Предлогот за личните карти и европската пракса

Регулативата на ЕУ забранува процесуирање на лични податоци за етничко потекло

„Регулативата на ЕУ за генерална заштита на податоците забранува процесуирање на лични податоци кое открива расно или етничко потекло, политичко, религиозно или друго убедување, сексуална ориентација и низа други прашања", ова е дел од одговорот што МКД.мк го доби од Делегацијата на Европската Унија во Скопје на прашањата поврзани со предлогот во личните карти во земјава да се впишува и етничката припадност на граѓаните.

Во поширокиот одговор на прашањата на МКД.мк, преку кои ја запознаваме Делегацијата на ЕУ со темата за личните карти и се интересираме дали таа процедура е во согласност со европската агенда, најнапред се констатира дека Северна Македонија постигнува добар напредок во усогласување на законодавниот систем со правилата и стандардите на ЕУ.

„Ја охрабруваме да продолжи да го прави тоа, бидејќи овие прашања ќе бидат првите области кои ќе се проценуваат кога ќе почнат преговорите", нагласува Делегацијата на Европската Унија.

Конкретно, за етничката или евентуално во иднина за верската припадност како податок во личните карти, во одговорот се вели: „Регулативата на ЕУ за генерална заштита на податоците забранува процесуирање на лични податоци кое открива расно или етничко потекло, политичко, религиозно или друго убедување, сексуална ориентација и низа други прашања".

На прашањето каква е праксата во земјите членки на Унијата во поглед на податоците во личните карти од Делегацијата велат:

„Личните карти сѐ уште се предмет на националните закони (законодавство). Регулативата која ќе ги содржи досега првите правила за личните карти во рамките на целата Европска Унија ќе почне да се применува од август 2021 година".

Темата за изразување на етничката припадност во личните карти се наметна деновиве откако во собраниска процедура влезе таквиот законски предлог поднесен од БЕСА, а поддржан од СДСМ како коалициски договор уште од 2019 година. Во моментов на ниво на собраниска комисија овој предлог е блокиран со 1.230 амандмани поднесени од Левица, чии пратеници остро се спротивставија оценувајќи дека е тоа спротивно и на европското законодавство и на меѓународните документи за човекови права, истакнувајќи дека тоа води кон сегрегација на општеството и можна дискриминација на луѓето.

Еден амандман поднесе и ВМРО-ДППМНЕ со кој партијата не е против, туку бара во графата за државјанство да не се внесува новото име на Македонија - Северна,

И додека партиите на Албанците се ЗА, против се изјаснија и невладини организации, како и организации со етнички предзнак, и многумина политички аналитичари и интелектуалци, меѓу кои и универзитетскиот професор Рената Дескоска, која до минатата година беше министер за правда,

Несогласување изрази и претседателот на Македонија Стево Пендаровски. Во интервју за МКД.мк тој изјави дека лично не се согласува етничката припадност да биде во личните карти. „Не постои демократска држава во светот во која постои етничка или религиозна припадност" рече Пендаровски кој додаде дека сепак ќе потпише указ за прогласување на таков закон доколку позитивно се изјасни мнозинството во парламентот.

Премиерот Зоран Заев деновиве повеќепати изјави дека се работи за даден збор кон БЕСА, но и оценува дека Македонија има свои специфики, гради соживот, а етничката разноликост е богатство и дека согласно уставните промени може и треба да се излезе во пресрет на барањата на етничките заедници.

Заев нагласува дека најголемата етничка заедница не губи ништо, бидејќи ќе може како македонско да се изрази својата припадност, додека во останатиот дел останува државјанството - Република Северна Македонија.

Во рамки на коалицијата на СДСМ парламентарните партии Демократски сојуз, ДОМ и НСДП, преку изјавите на партиските лидери за МКД.мк се изјаснија против, оценувајќи го законскиот предлог како ретрограден, кој не е во духот на градењето на граѓанско општество еднакво за сите.

Дали блокадата што ја наметна Левица може да се надмине, останува да се види низ разговорите со партиите. Во меѓувреме, лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски трвди дека Заев всушност не сака да се донесе ваков закон и дека зад СДСМ во функција на блокада стои Левица, што категично се отфрла како од СДСМ така и од Левица.

Mицкоски тврди и дека забелешката кон Заев му ја упатил еден странски дипломат. 

Заев денеска изјави дека било разговарано со грчкиот амбасадор, но „не добил предупредување од никого“.

П. Џамбазоски

Кусокот во глобалното производство на вакцини против КОВИД-19 може да се надомести доколку на производителите ширум светот им се даде пристап до потребната технологија и знаење. 

повеќе

Европа е решена да се ослободи од меката моќ на Москва (енергенсите), а и на дипломатско поле сака да и стави до знаење дека и за неа ќе има „црвени линии“. 

повеќе

Незабележливите разлики во нашето однесување кои се дел од психолошката манипулација на социјалните мрежи се предизвикани од надзорниот капитализам и ја нарушуваат демократската култура и личната автономија.

повеќе