Стагнира пописниот процес во странство

Само 12 илјади лица од дијаспората се самопопишаа по одложувањето на пописот

До утрово во 8 часот вкупно 189.852 лица со македонско државјанство, кои живеат во странство или се наоѓааг таму на престој подолго од 12 месеци, се самопопишале преку електронската апликација на Државниот завод за статистика. Пописот на населението кој во земјава требаше да се спроведе од 1 до 21 април, а поради третиот бран од епидемијата со ковид-19 е одложен за септември, не е прекинат во дијаспората и ќе трае сѐ до 30 септември. 

Но, по политичката одлука за одложување на пописот за септември, на 1 април, кога официјално требаше да започне пописот во земјава, во дијаспората беа попишани 177.875 илјади македонски државјани. Тоа значи дека сега самопопишувањето на дијаспората преку електронската апликација на Државниот завод за статистика е во извесна стагнација, бидејќи за повеќе од еден месец своите податоци за пописот на населението ги оставиле само уште 12 илјади лица.

Наспроти големата политичка активност, особено на партиите на Албанците и на нивните функционери, при што тие лобираа и преку странски државници, во овој период по одлуката за одложување на пописот, таква активност речиси и да нема.

Моменталната стагнација во прв ред се должи на информираност во дијаспората дека пописот е одложен.

Засега нема проценка дали и за колку бројот на попишани државјани во странство ќе се зголеми наесен, кога ќе започне нова кампања за учество во пописот.

Најголем број од дијаспората се попиша во Швајцарија - над 62 илјади лица, потоа во Германија - 43 илјади, Италија - 27 илјади, Австрија - 11 илјади, а и натаму е низок одзивот во прекуокеанските држави - во САД нешто над 8 илјади, Австралија околу 2,5 илјади и Канада со само 1,7 илјади самопопишани граѓани со македонско државјанство. Во Косово и Албанија заедно вкупно се попишани околу 2 илјади лица.

Според повеќето статистичари, во изминатите децении се случи голем одлив на население и проценките се дека Македонија во моментов веројатно нема повеќе од 1,6 до 1,7 милиони резидентно население. Последниот попис од пред речиси 20 години вели дека во земјава живееле малку над 2 милиона луѓе, а тоа може да значи дека неколку стотици илјади заминале во потрага по подобар живот.

Инаку, Македонија е една од ретките држави која ги попишува и лицата кои живеат надвор од земјата, а кои, како што тоа за МКД.мк го изјави директорот на Заводот за статистика Апостол Симовски, нема да бидат вклучени во вкупната бројка на резидентно население. Симовски нагласи дека мегодологијата е усогласена со Еуростат, а дека во препораките се вели дека „земјите кои имаат проблеми во поглед на сознанија за емиграцијата, дека можат и дека е пожелно, да приберат податоци за лицата кои емигрирале“. 

Попишувањето на дијаспората беше и жешка политичка тема и тоа предизвика сомневања во искреноста на пописниот процес. На изјавите од лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски дека со попишувањето на дијаспората се прави обид во вкупното население во земјава да се уфрли и бројот на дијаспората, со цел да се подигне процентот на Албанците, тогаш Симовски за МКД.мк изјави:

„Ние ќе го броиме и резидентното и нерезидентното население, но ќе ги одвоиме по категории, бројот на резидентното население ќе го испратиме до Еуростат и до Обединетите нации, а нерезидентното ќе го прибереме за нас, како сознание за идни политики на државата. Нерезидентното население, односно нашата дијаспора, ќе се брои во државите каде тие живеат. Тој е стандардот и ние не излегуваме ниту милиметар од тие меѓународни регултиви. Како со тие податоци ќе се однесуваат партиите не можеме да навлегуваме, тие тоа некогаш го прават заради сопствен рејтинг, а некогаш со одделни изјави и поради неразбирање на материјата...Се разбира не нѝ помислуваме како население на државава да броиме, на пример, иселеници во Канада кои таму живеат и кои ќе бидат опфатени со тамошен попис на населението. Таман работа да ги удвојуваме бројките".

Како што тој нагласи, резултатите од пописот во дијаспората можат да бидат од значење за развојните стратегии на Владата во насока и на внатрешно планирање на економските и други мерки, како и во насока на планирање на стратегии за враќање на иселените лица во земјава.

Што се однесува до партиите, тие сега својата политика по одложувањето на пописот ја насочија кон други активности. Во нивните штабови велат дека новиот термин за спроведување на пописот на населението засега е апсолвирано прашање и дека политичкиот договор и измените во законот за попис се во сила и дека само евентуално нова виша сила, како што тоа беше третиот силен бран на коронавирусот, би можела да доведе до повторно одложување. 

Македонија е инаку редок светски пример каде две децении не е спроведена најважната статистичка операција за една земја - пописот на населението. Последниот попис е одржан во 2002 година, додека во 2011 година пописот кој веќе беше започнат, беше одложен по 10 дена кога државната Пописна комисија поднесе колективна оставка сметајќи дека нема услови, а за случајот со овој попис и заради потрошените пари истрага отвори Специјалното јавно обвинителство.

Според СЈО, осомничените, лидерите на ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ, Никола Груевски и Али Ахмети, по започнувањето на постапката за попис на населението во земјата, сфатиле дека пописот ќе им нанесе штета на тогаш владејачките две партии, па водејќи се од лични интереси и со цел задржување на моќта, ја прекинале постапката, со што е предизвикана штета од над 175 милиони денари.

П.Џ.

Алчноста за максимизирање на површината на градење ја помина „црвената линија“. Градот полека ја сече гранката на која седи.

повеќе

Пристигна барањето од етничкиот албански фактор во политиката за тоа да има промена во химната, знамето и грбот на државата.

повеќе

Доколку најмоќните луѓе во земјата (вклучително и претседателот Милановиќ) не престанат со вербалните напади и притисоци врз новинари и медиуми, се плашам дека Хрватска ќе појде по стапките на Унгарија, Полска и Словенија во однос на (не)слободата на медиумите, што секако не е европски, туку автократски пат.

повеќе