РСБСП ѝ предаде 10 возила на сообраќајната полиција

За зголемување на безбедноста на сообраќајот на патиштата, Републичкиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата (РСБСП) секоја година 30% од своите средства ги наменува за модернизација на уредите и опремата на надлежната организациска единица во МВР за контрола и регулирање на сообраќајот на патиштата во земјава и оваа година обезбеди 10 возила „дачија сандеро“ за сообраќајната полиција.

„Примопредавањето на десетте возила набавени од страна на РСБСП за потребите на полициските служби при МВР е уште еден од мноштвото докази за заедничкиот, и пред сѐ, партнерски однос што нашиве две институции го имаат изградено и го негуваат со децении наназад во сферата на сообраќајната безбедност“, рече министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски при преземањето на опремата наменета за потребите на сообраќајната полиција.

Спасовски потсети дека минатата 2021 година завршила со најмал број на жртви во сообраќајот во последните 15 години - 116, при што најголемо намалување на сообраќајните незгоди според местото на случување е забележано на подрачјето на СВР Скопје, како подрачје со голема фреквенција на возила и учесници во сообраќајот.

„Податоците од првото тримесечје во 2022 година покажуваат дека и оваа година продолжува трендот на намалување на бројот на жртви во сообраќајни несреќи, и тоа во првите три месеци од 2022 година статистиката бележи 18 жртви, што е за 10 помалку споредено со истиот период лани, кога имало 28, а во месец април 2022 имаме четири жртви, за разлика од април 2021 кога имало 12“, изјави Спасовски.

Претседателката на Републичкиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата Гордана Кожуваровска нагласи дека МВР и РСБСП се неделиви во планирањето и реализацијата на голем број активности во делот на безбедноста во сообраќајот.

„Соработката помеѓу РСБСП и МВР е наша законска обврска и заедничка цел. Искуството од минатите години покажа дека РСБСП и МВР претставуваат пример за позитивна и успешна меѓуинституционална соработка и поддршка која ќе продолжи и понатаму. Ваквите активности, надополнети со засилени контроли од страна на сообраќајната полиција, придонесоа за намалување на бројот на сообраќајни незгоди и ваквиот пристап и позитивен пример ќе продолжиме да го одржуваме и надградуваме и во идниот период“, рече Кожуваровска.

Според неа, примената на современа техничка опрема во процесот на управување и контрола на сообраќајот на патиштата значително ќе ја зголеми ефикасноста на работата на сообраќајната полиција и ќе го зголеми обемот и квалитетот на извршените сообраќајни контроли.

 

Со францускиот предлог на патот кон ЕУ македонскиот народ ќе ја изгуби историската тапија врз сопствената свест и наследство.

повеќе

Ако пак се натури овој бесмислен консензус на Франција, кој ги признава сите емоции на Бугарија, тогаш оваа неспособна власт ќе не одведе подлабоко од сегашниот амбис.

повеќе

Во новите предлози се направени само формални, но не и суштествени промени, во однос на претходниот предлог (кој Владата го нема објавено).

повеќе