Истрага на ОЦЦРП

Руски бизнисмен стои зад немирите во Македонија за името

Руски милијардер што живее во Грција им дал стотици илјади евра на македонски противници на промената на името на земјата. Меѓу оние што примиле пари се и фудбалски хулигани што протестираа во главниот град.

Македонскиот премиер обвини „грчки бизнисмени“ наклонети кон интересите на Русија за поттикнување на немирите во земјата поради предложената промена на нејзиното име, која, ако се оствари, конечно ќе ѝ овозможи да влезе во НАТО.

Сега, документи од Министерството за внатрешни работи што ги видело здржението Истражувачка репортерска лабораторија Македонија (ИРЛМакедонија), партнер на Проектот за известување за организиран криминал и корупција (ОЦЦРП), го откриваат изворот на барем некои од исплатите: рускиот милијардер што живее во Грција Иван Савиди, кој порано беше член на рускиот парламент, им дал најмалку 300.000 евра на противници на преименувањето на земјата.

Овие исплати биле извршени преку над десет македонски политичари од разни партии, членови на неодамна основани радикални националистички организации и фудбалски хулигани од клубот Вардар, кои учествуваа во неодамнешните немири, вели ОЦЦРП.

На денот кога Македонија го потпиша договорот со Грција, демонстрантите извикуваа „Македонија, Македонија“ на улиците на Скопје. Толпата од околу 1.500 побара прозападниот премиер Зоран Заев да се повлече. Молотов коктел беше фрлен во зградата на парламентот, но не предизвика никаква штета. Дваесет и шест лица беа уапсени.

Сега, новинарите открија дека на македонски противници на новото име им се исплатени најмалку 300.000 евра од страна на Иван Савиди, милијардер роден во Грузија, кој сега живее во Грција, но поголем дел од својот живот поминал во Русија и некогаш бил парламентарец на земјата како член на владејачката партија Обединета Русија, вели истражувачката група, која пред две години ја откри и аферата „Панама пејперс“. Москва се противи на проширувањето на НАТО и користи разни форми на мека моќ за да ги спречи источноевропските земји да се приклучат кон сојузот.

Грузиецот Савиди, познат и како Савидис, го стекнал своето богатство во приватизацијата на она што ќе стане најголема руска тутунска компанија. Тој е еден од најбогатите бизнисмени во Русија, со богатство од околу 2 милијарди американски долари. Откако се преселил во Грција во средината на 2000-те, го купил фудбалскиот клуб ПАОК и разни медиуми, а неговата бизнис-империја сега доминира во вториот по големина град Солун.

Документите што ги виделе новинарите покажуваат дека Савиди ги префрлал парите во Македонија во серија исплати. Некои од нив биле извршени во готовина и рачно пренесени преку грчката граница; биле користени и други методи. Полициски извори, кои побарале да останат анонимни, велат дека е во тек истрага за трансферите, заедно со посебна истрага за бизнисите што можеби ги поткопуваат мирот и безбедноста во регионот.

Новинарите од ИРЛМакедонија ги потврдиле трансферите на бизнисменот со некои од примачите и со финансиските институции.

Примачите што ги потврдиле трансферите на пари се група фудбалски хулигани поврзани со Комити, навивачки клуб на фудбалскиот тим Вардар. Истите мажи учествувале во насилните протести во Скопје, а десетмина беа уапсени. Еден од хулиганите-учесници потврдил за новинарите дека групата добила пари од Савиди. Документите исто така покажуваат дека некои членови на групата не се согласиле да примат пари.

„Комитите“ се добро познати по своите врски со политиката, особено со соборената ВМРО-ДПМНЕ, а и во минатото беа користени за да поттикнат политичко насилство.

Фудбалскиот клуб Вардар е во сопственост на рускиот милионер Сергеј Самсоненко, кој, како и Савиди, живеел во рускиот град Ростов. Сега живее во Скопје и е почесен конзул на Русија во македонскиот град Битола.

На поранешниот лидер на Комити, Александар „Жути“ Колевски, викендов му беше забранет влез во Грција како персона нон грата бидејќи претставувал „опасност за јавниот мир и безбедност, внатрешната безбедност, како и за меѓународните односи на Грција“, според грчки документи што ги добила ИРЛМакедонија.

Кога го исконтактирале новинарите, Колевски рекол: „Јас не сум закана за безбедноста. Сè што правам е од љубов кон земјата. Не сум добил пари. Јас сум едноставно навивач на Вардар.“

Савиди не одговорил на прашањата на новинарите до моментот на објавување на текстот.

Полициската истрага е во тек, вели ОЦЦРП.

Новинарите на хрватски ТРИС се приклучија во патувачкиот новинарски карван до земјата без име.

повеќе

Лидерството на опозициската ВМРО-ДПМНЕ мора да излезе јавно, на прес конференција, заедно со сите пратеници, и да објават прекин на секакво понатамошно учество во дискусија на собраниската седница.

повеќе

Според Агенцијата за вработување, најмногу невработени има меѓу дипломираните правници, економисти, професори по одделенска настава на македонски и албански јазик и социјални работници. 

повеќе