Рикер се сретна со Димитров

Вршителот на должност помошник државен секретар на САД за Европа и Евро-Азија, Филип Рикер, изутринава со средба со шефот на дипломатијата Никола Димитров во МНР, ја почна серијата разговори со претставници на власта и на опозицијата.

„Вашата посета се случува во многу важно време за земјата и само ден по вчерашнато усвојување на Пристапниот протокол за членство на нашата држава во НАТО од страна на Комитетот  за надворешни работи на американскиот Сенат. Поддршката на САД за евроатлантските интеграции на Северна Македонија беше и останува суштинска за постигнувањето долгорочна стабилност, натамошна демократизација и просперитет на земјата и на регионот“, рече Димитров.

Рикер, пак, истакна дека Република Северна Македонија и САД „отпочнуваат нова етапа во меѓусебните односи и соработка како сојузници во Алијансата“, додавајќи дека Северна Македонија се наоѓа на вистинскиот пат. Тој ја нагласи неопходноста од продолжување на реформите во насока на зајакнување на севкупниот капацитет на земјата, вклучително и во доменот на правосудството и борбата против корупцијата. Рикер ја реафирмираше силната поддршка на САД за остварување на стратешките цели на Република Северна Македонија -  полноправното членство во НАТО и ЕУ, и вчерашната поддршка на Комитетот за надворешни работи во Сенатот е уште една потврда за тоа.

Рикер кој во МНР беше придружуван од американската амбасадорка Кејт Мари Брнс, по средбата со Димитров се сретна со премиерот Зоран Заев, а според агендата, потоа заминува за Тетово, каде во седиштето на ДУИ ќе има средба со лидерот на партијата Али Ахмети.

Предвидено е во текот на денов Рикер да има средби и со претседателот на државата Стево Пендаровски, со претседателот на Собранието Талат Џафери и со други владини претставници. Помошникот државен секретар на САД за Европа и Евроазија, за време на посетата на Собранието, покарј со Џафери, ќе има средби и со пратениците од Независната пратеничка група од ВМРО-ДПМНЕ и Коалицијата „За подобра Македонија“.

 Според најавата од Стејт департментот и соопштението од нашето МНР, централни теми ќе бидат билатералните односи и патот на Северна Македонија кон членство во НАТО и ЕУ, а ќе бидат разменети и мислења за состојбите во регионот. Се очекува да стане збор и за новиот закон за јавното обвинителство со кој треба да се регулира идниот статус на СЈО.

Рикер вчера ги посетија општините Битола и Кавадарци каде остварија средби со градоначалниците Наташа Петровска и Митко Јанчев.

 Пред посетата на Скопје, Рикер престојуваше во Атина каде имаше средби со шефот на грчката дипломатија Никос Дендиас, со други владини претставници, како и со поранешниот премиер Алексис Ципрас.

Филип Рикер кој е поранешен амбасадор на САД во земјава, последен пат го посети Скопје во март годинава во својство на цивилен заменик и политички советник на командантот на Европската команда на Воените сили на САД, должност што ја извршуваше пред назначувањето за американски помошник државен секретар за европски и евроазиски прашања.


Деликатна јазична авантура е ако се излезе од основното и утврдено значење на зборовите и се прејде во сферата на жаргонот и колоквијалноста.

повеќе

Плаќањето на вработените на час наместо месечно помага да се зголеми нивната плата со тоа што ќе се вреднува работното време поефикасно.

повеќе