Расправата по законот за гаранција за заем за доизградба на автопатот Кичево-Охрид продолжува утре

Пратениците во попладневниот дел од 116. седница ја продолжија расправата по Предлог-законот за гаранција од државата за Договор за заем од 179 милиони долари за дополнително финансирање на автопат Кичево – Охрид којшто ќе се склучи меѓу Експорт – импорт банката на Кина и Јавното претпријатие за државни патишта.

Министерот за транспорт и врски Горан Сугаревски истакна дека проценетата вредност на дополнителните финансиски средства за проектот за кој лани беше изгласан анекс на договорот од страна на Собранието, е вкупно 179.694.572 долари. Заемот ќе биде доделен со рок на отплата од 20 години и вклучен грејс период од пет години. Каматна стапка е фиксна и ќе изнесува два проценти на годишно ниво за целото времетраење на заемот.

Пратениците од власта и од опозицијата со меѓусебни обвинувања за криминал во однос на договорите за овој проект со кои средствата биле обезбедени со кредити.

Димитар Стевананџија од ВМРО-ДПМНЕ, вели убеден е во криминалноста на овој договор за задолжувањето од, како што рече, 198 милиони евра, и оти ниту министерот за транспорт и врски не е убеден дека ова е добар договор.

-Кои беа вашите тези во 2011 година – Владата е криминална затоа што се задолжува за тогаш 505 милиони долари за два автопата, кинеската Сине хидро е криминална. По седум години што дојде сега. Сега не е министер Миле Јанакиески, туку Горан Сугарески. Кинезите – тие се криминалците и тогаш и сега, ако сте биле во право. Јас сум убеден дека такви луѓе не постојат, но вие ги етикетиравте. Кинезите им давале проценти на Владата на ВМРО-ДПМНЕ, сега Вас не знам што ви даваат. Тогаш Сине хидро не чинеше бидејќи во Србија некој направил за многу помалку пари повеќе автопат. Сега на тие пари вие додавате уште 200 милиони со анекс во пазарна економија. Зарем нема некоја фирма која би рекла – да, јас овие клучки овие траси ќе ги поправам за 50 милиони. Каде се видело во Европа анекс од 200 милиони, праша Стевананџија.

Според парламентарното мнозинство криминал бил направен со првиот догор за автопатот во вредност од 505 милииони долари, бидејќи во него не биле предвидени клучни и други позиции. Со овој анекс – договор велат се обезбедуваат пари за тоа, а цените на многу ставки се пониски во однос 1:3.

-Вие го направивте основниот проект, но заборавивте дека треба и клучки. Кога видовте дека треба клучки направивте нов проект за клучки и видовте дека нема пари обезбедени. Со овие пари кои сега се земаат ќе се направат и клучките и другите споредни патишта што треба да се направат. А во делот во кој велите дека сте работеле добро и сте зеле 500 милиони долари, нека слушне јавноста дека за патот Крупиште – Кочани, изработка на тампон слој од дробен камен 30 см оваа Влада ја договорила за 573 денари вашата Миладиновци – Св. Николе – Штип за 2.202 денари...Е ова е пљачка што сте го правеле вие, рече Самка Ибраимовски од Партијата за целосна еманципација на Ромите.

Диме Велковски од СДСМ кажа дека сумата која е предвидена со анекс договорот ја бараат надзорните институции Градежниот институт и се темелат на анализа за непредвидени и нетендерирани финансиски средства кои се потребни за завршување на проектот. При тоа, рече, само за тунелот и за санација на свлечишта се предвидени 63, односно 68 милиони долари, а за осум свлечишта и алтернативен пат 26 милиони долари.

-Овие средства се потребни за да го завршиме автопатот до 2021 година. Да смогнеме сили да се обезбедат, оти тоа го бараат стручните служби, рече Велковски.

Пратениците во рамки на 116. седница ги донесоа Предлог-законот за изменување и дополнување на Законот градење, Предлог-законот за изменување на Законот за финансирање на единиците на локалната самоуправа и Предлог-законот за изменување на Законот за спортот, сите по скратена постапка.

Собранието утре ќе продолжи со расправата по законот за гаранција за заем за доизградба на автопатот Кичево-Охрид.

Кодификацијата на бугарскиот јазик се случила цели шест месеци и 25 дена покасно од кодификацијата на македонскиот јазик.

повеќе

Два месеци по недобивањето датум за преговори за членство на Македонија во ЕУ, малку знаеме која беше улогата на Бугарија во тоа.

повеќе

И покрај сите обиди, темата „Закон за јазиците" не „лепи".

повеќе