По аферата со тендерот за М-НАВ

Рашковски ќе ги тужи сите - и новинарите и опозиционерите и тие што снимале...

Драги Рашковски, генералниот секретар на Владата, на денешната конференција за медиумите најави дека утре ќе поднесе кривична пријава за неовластено снимање против Климент Чепуњовски, како и тужби за клевета и навреди против Иванка Василевска, член на ИК на ВМРО-ДПМНЕ и против новинарите Горан Момировски, Миленко Неделковски, Љупчо Златев. Арбитражна постапка ќе биде поднесена и против медиумите „Курир“, „Инфомакс“ и „Лидер“.

Рашковски на денешната конференција за медиумите ги објаснуваше деталите околу случајот во М-НАВ што произлезе по објавена аудио снимка од разговор за тендер за италијанската компанија „Леонардо“. Тој им се извини на сите држави и националности што се нашле повредени во објавениот разговор.

Рашковски вели дека од разговорот што траел еден час, не случајно се објавени само 15 минути монтиран разговор што се одвивал во неговата канцеларија.

Тој рече дека не планира да поднесе оставка од функцијата по случајот за М-НАВ кој беше обелоденет по објавена снимка во која се слуша неговиот глас и на уште двајца државни функционери, за наводно местење тендер за италијанска фирма.

„Ова е верзија на разговорот. Кога ќе стигне официјална пресуда од страна на судските органи, во кривичната постапка тогаш да седнеме и повторно да разговараме“, рече Рашковски, одговарајќи на новинарско прашање дали има намера да поднесе оставка по објавениот разговор.

Договорот за АТМ систем за контрола за летање со италијанската компанија „Леонардо“ бил потпишан од менаџментот на М-НАВ (Македонска навигација) поставен од минатата власт, односно од Живко Поповски, тогашниот претседател на УО на М-НАВ, инаку татко на поранешниот министер за надворешни работи Никола Поповски. 

Драги Рашковски денеска објави дека утре ќе поднесе кривична пријава против т.н. „свиркач“ од Македонска навигација, Климент Чепуњовски, кој наводно го снимил разговорот. Генералниот секретар на Владата најави и пријави за Ваљон Беља, Ирена Радовановиќ, Миленко Неделковски и Љупчо Златев, новинарите кои ја пренесоа веста со објавениот разговор и транскрипт.

Порталот „Експрес“ ја објави оваа афера. Според нив Рашковски влијаел „Леонардо“ да го добие тендерот иако нудел повисока цена. Тоа што присуствувал за време на договарањето на фамозниот тендер, Рашковски го оправдуваше со заклучок на Владата и дека немал намера да влијае на тендерот, туку дека се барало можност да се плати поевтина варијанта.

„Со заклучок на Влада ме задолжија да направиме вештачење дали административната зграда, која требаше да се гради како дел од тендерот, е со вредност од 1,8 милион евра или има некаква злоупотреба. Доколку тоа го утврдеше Бирото за судски вештачења, сакавме да се побара издвојување на таа компонента и М-НАВ да ја прави со свои пари за да се заштеди од парите на граѓаните. Откога стигна таквото вештачење се виде дека вредноста е приближно 1,8 милион евра и не направивме ретендерирање за да не одолговлекуваме“, рече Рашковски.

Тој додаде дека во верзијата на аудио-разговорот има тотално елементарно непознавање на процедурите на Европската банка за обнова и развој и дека на 28 ноември 2018 кога требало да биде постигнат договорот со „Леонардо“, но Климент Чепуњовски не сакал да го потпише договорот.

„Потпишан е на 14 декември од Живко Поповски, претседателот на Управниот одбор. Тој ја донесе одлуката. Значи од минатата власт од нивен член, а не од Драги Рашковски“, вели владиниот генерален секретар.

Пет и пол години имаа непотрошени пари од ЕБОР, а Владата требаше да испита зошто е тоа така, вели Рашковски. М-НАВ изборот го направил во јуни 2017 и избран е „Леонардо“. Од ЕБОР, давател на заемот, на 31 јули 2017 е испратено писмо дека сѐ е во ред и дека треба да се пристапи кон договор со „Леонардо“. Зошто се чекаше цели четири години? Новата власт требаше да види зошто толку се доцни со оваа набавка, објаснува Рашковски.

За случајот со радарите кои останале без сигнал во септември било разговарано на затворена владина седница, но информациите се доверливи бидејќи станува збор за доказна постапка во Обвинителството. По носење на одлуките од страна на Обвинителството, информациите ќе бидат јавни, изјави денеска генералниот секретар на Владата, Драги Рашкковски.

Прашан зошто инцидентот се случил во септември, а Владата за ова разговарала минатата недела, Рашковски појасни дека за ова е разговарано на првата владина седница по добивањето на извештајот за овој случај од страна на Комитетот за воздухопловни несреќи. 

Јавното здравје и економијата одат заедно и во време на пандемија, па затоа најдобриот начин да ѝ се помогне на економијата во оваа криза е ако се воведат адекватни рестрикции за пандемијата да се стави под контрола.

повеќе

Стопанската комора на Македонија со донесувањето на 4-тиот сет на мерки гледа остварување на ветеното дека Владата на РСМ и во услови на здравствено- економска криза ќе стои зад компаниите.

повеќе

Оваа парафраза на големиот Иво Андриќ, нобеловец и водечко книжевно име на Балканот, за малку ќе го погодеше лично него.

повеќе