција грижливо се чува во Цармариново

„Тоа за нас е многу важно. Кога не можат во училиште, тогаш барем вака, преку македонската песна да почнат да го учат македонскиот јазик. Тие го слушаат македонскиот јазик и по дома, ама тешко го зборуваат. Тоа и го бараме веќе со десетлетија од грчката држава - изучување и на македонскиот јазик по основните училишта во Егејска Македонија. Ама, не даваат“, вели еден од членовите на Виножито.

Тука зборуваме за основното, базично право на кое било малцинство во светот - учење на мајчиниот јазик и зачувување на нивната култура, традиција, обичаи, топоними, сопствени имиња...

„Но кога и да им споменеме на грчките власти македонски јазик, веднаш им се крева косата на главата. Тие многу итро и тивко си работат на планот на асимилацијата на овој народ. Со притисоци, со забрани, со закани од државните органи, со страв... Но гледате колку млади има денеска тука. Такво нешто едноставно не може да се случи. Македонците беа тука со векови, така и ќе остане“, вели 76-годишниот чичко Сотир, кој дошол од Неред.

И младиот Ѓорги, кој доста добро го владее македонскиот јазик само затоа што едно лето бил дел од курсевите за изучување на македонскиот јазик во Охрид, е гневен на она што го направија македонските политичари со Преспанскиот договор.

„Сѐ продадоа. Сега ни е дури и полошо. Досега имавме некаква надеж дека Скопје, Македонија, нѐ брани. Сега сами останавме. Од Атина ништо не може да се чека. Го продадоа името, за што?“, гневно прашува Ѓорги, кој е член и на играорната група од селото.

„Тука сме со векови, тука остануваме,

И свето име не менуваме,

Македонски песни гордо пееме...“.

Ова е рефренот на една од новокомпонираните песни, кои барем ние не сме ги слушнале во Македонија, но кога групата „Златна нота“ од Лерин почна да ги свири и пее, предизвика вистинска бура од емоции меѓу сите насобрани тука.

„Ни останаа само панаѓурите, сѐ друго ни зедоа“, ни рече со измешани чувства 62-годишниот Јани.

Во два часот по полноќ, иако денеска е работен ден, никој не сакаше да си оди. Кога „Златна нота“ почна да си ги собира инструментите, тоа значеше дека е крај.

До петок. До наредниот панаѓур во Овчарани, Сештево, Крпешина...

Александар Дамовски

Објавено

Вторник, Јули 16, 2019 - 09:39

Силите на антиглобализацијата веќе стануваат доволно моќни да и зададат значаен удар на светската економија. 

повеќе

Не се соочуваме со вооружен конфликт, туку со војна на мисли. Чувството на страв, несигурност или територија по самоубиствен напад, никогаш повеќе не можеш да го вратиш.

повеќе