Ребалансот на Буџетот чека на усвојување, денеска ќе заседаваат четири собраниски комисии

Ребалансот на Буџетот ја помина амандманската расправа и сега се очекува негово усвојување на собраниска седница, но на веб страницата на Собранието, засега не е закажана собраниска седница за оваа точка. Инаку, релабансот, со кој практично треба да започне имплементацијата на четвртиот пакет мерки е втор годинава заради справување со последиците од коронакризата.

Во него приходите се пониски за 0,2 отсто во однос на првиот ребаланс, расходите се повисоки за 4,2 отсто, а дефицитот е зголемен за 22,6 отсто во однос на првиот ребаланс. Вкупните приходи се планирани на ниво од 196,4 милијарди денари, а расходите на ниво од 253 милијарди денари. Дефицитот е 8,5 отсто од БДП.

Од Министерството за финансии уверуваат дека Буџетот е во добра кондиција и дека навремено ќе бидат исплаќани сите обврски.

Средствата за реализација на мерките од четвртиот пакет се обезбедени со реалокација на неискористените средства од сите институции, а очекувањата се дека со реализација на овие мерки ќе се придонесе за подобрување на вкупниот економски резултат, односно ќе се амортизира социо-економскиот удар од пандемијата. За следната година, пак, се очекува заздравување на економијата со економски раст и постепена фискална консолидација.

Четвртиот пакет мерки е проектиран на 470 милиони евра и во него има 31 мерка насочена кон граѓаните и кон бизнис секторот. Дел од новиот пакет се платежните картички во износ од 6.000 денари кои ќе ги добијат  самохрани родители, пензионери со пензии до 15.000 денари, пасивни баратели на работа и самостојни уметници… Платежни картички „Купувам домашно“ пак ќе добијат оние студенти кои беа заборавени со третиот пакет мерки.

За компаниите ќе бидат обезбедени нови 100 милиони евра поволни кредити од Развојната банка, а продолжува и мерката за финансиска поддршка за исплата на плати за вработените за која Предлог-законското решение веќе ја помина владината процедура. Новина е тоа што компаниите со најголем пад на приходите, ќе добијат најголема поддршка за исплата на плати. Компанијата која има намален приход од над 80 проценти, ќе добие финансиска поддршка за исплата на плати до 21.776 денари по вработен, додека компаниите со намален приход од 30 до 40 проценти, ќе добијат поддршка до 14.500 денари по вработен.

Со цел да се спречат злоупотребите од страна на работодавачите кои беа констатирани во изминатиот период, сега во законското решение предвидени се и заштитни механизми за платата да стигне до работникот, односно во случај работодавачот да исплати помала плата, превидени се глоби до 10 илјади евра, во зависност од големината на правниот субјект.

Во Собранието на Република Северна Македонија денеска се закажани седници на неколку собраниски комисии. Според информациите на веб страницата на Собранието, најавени се седници на Комисијата за транспорт, врски и екологија, на Комисијата за финансирање и буџет, на Комисијата за политички систем и односи меѓу заедниците и на Законодавно – правната комисија.

На дневен ред на Комисијата за политички систем и односи меѓу заедниците се предлог-измените на Законот за судски такси и на Законот за заштита на укажувачи, двата во второ читање.

Комисијата за финансирање и буџет ќе треба да расправа по Предлог-одлуката за одржување на надзорна расправа за утврдување на причините и извршувањето на законите во постапката за доведување до стечај на „Еуростандард банка“. На дневен ред на оваа комисија се и годишните извештаи на Комисијата за хартии од вредност и на Агенцијата за супервизија на осигурувањето.

Комисијата за транспорт, врски и екологија ќе ги разгледа измените на Законот за интероперабилност во железничкиот систем и на Законот за жичари и ски-лифтови, двата во прво читање, како и измените на Законот за автокампови и на Законот за скијалишта, двата во второ читање.

Законодавно-правната комисија ќе расправа по законите кои се на дневен ред на Комисијата за политички систем и односи меѓу заедниците и на Комисијата за транспорт, врски и екологија.

Реакцијата на семејството и блиските во однос на пандемијата е пресуден фактор кој влијае на емотивната состојба, размислувањата и однесувањето на младите.

повеќе

Можеби по нас ќе дојдат некои нови клинци што прегрнати ќе го слушаат мртвиот Џоле и ќе го разберат подобро отколку што го разбравме ние на кои со години жив на глуви уши ни пееше за љубовта.

повеќе

За државата Македонија, Македонците се посебен народ со повеќевековна традиција, кои зборуваат, творат, се радуваат и тагуваат на македонски јазик, веќе со векови, во и надвор од територијата на нашата држава.

повеќе