Нов Закон за заштита на правата за заедниците

Рубин Земон: Во целиот свет неприфатливо е правата на заедниците да се определуваат според бројки

Проф. д-р Рубин Земон, пратеник во Собранието, веќе подолг период се бори за уредување на правата на помалобројните етнички заедници. Вчера дел и од неговите предлози се прифатени и преточени во Закон за заштита на правата за заедниците што се помалку од 20% од населението во Македонија. Ова е само дел од визијата за проектот „Едно општество за сите" со развиена интеркултурност.

Што носи како новитет и што подобрува новиот Закон?

- Нашата држава уште во 1998 година ја потпиша и ја ратификува Рамковната конвенција за заштита на националните малцинства при Советот на Европа. Меѓутоа, од ред причини тоа што го прифативме како меѓународни стандарди и дека ќе го спроведуваме, го исполнуваме делумно и стихијно, а понекогаш и многу лаички, со прилично скромно познавање на проблематиката и од тие што ги носат одлуките, и од тие што ги спроведуваат политиките, но и од претставниците на заедниците, било тоа да се политичките, било невладините. Се разбира, чест на исклучоците.

Понекаде може да се пронајде поединец што е добар познавач на проблематиките за заштитата на националните малцинства, но генерално земено за жал кај нас владее потпросечно познавање на оваа проблематика, не само во полето на заштитата на правата за заедниците, туку и во полето на познавањето на различноста, вредностите на заедниците, мултикултурализмот и интеркултурализмот воопшто.

Со новиот закон прво нашето законодавство се ускладува со стандардите на Рамковната конвенција за заштита на националните малцинства. Законски се утврдува дека се забранува каков било вид дискриминација кон припадник на заедница, се гарантира зачувувањето на стекнатите права, законски се уредува дека припадниците на заедниците имаат право слободно да го изразуваат, негуваат и развиваат својот идентитет и особеностите на своите заедници, согласно со закон, како и дека им се гарантира заштита на етничкиот, културниот, јазичниот и верскиот идентитет.

Но ова веќе е содржано во Уставот...

-Можеби на прв поглед овие новини во законот ни изгледаат прилично одомаќени и дека не е некоја новина. Да, тоа го гарантира и Уставот, но досега тие права не беа и законски утврдени, т.е. не беше сработена „домашната задача“.

За разлика од стариот закон, кој имаше 24 члена, новиот има 41 член, што како факт само по себе зборува дека прилично е длабоко навлезено во подетално определување и законско уредување на многу феномени и проблеми што се утврдени во досегашниот период. Прилично се добро утврдени и мисијата, целите и задачите на Агенцијата за остварување и заштита на правата на заедниците околу промовирањето на меѓусебното разбирање и толеранција на сите заедници заради одржување, негување и зајакнување на општествената кохезија во Република Северна Македонија. Со новите измени Агенцијата станува значаен фактор во креирањето на политиките и донесувањето на одлуките, нешто што досега не беше пример.

Зошто ни требаше толку време за да го усвоиме новиот Закон за правата на заедниците помали од 20%?

-Прво, според мене, за една сериозна демократска земја тоа воопшто не е хендикеп. Кога се менува нешто како законско решение, прво треба да се направи добра анализа на состојбата, добра постевалуација на влијанието на законите, добра екс-анте евалуација, да се консултираат сите заинтересирани страни, да се подготви нацрт верзија на текстот на закон, па има повторно процес на јавна дебата, да се инкорпорираат конструктивните забелешки, па потоа, да се помине низ собраниските процедури.

Морам да кажам и да се гордеам со тоа дека процесот на донесувањето на овој закон ги помина сите овие фази и редок пример на донесени закони, ако не и единствен за кој е направена екс-пост евалуација. Така се носат сериозни и квалитетни закони.

Една од темите за кои се преговара при пристапувањето во ЕУ е и да нема итни процедури кога се носат законите од страна на парламентот. Во оваа прилика сакам да им честитам на директорот и заменик директорот на Агенцијата за остварување и заштита на правата на заедниците Илхан Рахман и Џело Хоџиќ, како и на сите лица од Агенцијата што крајно професионално работеа низ цел процес што го опишав погоре, на мисијата на ОБСЕ кои цело време ја даваа поддршката и експертизата, како и на делегацијата на ЕУ. Со оглед на тоа дека се натрупаа и голем број предлог закони при крајот на 2019, но и провидната блокада од страна на опозицијата, требаше прилично време и во собраниската процедура да помине низ прво читање, јавна расправа, па амандманска расправа и на крајот второ и трето читање.

Сакам да му искажам и благодарност на поранешниот амбасадор на ЕУ Ерван Фуере, кој помогна да се забрза и собраниската процедура, т.е. да се постави на повисока агенда за разгледување и усвојување на овој Закон.

Што навистина добиваат Египќаните, Ромите, Турците, Србите...?

-Добиваат уште една квалитетна алатка и поквалитетна државна Агенција во зачувувањето на нивниот идентитет, култура во подобрата интеграција во општеството и учеството во јавниот живот.

Остана ли сепак горчината кај Вас во однос на оваа резервираност на македонското општество поинаку да ги решава правата на заедниците што се помалку од 20% од населението во Македонија?

-Па не би рекол дека чувствувам горчина, бидејќи за овие 3 години се прават сериозни чекори за да се изедначат сите граѓани во своите права. Драго ми е што јас лично иницирав во октомври 2018 како тогашен посебен советник на премиерот за развој на мултикултурното општество и интеркултурализам и тоа се прифати од Владата да се подготви Национална стратегија за развој на концептот за Едно општество и интеркултурализмот. Стратегијата почна да се имплементира од почетокот на оваа година и мислам дека значително ќе се унапредува состојбата.

Визијата на Стратегијата е Република Северна Македонија да биде изградена врз концептот „Едно општество за сите“ со развиена интеркултурност, а под поимот Едно општество за сите се подразбира: признавање на сите различности, гарантирање и обезбедување еднаквост, социјална правда, правичност, еднакви можности на мажите и жените, вклученост и учество на граѓаните во одлучувањето и постигнување општествена кохезија. Се преземаат сериозни државни политики да се намали јазот помеѓу заедниците, а сето тоа е процес што трае со години и децении, не може тоа да се промени преку ноќ. А за да има промени, потребни се државни стратегии.

Ви пречи ли таа бројка од 20%?

- Да! Со тоа да се определуваат правата според бројки и проценти генерално е неприфатливо за целиот свет. Ниту една меѓународна конвенција не определува права според бројки и проценти. Тоа е „закон на пребројување и опстанува посилниот“, што е „закон на џунглата“.

Кодот на цивилизацијата е да се признава секоја различност и да се негува секоја култура без разлика на големината и квантитетот. А што правиме тогаш со квалитетот?! Затоа со „брзина на светлината“ неповратно ни се губат вредностите. Јас поднесов и амандман од насловот на Законот за заштитата на правата на заедниците да се тргнат зборовите „кои се помалку од 20%“. Претставникот на Владата немаше ригиден став околу тоа да остане или не, но се изненадив од некои пратеници на помалите заедници, меѓу кои и еден наш угледен професор во филозофијата, но јасно со недоволна упатеност кон проблематиката на заштитата на националните малцинства, како во овој период од 19 години станале „жртви на стокхолмскиот синдром“ и изигруваа „поголеми католици од Папата“ на амандманската расправа.

Уште почудно е што истите тие пратеници на првото читање на предлог законот први се залагаа да се тргне тоа „заедници помалку од 20%“ од Законот. Но, што да се прави, во политиката има и некои чудни однесувања на луѓето. А кога зборуваме за процентите, има земји во Европа и светот што имаат малцинство што е и по 30, 40 % од населението, па не прават ваква стратификација и остра подвоеност на заедниците како кај нас.

Како помалобројните етнички заедници да станат рамноправни со повеќебројните етнички заедници?

-Во политичкиот живот на земјата, треба само да се промени изборниот модел за парламентарните избори. Една изборна единица, без праг и промена на Донтовата формула за пресметување на мандатите, со некоја од формулите што се повеќе настроени кон помалите партии. Тогаш секој глас во земјата ќе има иста вредност, и волјата на гласачите најсоодветно ќе се преслика во Собранието. Тогаш ќе се добијат поголем број пратеници и од помалку многубројните заедници, кои ќе имаат поголема додадена вредност во политичкиот живот.

Има и земји, меѓу кои и некои од нашето соседство или регионот, што имаат и изборен модел со резервирани места за малцинствата. И таков некој модел може да придонесе помалобројните заедници да бидат порамноправни во процесот на донесувањето на одлуките.

Се согласувате ли со квалификацијата дека во Македонија Македонците и Албанците се поважни од сите други?

- Таа квалификација е од етноцентристичките теории. За мене сите граѓани се подеднакво важни. Секој граѓанин има и свој идентитет и култура, но тоа спаѓа во приватна сфера на секој граѓанин. Кон државата и јавните институции сите граѓани се еднакви.

Јасни ми се сите антагонизми и контрадикции во нашето општество, сите проблеми околу употребата на јазикот, но ние мораме да најдеме заеднички напори и алатки да ги премостиме сите проблеми, со почитување на идентитетот, културата, па и јазикот на секој граѓанин.

Македонскиот јазик и идентитет максимално треба да се афирмираат кај нас и во светот и тоа за мене воопшто не е спорно.

Тоа треба да го спроведува државата со стратегии и проекти. Некои од барањата за албанскиот јазик, мислам дека беа префорсирани, и не можат така лесно да се спроведат. Зборував претходно за екс-пост и екс-анте евалуација на законите. Мислам дека пред да се оди кон унапредување на некои од правата, особено околу нивната реална имплементација, треба прво да се направат добри евалуации и да се согледа точно потребата за некоја од културните или јазичните права. Мислам дека и обичниот граѓанин од албанската заедница кај нас веќе ја преброди фазата на национал-романтизам и етноцентризам, тие повеќе сакаат да живеат нормален современ живот отколку да им се исполнуваат некои етноцентристички политики од кои немаат никаков реал-политички бенефит.

Јас сум од Струга, имам голем број пријатели од детството од албанската заедница, со кои постојано сум во контакт и ова што го зборувам е заклучок од моите контакти со нив.

Далеку ли сме од дефинирање на македонското општество како граѓанско?

-Нашето општество со векови е граѓанско, имало други имиња и за жал државни системи и режими што не сакале да градат општество на еднакви граѓани.

За време на Отоманската Империја и т.н. Милет систем сме биле пример за денешните современи западни општества за религиозна и етничка толеранцијата и заедничко ко-егзистирање. За време на Титова Југославија, со моделот на „братство-единство“ голем број на нации ни завидуваа. И сега нашиот Устав е граѓански, само политиките и законите се такви што градеа и градат поделено општество по сите линии - етнички, верски, јазични, политички, родови... Градењето мултикултурно и граѓанско општество е процес што се развива и тој си ги следи внатрешните законитости и влијанијата од надвор. Некои негативни феномени или кругови што тоа сакаат да го спречат, можат да го забавуваат развојот, можат привремено да го прекинуваат, но не можат да го уништат, а тие што се обидуваат во тоа или навреме ќе се коригираат или ќе си паднат како скапани јаболка.

А.Д.

Брегзитот, односно напуштањето на Велика Британија на ЕУ, без сомневање ќе влијае врз градењето на новата политичка архитектура во Европа, со нова поделба на интересни зони на стариот континент.

повеќе

Германската канцеларка Ангела Меркел, меѓу другите, беше гневна; Балканот помодре од бес. ЕУ сега се обидува да го натера Макрон да го тргне ветото пред Европскиот самит во март.

повеќе

Мојата заложба е конечно законите и прописите наместо инструмент за спроведување лични интереси, да ја добијат вистинската функција, заштита на интересите на граѓаните. За жал...

повеќе