Реакција

Ременски: Еден македонски дипломат и бизнисмен треба да одат во затвор во Еревен, а во Скопје сите молчат

Скандалот што го предизвикаа тројца македонски дипломати, еден бизнисмен и двајца македонски државјани во Ерменија добива на интензитет откако МВР, МНР и ОЈО ГОКК упорно молчат и завлегуваат во свесно пропуштање на службени дејства кои биле и се должни да ги преземат. Во спротивно да си понесат одговорност, коментира професорката на Факултетот за безбедност Фросина Ременски.

Денеска пратеникот Антонијо Милошоски објави дека освен македонскиот дипломат Миле Миленкоски, во екстрадициски притвор во Осиек, Хрватска, бил и македонскиот бизнисмен Бранислав Димитријевиќ. Миленкоски, според Ременски, во екстрадиски притвор во Врање ќе биде до утре, кога српските власти го предаваат на ерменските власти согласно нивната црвена потерница по Интерпол издадена уште во 2019 година.    

Според професорката Ременски, МВР е единствената надлежна институција која требала да преземе нешто по распишаната меѓународна потерница.

Еве го денешниот коментар на Ременски објавен на нејзиниот фејсбук-профил.

„Еклатантен доказ за свесното пропуштање и непостапување по задолжителни оперативни/полициски акти (меѓународни потерници) од страна на МВР е постапувањето на српската и хрватската полиција и правосудните органи. Од ова се бега.

Бараните по потерница Миле Миленкоски и бизнисменот Бранислав Димитријевиќ беа уапсени по меѓународни потерници – едниот во август годинава во Врање и другиот во март годинава во Осиек. По обелоденување на веста дека заменик-амбасадорот на ОБСЕ во Виена Миле Миленкоски е уапсен по потерница, се споменаа имињата и на дипломатите Сарафов и Симски, за да во емисијата КОД се спомене името на уште еден македонски државјанин – Зоран Спирев.

Официјалната потера и налог за апсење како мерка за задржување на обвинетиот Миле Миленкоски почнала на 25 февруари 2020 година кога судот во Ереван преку судијата В.А. Григоријан и обвинителот В. Мовсисјан ја донеле одлуката за апсење на Миленкоски за случајот под референтен број 61209418. Овој случај се однесува за злоупотреби во развојот и имплементацијата на инвестициската програма „Патниот коридор Север-Југ“ во кој како обвинет се јавува македонскиот државјани (со двојно државјанство?) Бранислав Димитријевиќ – директор на работна група во францускиот проект за зедничко вложување „Safege S.A & Espisa“, кој вршел надзор и одржување технички и градежен надзор над инвестициската програма. Димитријевиќ имал превентивна мерка забрана за напуштање на Ереван.

Димитријевиќ е роден во Скопје и долги години работел на „наследен бизнис со надзор на изградба на патишта“ од неговиот татко Моша Димитријевиќ – главен надзорник на скоро сите патни правци во изградба во Македонија и Коридорот 8 до 1998 година, благодарение на сите претходни ЈУ-КОС бизниси и релациите со магнатот „Гранит" кој градеше низ цел свет.

Бранислав Димитријевиќ преку фирма од татко му станува референтен за работа дома и во странство. Моша е починат пред околу 15 години, но информациите зборуваат дека со Гранит „одработил“ за дебело задолжување на речиси сите општини во Македонија, а бил најблизок пријател на топ агентот на КОС – градежниот инженер на ЈНА Никола Љубишиќ, кој во Скопје бил сива еминенција во Фондот за патишта на СРМ во кој директор бил Нико Тозија.

За тие релации во друга прилика ..., но, добро е да се знае кој бил главниот играч на големите инвестиции и надзори во изградба на патишта, провизии... кај нас.

За да обезбеди алиби за своето извлекување од Ерменија, а со тоа да обезбеди алиби и за Миленкоски, Сарафов и Симски, Бранислав Димитријевиќ првично го користел Филип Спирев – внук на Зоран Спирев, а подоцна и негова поранешна вработена Гајан Тунјан која имала НВО за работа со аутистични деца во Ерменија.

Филип Спирев, познат како „дете од Автокоманда од екипата на Нинџа“, во ерменското обвинителство и во истрагата се води како државјанин на Република Бугарија. Тоа упатува на фактот дека, тој поседува две патни исправи.

Филип во Скопје го убедил неговиот чичко Зоран Спирев за награда од 2.000 евра да отпатува за Ереван и да го отстапи својот пасош на Бранислав Димитријевиќ. А кога Димитријевиќ ќе излезе со неговиот пасош, тогаш Филип лично ќе дојде во Ереван и ќе му го донесе за да може да се врати во Скопје. Му дал 1.000 евра и му купил повратен авионски билет Скопје-Виена-Ереван.

Зоран Спирев се качил на авион на 29 септември 2019 година и стигнал во Ереван.

Во Ереван од аеродром го пречекал шурата на Бранислав Димитријевиќ, Володомир Столјарчук со џип „Туарег“ кој Димитријевиќ го регистрирал на друго име. Зоран Спирев отседанал во хотел „Ширак“.

Утредента на шурата му го предал својот пасош за услугата која претходно ја договорил со внук му. Копија од неговиот пасош била искористена за резервација за летот на Бранислав Димитријевиќ, алијас Зоран Спирев од Ереван за Скопје на 1 октомври 2019 година.

Во деновите на планирање Димитријевиќ обезбедил алиби за „агендата“ на дипломатите Миленкоски, Сарафов и Симски, кои во Ереван пристигнале на 1 октомври 2019 година во 11.50 со поединечен, нередовен лет Скопје-Ереван-Скопје.

На денот на самитот на Евроазиската економска унија на 1 октомври 2019 година, Гајан Тунјан во 14 часот во „Далама гарде мол“ на македонските дипломати им организирала средба со Младинска организација за застапување на правата на лицата со аутизам со кои „соработувале“ еден час. За да може да ги закаже состаноците и да се реализира средбата, таа уште на 25 септември 2019 година испратила порака на и-мејл: [email protected], а подоцна и на [email protected], на што веднаш добила одговор дека Стево Симски и Владимир Сарафов ќе учествуваат на состанокот.

Тројцата дипломати откако завршиле со состанокот „за аутистичните деца“ (!) завршиле во една кафеана „Кавкас“ покрај автопатот Ереван-Аштарак.

Им се придружил Бранислав Димитријевиќ и неговиот шура Володомир и се упатиле на аеродромот Звартнотс (Zvartnots) на резервираниот лет од компанијата Русаеро за приватен авион/лет на Ер-Пинк, кој од Скопје за Ереван полетал истиот ден со тројцата дипломати околу 7 часот.

Бранислав Димитријевиќ со дипломатите ја искористил гужвата на граничната полиција и инспекторот на граничната полиција на Ерменија Геворг Геворгјан, без валиден документ ги поминал сите контролни пунктови за ВИП – лица на меѓународниот аеродром во Ерменија и во 19:14 ја поминал границата на Ерменија во придружба на Миленкоски, Сарафов и Симски со трочлен српски екипаж во летот за Скопје (?).

Останува „непознаница“ дали „невидливата цесна“ која полетала истиот ден од Скопје со тројцата дипломати, слетала на скопскиот аеродром со Зоран Спирев т.е, со Бранислав Димитријевиќ, иако резервацијата и пријавените патници од Ереван за Скопје биле старо новите.

Дали слетале и дали поминале гранична контрола на аеродромот во Скопје е прашање за МВР и други органи – лесно проверливо.

Додека дипломатите Миленкоски, Сарафов и Симски си продолжиле со агентурната агенда под превезот на дипломатски статус, Бранислав Димитријевиќ (иако никој не знае како и дали влегол во РСМ на 1 октомври 2019), околу 10 октомври уредно си извадил нова македонска, биометриска патна исправа со која си летал.

Каде летал и како завршил во екстрадициски притвор во Осиек се прашања за МВР. Ако Националното биро на Интерпол при МВР постапело по потерницата од февруари 2020 година, тогаш граничната полиција ќе можела да го има Димитријевиќ за приоритетна контрола.

Додека Миленкоски, Сарафов и Симски (очигледно) за дебела награда го извлекле обвинетиот Димитријевиќ од Ереван со приватниот руско-српски лет, платен од Н.Н. (?) лице, Зоран Спирев останал во Ереван.

Внукот Филип преку Бугарија допатувал во Ереван да му го врати пасошот за да си дојде во Скопје. Зоран на 9 октомври 2019 година тргнал за Скопје со повратниот лет од Ереван преку Виена, но заглавил со ерменската гранична полиција, која регистрирала дека Зоран Спирев има излез од Ерменија на 1 октомври 2019 година, а во меѓувреме нема влез, за да може повторно да направи излез.

Така Зоран завршува во полициска станица во Ереван, а ерменските власти почнуваат потрага по гостите од Република Северна Македонија.

Инаку, „детето од Автокоманда од екипата на Нинџа“ било дете и на Владимир Сарафов кој како дипломат многу често се развозувал на релација РСМ - Бугарија со таткото на Филип.

Не знам дали некоја институција кај нас од февруари 2020 година, од кога важат мерките на ерменското обвинителство и потерниците, до денес знае каде се Филип, Сарафов, Симски, Миленкоски, Зоран...

Но, сите знаеме дека од денот на апсењето во август на Миле Миленкоски во Србија и априлското апсење на Бранислав Димитријевиќ во Хрватска, ниту една институција (МВР, ОЈО ГОКК, МНР) не си ги презеде своите надлежности.

Освен АНБ која ја „поправи“ грешката и злоупотребата на последниот директор на УБК - Горан Николовски Џони, кој во февруари 2019 година, неподобниот за сертификат Миленкоски го направил „подобен“ за дипломатија, иако знаел за неговите источни агентурни релации од времето додека се дружел и воспоставувал релации кои на запад не поминуваат..., а очигледно сега и на север.

Истите заштитени мечки дефилираат во скоро секој државен циркус кој како граѓани нѝ го приредуваат дилетанти на платен список на белосветски криминалци.

Во Писмото бр. 30/А-976-РЕ5/415/37/19 од 25 март 2020 година од Националното биро на Интерпол на ерменската полиција се вели дека, обвинетиот Миле Миленкоски во времето на организирање и извршување на транснационалниот организиран криминал бил „постар советник за дипломатски и службени пасоши, граници и летови при Одделението за конзуларни работи во МНР на РСМ“.

Сето горенаведено е резултат на трудот на меѓународна, академска истражувачка мрежа која очигледно побргу ги дознава работите од официјалните институции во засегната земја.

Тоа што нашите надлежни институции молчат за овој сканда во кој не се знае ништо и не се превенира ништо, зборува за интегритетот на кој (не)можат да сметаат меѓународните истражни институции.

Покрај примарната улога и одговорност на МВР, ОЈО ГОКК и Државниот јавен обвинител имаат многу поголема одговорност. Тие и по јавно „допрениот глас“ преку медиумите не постапија по службена должност – нема никакво логично образложение зошто. Тоа значи дека, ниту еден орган не излезе со информација: зошто не постапил по меѓународните потерници за Димитријевиќ и Миленкоски, а постапиле српската и хрватската полиција? Дали има меѓународни потерници за Сарафов, Симски и Филип во случајот? Дали со непостапувањето не оставиле простор други лица барани по меѓународни потерници за овој случај да им се изгуби трагата?

Овој случај е врв во рангот на транснационален организиран криминал, дотолку повеќе што злоупотребен е дипломатскиот статус на лица кои учествувале во него.

Не знам кој е тој разузнавач-мудрец кој се досетил дека „за РСМ полесно е дипломатите-македонски државјани да станат туѓ, а не наш проблем и други држави, а не РСМ да одлучуваат за нивна екстрадиција во Ерменија.

Но, знам дека, кој и да е, не ѝ направил услуга на дражавата – напротив. Ги исправи пред оперативна, кривична и политичка одговорност сите надлежни кои требале и морале да знаат за овој скандал“, напиша Ременски на својот фејсбук-профил.

Можеби поради еуфоријата што ја донесе туризмот - и желбата на самите жители на Грција да уживаат во одморите - пошироката јавност беше подготвена да ги толерира дневните бројки на новозаразени (во просек помеѓу 2.000 и 3.000 случаи во текот на летото). 

повеќе

Насловот асоцира и на резултатите од изборите, кои, кога ќе излезе оваа колумна, ќе бидат познати, иако најретко споменуван збор во кампањата беше зборот ДЕЦЕНТРАЛИЗАЦИЈА, кој е единствен начин за остварување на сите „големи“ ветувања што ги слушнавме изминативе две недели.

повеќе

Опонентите на академик Блаже Ристовски во Македонија го квалификуваа како националист, во белградскитe кругови  го именуваа како „бугарофил“, а во Бугарија го нарекуваа „Југословен“ и „србокомунист“. А тој си остана ист, исправен пред нападите и секогаш подготвен да им одговори на критичарите.

повеќе