Интервју со професорот и колумнист од Лондон

Самјуели: Немате шанси за скоро членство во ЕУ, за кое од некоја чудна причина многу нации сонуваат

Членството во ЕУ, за кое од некоја чудна причина многу нации сонуваат, не е на маса. По самитот во Брдо кај Крањ во Словенија стана јасно дека шесте земји на Западен Балкан нема шанси во скоро време да бидат поканети во ЕУ. Ги имате конфликтите меѓу Македонија и Бугарија, па го имате конфликтот меѓу Србија и Косово, па имате нефункционална држава како БиХ... Од друга страна, ЕУ во моментов се наоѓа во судир со Полска и Унгарија, сè уште ги лечи раните од заминувањето на Велика Британија... Ова дефинитивно не е време за да внесете некој нов во ЕУ, вели во интервју за МКД.мк Џорџ Самуели, професор од Лондон, колумнист, познат противник на западната надворешна политика.

Самjуели е виш научен соработник во Институтот за глобална политика во Лондон, колумнист и соработник на Њујорк прес, на Антивор (Antiwar.com), Раша тудеј (Russia today) Каунтерпанч (Counterpunch), Обсервер (The Observer) и Центарот за истражување на глобализацијата. Тој за последната книга на професорката Билјана Ванковска „Членството во НАТО: на линијата на фронтот“ вели дека е извонредно четиво за заблудите и измамите што доведоа до принудниот влез на Македонија во НАТО-клубот и дека е изненаден дека таква слободна критика сѐ уште е дозволена во Македонија. Членството во НАТО ќе направи многу малку за безбедноста или политичката стабилност на Македонија, тоа сигурно нема да го постигне мирот и просперитетот што ѝ се толку потребни на оваа мала земја, вели Самјуели, кој по потекло е унгарски Евреин. Тој е роден во Унгарија во семејство на истакнати комунистички лидери, кои потоа станале антикомунисти-азиланти и заминале во Велика Британија, каде што Самјуели се школувал и докторирал на лондонскиот Метрополитен универзитет. Разговорот со него беше многу интересен, а неговите провокативни одговори можно е да предизвикаат различни реакции.

 

Според антикомунистичката историја на Вашата фамилија, Вие денес требаше да бидете еден од најголемите критичари на политиките на Русија и Кина и најголем поддржувач на она што денеска го прават САД и ЕУ. Вашата книга „Бомби за мир“ покажува нешто сосема друго. Каде „згрешивте“ во вашето образование и идеолошката определба?

- Ова е многу добро прашање. Апсолутно сте во право! Пораснат сум навистина во една антикомунистичка атмосфера. Мојот татко, се разбира, беше истакнат член на познато комунистичко семејство. Неговиот чичко беше лидер на КП на Унгарија од 1919 година, односно на краткотрајната Советска република Унгарија. Но, живеејќи во Советскиот Сојуз, а потоа и во Унгарија, тој сепак постепено ги смени своите погледи кон светот, а во почетокот на 60-тите години најде начин да дојде во Обединетото Кралство, побара политички азил и стана познат антикомунистички историчар, писател, коментатор итн.

Да, ете, во такви околности пораснав и јас. Многу години навистина бев антикомунист. Но она што се случи потоа, во 1991 година, комунизмот и Советскиот Сојуз се предадоа, односно го напуштија сето она за што дотогаш се залагаа, ги напуштија сите свои проекти, како оној за ширење на комунизмот и кредото за светски комунизам (барем во раната ера на советското владеење), сето тоа пропадна или беше напуштено. Така, природно, принципиелните позиции на секој антикомунист требаше да гласат: Во ред, сега е готово со комунизмот, СССР го распушти Варшавскиот договор, се откажа од командувањето со своите источноевропски сателити…, па време е истото да го направи и Западот.

Време е и НАТО да се самораспушти, бидејќи веќе не постои потребата за негово постоење. И, се разбира, разни други европски безбедносни аранжмани можеа да се изградат, согласно со националните интереси на европските држави. Но, ништо од тоа не се случи! Во рамките на САД, под водство на администрацијата на Џорџ Буш, се појави движење познато како неокон (неоконзервативци), чија цел беше целосна доминација во светот, предводена од САД, а со помош на неговиот инструмент НАТО. Идејата беше да не се дозволи каква било сила, на кој било континент, да ѝ стане ривал на американската супремација. Така, наместо НАТО да се распушти, идејата сега беше алијансата да се проширува и да се засилува.

И покрај сите ветувања што му беа понудени на Михаил Горбачов за време на германското обединување дека НАТО нема да се проширува, дека нема да има присуство на НАТО во источна Германија, сето тоа беше фрлено во вода. Така, почнувајќи од администрацијата на Клинтон во почетокот на 90-те години, НАТО ја започна својата експанзија, најнапред преку Партнерството за мир, за до 1999 година НАТО практично да ги вгради во себе трите клучни фактори од поранешниот Варшавски договор – Полска, Унгарија и Република Чешка, кои станаа членки на НАТО. Но она што беше, исто така, многу сериозно лежи во фактот што одржувањето на новата структура, односно обновувањето и ревитализирањето на НАТО, беше можно само преку измислување нови задачи и мисии за алијансата, бидејќи веќе не можеа да зборуваат за „советската закана“, или дека Русите ќе ги пуштат „советските орди“ на Европа, тие мораа да пронајдат нова цел за постоењето на НАТО.

Првата цел (а ќе ги има повеќе) беше т.н. хуманитарна интервенција. Она што се случи беше дека, како дел на политиката за целосна светска доминација, САД и Германија, како и нивните сојузници, во основа, ја уништија Југославија. Постоеја неколку причини за ова: првата очигледна причина беше во фактот што Југославија беше независна, таа не беше дел од Варшавскиот пакт, не беше просоветски ориентирана и фактички водеше неутрална политика за време на Студената војна, беше еден од основачите на движењето на неврзаните.

Освен тоа, социјализмот во Југославија беше поинаков, посебен вид, не по советскиот модел или во стилот на источноевропските земји, но се разбира не беше ни социјалдемократски модел каков што постоеше во Западна Европа (како Германија, на пример). И јасно е зошто САД и моќните европски сили не сакаа да толерираат таков „остров на социјализмот“ на тлото на Европа и решија да ја уништат Југославија и го искористија НАТО преку механизмот на хуманитарна интервенција.

Сето ова за мене, на лично ниво, беше фактор што ми ги отвори очите. Јас пораснав со идејата дека Југославија е цивилизирана, со напредна софистицирана култура, филм, филмовите на Душан Макавеев беа познати низ светот, сите ги сакаа тие филмови, луѓето зборуваа за групата Праксис, за тие марксистички филозофи собрани околу неа, кои беа исклучително софистицирани и умни, се зборуваше за југословенската култура, за социјалистичката пазарна економија, за децентрализацијата, работничкото самоуправување... Пораснав мислејќи дека ова е една многу згодна кул-земја, но наеднаш западната пропагандна машинерија беше одврзана и пуштена против Југославија, и нам ни беше кажувано дека Србите (кои ни беа сојузници во двете светски војни) всушност се варвари и дивјаци, нецивилизирано општество, ни беше речено дека единствениот начин да се справиме со нив е со целосна употреба на воената моќ на НАТО, кој тоа навистина го стори прво во 1995 година, а потоа и во 1999 година.

Тоа ме натера да размислам сериозно за западната надворешна политика, за НАТО, и во основа - за западната агресија, и како таа фактички се крие зад разни оправдувања. Така, буквално преку ноќ НАТО премина од онаа приказна „ах, ние мораме да се чуваме и одбраниме од онаа ужасна руска агресија“ кон „ние сме ангели чувари на светот, на обединетите народи, мораме да тргнеме во спасување на кутрите муслимани во Босна, мораме да ги спасиме кутрите „Косовари“ (ете, како измислија назив за овие луѓе...). Тоа навистина ме поттикна и ме натера да ја напишам мојата книга „Бомби за мир“, но е и причината за мојот активизам во годините потоа.

Зошто сметате дека е погрешен концептот дека западноевропската цивилизација е носител на демократијата и слободата?

- Всушност, западноевропската цивилизација е супер, ако под цивилизација подразбираме култура, историја, просветителство, наука, рационален ум, владеење на правото, односно различните нешта за кои обично претпоставуваме дека се содржани во поимот западноевропска цивилизација...

Велам, сето тоа е одлично, на тоа никој ништо не може да забележи. Но она на што навистина може да се приговори е сегашната итерација, преповторување и инсистирање на „западноевропска цивилизација“, сегашниот воукизам (woke), на „вредностите“ (забележувате колку се зборува за вредности што западноевропските елити ги заговараат), т.н. вредности што секој мора да ги прифати, дури и ако луѓето врз кои се наметнуваат тие вредности не ги сметаат за свои вредности.

И навистина, многу луѓе што живеат во Западна Европа (Французи, Италијанци, Германци...) не ги сметаат за свои вредности. Знаете, тоа се доста конзервативни луѓе и не прифаќаат идеи како што се оние за мултикултурализам, трансродови права, истополови бракови, слободна миграција и сл. Таквите луѓе се игнорирани од елитите во Франција, во Италија, и особено оние на ЕУ. Урсула фон дер Лајен доаѓа во Унгарија и држи лекции за вредностите, но таа всушност зборува за своите вредности и за вредностите на своите пријатели, но тоа не се вредности на мнозинството луѓе што живеат во Западна Европа. И тоа денес може лесно да се забележи во конфронтациите со Полска и Унгарија, кои веќе се во ЕУ, а двата народи се стари, и живееле во национални држави многу подолго отколку многу други членки на ЕУ. На пример, унгарското кралство постоело со векови, уште пред појавата на некои западни земји.

И сега ним им се држат предавања за вредности, а останува нејасно од чие име зборува Урсула фон дер Лајен и зошто секој мора да ги прифати тие нејзини вредности. Унгарците велат: Гледајте, ние во Унгарија имаме демократски избори, имаме демократски избрана законодавна власт, и ние одлучуваме како ќе ги образуваме нашите деца (образованието секогаш се сметало за локална работа). Но таа вели: Не, не, без оглед што имате демократски избрана законодавна власт, која носи закони за образованието, ние ќе ги решиме тие работи наместо вас, затоа што ние сме носители на повисока цивилизација и на повисоки вредности.

Јасно, тоа е неприфатливо! Тоа во основа е длабоко антидемократско однесување и во суштина е спротивно на вредностите на европската цивилизација. Самата идеја дека европската цивилизација е споена со трансродовите права, истополови бракови, борба против исламофобијата и другите „вредности“, значи дека елитата зборува од свое име, а не од името на мнозинството на населението во Западна Европа.

Како ја оценувате општоприфатената определба на бившите комунистички источноевропски земји дека овие западноевропски вредности се единствениот пат за демократскиот развој на тие држави?

- Тоа е она за што и досега зборував. ЕУ западна во доста сериозна конфронтација со Полска и Унгарија. Едно од многуте прашања околу кои се спорат се однесува на правата на лицата со инаква сексуална ориентација, трансродовите лица, истополовите бракови, системот на образование – но сега целата работа ги надминува овие прашања. Сега проблемот е и во однос на ставовите поврзани со имиграцијата. Земјите како Полска, Унгарија, но и Чешка, Словачка и други велат: Не! Ние сме прилично мали земји, имаме уникатна култура, посебен јазик... И штом воведете масовна имиграција, сето тоа едноставно ќе исчезне и ќе биде уништено. Тоа не можеме да го примиме. Владата е избрана да ги заштити уникатните придобивки на своето општество, а ако дозволиме влез макар и на помал број мигранти, таа цивилизација ќе исчезне.

Секоја влада од земјите од поранешна источна Европа чувствува дека треба да ја заштити својата специфична цивилизација од слепиот пристап на ЕУ-бирократијата. И сега станува многу сериозно, бидејќи конфронтацијата достигна ниво на кратење фондови, како што е случај со Унгарија и Полска – и тоа во време кога двете земји се обидуваат да се опорават од пандемијата на ковид-19 и од економските изместувања. ЕУ покажува мускули кон непослушните земји-членки за кои вели дека не ги застапуваат вредностите на ЕУ.

Каде грешат ЕУ и САД во наметнувањето на своите вредности, во нивната „извозна политика“?

- Видете, проблемот е во тоа што тие извезуваат нешто што другите земји не сакаат да го купат. Тие се принудени да увезуваат нешто што не го сакаат. Најдобар пример за тоа е целата таа фама што се создаде околу случајот со криминалецот и зависник Џорџ Флојд, кој беше убиен за време на апсење во Минеаполис, САД, во мај 2020 година. Флојд е подигнат на ниво на светец, претставува икона и свет лик. Но за оние што гледаат од страна, се разбира и за многу Американци за кои никој не се ни грижи, Џорџ Флојд беше криминалец со кариера, кој минал години в затвор, зависник од дрога... беше убиен за време на една легитимна полициска акција за спречување на ширење фалсификувани долари.

За целиот свет Флојд не е личност за восхит. Но, поради различните акции на воук-лидерите и елитите што спроведуваат воук-политики, неговиот лик им беше буквално натурен на другите, бутнат низ грло со сила. Така, на пример, дури и во Кабул, Американците нацртаа огромен мурал на Џорџ Флојд, и потоа секако се изненадени што талибанската влада го избриша веднаш по доаѓањето на власт.

Истото се однесува и на многу други земји, каде што на повеќе американски амбасади почнуваат да се истакнуваат слики на Џорџ Флојд, или слики на „Црните животи се важни“ или го веат знамето со виножитото на ЛГБТ-движењето. Во тие земји луѓето гледаат и се зачудени: зошто ни го наметнувате ова? Ако тоа го сакате кај вас дома, во САД, тоа е во ред, правете си го тоа, но немојте нам да ни го натурате. Ова не се наши вредности. Зошто мислите дека и ние треба да ги прифатиме вашите вредности?

Нешто слично беше и со Ангела Меркел кога во 2015 година едноставно ги покани оние што таа ги нарече „сириски бегалци“. Така, одеднаш близу милион луѓе влегоа во Европа, а последица на тоа беше барањето и сите други европски земји да го сторат истото. Бидејќи, нели, ако станува збор за баратели на азил, тогаш правото на азил треба да се овозможи во првата земја во која стасале. Така, повторно, вредностите на Меркел (според кои, на Европа ѝ се потребни мигранти) им беа наметнати на другите, кои едноставно не сакаа да ги примат. Како што веќе кажав, мнозина велат: еј, ако увеземе неколку десетици или стотици илјади мигранти, тоа ќе ја смени нашата култура. Така, нејзините вредности едноставно не се вредности на остатокот на Европа. Се чини таа мислеше дека зборува во името на Европа, но тоа не беше така, иако од сите беше очекувано да ја платат цената на нејзините вредности.

Како би ги оцениле политиките на САД и ЕУ во однос на македонското прашање и сето она што сега се случува со Македонија, со промената на името, со условувањата од Грција и Бугарија и со принудувањето на секоја македонска власт да ги прифаќа тие услови и покорно да слуша?

- Видете, не треба јас да ви кажувам дека начинот на кој Македонија стана членка на НАТО беше навистина апсурден. Се одржа референдум, кој сам по себе беше смешен, бидејќи која е поентата да одржите референдум што не е обврзувачки, но тогаш се случи излезноста да биде само 37 отсто.

Како може ваква ниска излезност на референдум да има каква било валидност; како може одлуката на 37 отсто да биде решавачка за генералната политика на државата? Се разбира, Западноевропејците веднаш извикаа: Во ред, супер, 37 отсто е доволно добра бројка за нас, Македонија гласаше да стане членка на НАТО! Но, се разбира, Западна Европа и Америка имаат различен поглед на референдумите, кои однапред не им се допаѓаат. Така, ако одржите референдум на Крим, каде што огромното мнозинство од населението гласа за придружување кон Русија, е тогаш тоа е проблем, тоа не е прифатливо за Западна Европа, тоа е нелегално.

Ова е навистина смешно! Истото се случи и со референдумите во Хрватска, Словенија во 1991 година, кои беа бесмислени. Освен тоа, кога одржуваш референдум, како што сега беше случај со Македонија, каде што прашањето е сосема бесмислено, како што впрочем беше и она на референдумите во Хрватска и Словенија во 1991 година, тогаш ни референдумот нема смисла. Луѓето што излегоа да гласат не знаеја за што гласаат. Но повторно, Западот и Европејците рекоа: Сè е во ред, ја признаваме валидноста на референдумот – затоа што стануваше збор за референдум што се одвиваше како што тие сакаа. Но, во случајот на Косово, тие воопшто не се ни потрудија да има референдум, туку едноставно продолжија на своја рака и прифатија унилатерална сецесија. Тоа се истите луѓе што беа ужаснати кога Крим гласаше или кога Јужна Осетија и Абхазија ја напуштија Грузија. Не, тоа не е прифатливо за Западна Европа.

Но кога станува збор за Косово, каде што работите одат во полза на НАТО, тогаш е друга приказната. Интересно е зошто тие не сакаа референдум на Косово – бидејќи тоа ќе беше такво посрамување, бидејќи тие експлицитно ветија дека ќе се придржуваат до Резолуцијата 1.244 на Советот за безбедност на ОН, од која беше јасно дека нема простор за никаков референдум. Сакаа да го избегнат тоа, но на крај прифатија унилатерална сецесија. Поентата ми е дека влезот на Македонија во НАТО беше продукт на лажен референдум, тој беше само „смоквин лист“ да се скрие вистината, и Македонија сега е членка на НАТО. Но сега прашањето е што понатаму.

Членството во ЕУ, по кое од некоја чудна причина многу нации сонуваат, не е на маса. По самитот во Брдо кај Крањ во Словенија стана јасно дека шесте земји на „Западен Балкан“ (знаете, убава фраза, „Западен Балкан“) нема шанси да бидат поканети во ЕУ во скоро време.

Ги имате конфликтите меѓу Македонија со Бугарија – тоа е на агендата, па го имате конфликтот меѓу Србија и Косово, кој едвај и да е решен на привремена основа од ЕУ, а пред неколку дена можевме да видиме како го испеглаа (на кус рок), па го имате Косово, кое не е признато како легитимна и независна држава од неколку членки на ЕУ, и во такви услови нема шанси Косово некогаш да се придружи на ЕУ поради очигледното противење на Шпанија, Словачка, итн, па имате нефункционална држава како БиХ, каде што Република Српска ги бојкотира заедничките институции, што БиХ ја прави вештачка држава. Додик, претставникот на Република Српска најавува отцепување до 2030 година... Дали до тоа ќе дојде или не, не знам, но тешко е да замислите дека една дисфункционална држава како таа ќе можете да ја доближите до ЕУ.

Сето ова за проширувањето е само празно говорење, од кое нема ништо да се случи; тоа е живеење со фантазии. Од друга страна, ЕУ во моментов се наоѓа во судир со Полска и Унгарија, сè уште ги лечи раните од заминувањето на Велика Британија... Ова дефинитивно не е време за да внесете некој нов во ЕУ.

Што може Македонија, како мала и сиромашна земја, да добие од членството во НАТО, особено сега, по епизодата во Авганистан?

-Одговорот е едноставен: ништо! Корист од членството во НАТО нема. Единственото нешто што го добивате од членството во НАТО се големите сметки, бидејќи морате да платите за секаков вид воена опрема (хардвер) за да бидете компатибилни со системите на НАТО и сл.

Една сиромашна земја како Македонија не може да си дозволи такви набавки на скапа опрема, која впрочем не ѝ е ни потребна. Конечно: кои се непријателите на Македонија? Која е целта на македонското членство во НАТО? Со кого би се борела? Русија? Македонија нема проблеми со Русија. Единствените држави со кои Македонија имала и има проблеми се Бугарија и Грција, а тие се земји-членки на НАТО. Која е тогаш целта? Ако е планот да се отворат нови воени авантури во иднина, сега, кога е готово со Авганистан, можеби распоредување во Ирак, можеби во Сирија, или можеби подалеку во Централна Азија или дури Африка... Зошто Македонија би го сакала тоа? Што од тоа ќе добие Македонија? Може да изгуби луѓе, или би се соочила со економски трошоци во ситуација кога земјата едвај врзува крај со крај... Нема никакви придобивки за Македонија од членството во НАТО. И очигледно, јас не гледам ама баш никаква причина за опстојувањето на НАТО, бидејќи НАТО е дестабилизирачка сила, експанизонистичка и агресивна сила, која бара начини да го оправда своето постоење, така влегувајќи во конфликти со држави кои не му веруваат на НАТО, како Русија, а јас верувам дека судирот со Кина исто така е веројатен...

Вие сте и новинар и професор и коментатор на РТ... Има ли цензура во тој либерален и слободен западноевропски свет? Дали Вие лично сте се соочиле со некаква забрана за објавување на Вашите коментари?

-Се разбира, одговорот е дека има голема цензура, и не морам да ви наведувам цела листа на примери на сите облици на цензура што се случуваат.

Гледате што прават Фејсбук, Твитер, знаеме како Гугл манипулира со алгоритмот така што конвенционалните големи медиумски (мејнстрим) погледи излегуваат на површината, а другите едноставно исчезнуваат, не можете ни да ги најдете. А тоа се многу вредни извори на информации, како на пример, оние што одат на Антивор, Мун оф Алабама, Греј зоун и сличните се извонредни извори на вести, но на Гугл не можете да ги најдете. Конвенционалните мејнстрим извори се главни. Другите ги нема.

На пример, јас пишувам доста за меѓународниот трибунал за поранешна Југославија, обидете се да прогуглате нешто за тоа, и сè што ќе најдете ќе бидат сите позитивни и пофални зборови за трибуналот, но критичарите (а постојат некои извонредни меѓу нив, како Едвард Херман, Дејвид Питерсон, Џон Лохланд...) – нема да ги најдете! Оттука, цензурата е нешто што постојано се одвива. И се разбира со Фејсбук и Твитер видовме како носат арбитрарни одлуки за нешто, како на пример „говор на омраза“ – и тогаш личноста едноставно ја снемува. Се сеќаваме дека по изборите во САД од 2016 година, Фејсбук и Твитер почнаа да бришат коментари и да деплатформираат корисници со образложение дека се „руски ботови“ или дека „работат за Иран“ или нешто слично.

Никој точно не знае како и врз кои критериуми постапува Фејсбук, за обвинувањата едноставно нема докази, никој не може да ја докаже својата невиност кога е обвинет, но тоа е тоа. Тоа се случува постојано. Тоа е нашето секојдневие. На лично ниво, морам да кажам дека вообичаените погледи за војната во Југославија се сеприсутни на Западот. Многу е тешко да се доведат во прашање и да се предизвикаат. Во моментот кога ќе се обидете да го сторите тоа, ризикувате да бидете маргинализиран. Да бидам фер, треба да кажам дека тоа сега се случува поретко од порано. Причината за тоа е што многу нешта веќе се дел на некое подалечно минато, многу луѓе не знаат многу за бивша Југославија, па кога зборувате за тие настани – луѓето не знаат многу за нив, сакаат да слушнат, но тоа е за нив дамнешно минато...

Но ако спомнете нешто за Сребреница, тоа е како светиот грал, сите западни влади, САД или европски, секој јули клекнуваат на колена во ритуал на некакво обожавање на оваа света меморија за Сребреница, иако некои факти се доста извртени... Но пропагандната машина на НАТО игра голема улога и таа не може да се откаже од Сребреница...

Ако го доведете ова во прашање, тогаш животот ќе ви стане навистина многу тежок.

Александар Дамовски

Објавено

Вторник, Октомври 12, 2021 - 14:17

Македонскиот народ мора да ја заштити автокефалноста на својата Македонска православна црква - Охридска архиепископија, како еден од носечките елементи на неговиот идентитет, од сите загрозувања од Фанар, од СПЦ и другите меѓународни црковни и други чинители. Време е за нов Македонски црковно-народен собир, како во 1945 година.

повеќе

Сите политичари и безмалку сите новинари во Македонија, се со став дека нема или поточно не е можен план Б во преговарањето за влез во ЕУ со Бугарија.

повеќе

(Насловот е на турски со причина, во превод, „писмо или револвер“.)

повеќе