Рот: Ако ЕУ му сврти грб на Западен Балкан, им го препушта теренот на други актери

Албанија и Северна Македонија ги исполнија условите утврдени од Брисел. Тие припаѓаат на Европа. Би било фатално да се остави теренот на други актери како Русија, Кина или Турција, истакнува германскиот државен министер за Европа и заменик министер за надворешни работи, Михаел Рот, во колумна за „Велт“.

„Да, ние треба да ја реформираме Европската унија! Но, тоа не е во спротивност со нејзиното проширување. Поголема ЕУ, која во исто време е поспособна, посуверена и подемократска, може да создаде поголема безбедност за своите граѓани. Затоа, претседателот ЕК во заминување Жан-Клод Јункер е во право: „историска грешка“ е што лидерите на ЕУ на 18 октомври не дадоа зелено светло за планираното почнување пристапни преговори со Албанија и Северна Македонија. Не успеја да донесат одлука заради потребниот консензус“, наведува Рот.

Повторното одложување на позитивното гласање предизвика вознемиреност – како на Балканот, така и во ЕУ, бидејќи и двете земји ги исполнија условите поставени од ЕУ, вели Рот, посочувајќи оти и Европската комисија одамна го потврди тоа во своите извештаи.

„Наша примарна цел мора да биде да се направи сè за мир, помирување и демократија на Западен Балкан. Бидејќи регионот не е „задниот двор“ на европската куќа. Тој е дворот! Стабилизацијата и поврзувањето на регионот е во непосреден европски и германски интерес. Ако ЕУ му сврти грб на Западен Балкан, таа им го препушта теренот на други актери како Русија, Кина или Турција. А нивниот примарен интерес секако не е зајакнување на демократијата и владеењето на правото“, пишува Михаел Рот.

Позитивна одлука, според него, би го испратила неопходниот сигнал: ЕУ е сериозна во врска со нејзината одговорност за цела Европа и перспективата за приклучување на Западен Балкан. И, таа би признала и потврдила дека Албанија и Северна Македонија направија одлична работа и постојано ги спроведуваа реформите. И во двете држави, граѓаните и владите докажаа уште еднаш дека се подготвени да направат болни компромиси за приближување кон ЕУ.

„Одложувањето на одлуката за преговори му штети на кредибилитетот на ЕУ. Во регионот, тоа ги зајакнува оние сили кои немаат интерес за реформи и напредок. Премиерот на Северна Македонија, Зоран Заев веќе најави оставка и нови избори за април. Постои опасност од повторно враќање во национализмот и отворање на старите рани и етнички конфликти“, наведува германскиот државен министер за Европа и заменик министер за надворешни работи.

Тој нагласува дека ЕУ треба да ги заврши домашните задачи и јасно да покаже дека стои зад европерспективата на земјите кандидати.

„Фактот дека почетокот на преговорите за членство во ЕУ со Албанија и Северна Македонија неодамна пропадна заради отпорот на поединци е горчлив неуспех. Но, би било погрешно сега да ја закопате главата во песок. Напролет 2020 година, темата повторно треба да се најде на агендата на шефовите на држави или влади на ЕУ. Тогаш ние дефинитивно мора јасно да кажеме дека се придржуваме кон перспективата за пристапување на земјите кандидати. Понатамошните одложувања би биле неодговорни. Во меѓувреме, Северна Македонија и Албанија мора да ги продолжат своите реформски напори. Тоа е најдобриот сигнал за сите скептици. Во исто време, ние мора да завршиме своите домашни задачи во ЕУ и да разјасниме како да ги надминеме резервите што ги имаат одделни земји членки“, пишува Рот.

„ЕУ одамна ја научи својата лекција, дека во поранешните рунди на проширување на места прерано дала зелено светло. Методологијата на пристапните процеси ја преработивме и во меѓувреме ставаме силен фокус на демократијата и правната држава. Сметам дека ЕУ во следните месеци треба и понатаму да ја интензивира соработката со двете држави. ЕУ не е доволно видлива на Западен Балкан. Новата ЕУ-Комисија мора конечно да му даде приоритет на регионот! Притоа, можеме да ги поддржиме со експерти за консеквентно да ги придвижат реформите. И во рамките на берлинскиот процес мора уште посилно да се ангажираме и да инвестираме повеќе во регионалната соработка. Исто така, мора да ја засилиме младинската организација на Западен Балкан, за новата генерација да ја придобиеме како амбасадор на мирот и помирувањето. Западен Балкан останува проба на издржливост за трајниот успех на мирот на европскиот модел. Нема да ја подобриме Европа со прекршување на нашите ветувања“, заклучува Михаел Рот во колумната за „Велт“.

Лустрацијата беше непотребна и смешна фарса, неуспешна пресметка и понижување на политичките неистомисленици. За ветингот да успее, треба да ги опфати сите.

повеќе

Законски да се регулира дека за амбасадорските места ќе има интерен (во МНР) оглас и кандидирање на заинтересираните.

повеќе

Кодификацијата на бугарскиот јазик се случила цели шест месеци и 25 дена покасно од кодификацијата на македонскиот јазик.

повеќе