Во посета на Албанија

Рама-Заев: Јасно како светлото на сонцето е дека никогаш не сме имале подобри односи

Република Северна Македонија за нас не е само земја сосед, туку и пријател и стратешки незаменлив партнер, изјави албанскиот премиер Еди Рама на денешната заедничка прес-конференција со премиерот Зоран Заев, кој престојува во официјална посета на Албанија.

„Односите меѓу двете земји се базираат на трајни принципи и вредности, кои не обединуваат како држави, кои ѝ припаѓаат на Европа и кои ќе бидат заедно во европското семејство“, изјавил Рама.

Албанскиот премиер, како што пренесува агенцијата АТА, нагласил дека посетата на премиерот Заев доаѓа во момент на значајното историското постигнување како што е Преспанскиот договор и отворањето на патот за Северна Македонија кон НАТО, и потсетил дека Албанија веќе го ратификуваше Протоколот за пристапување.

„Ова големо историско достигнување е плод на лидерството на Заев и на нашиот заеднички пријател Ципрас. Со Договорот од Преспа беше надминат долгогодишниот ќорсокак и се отвори патот за членство на Северна Македонија во НАТО. Тоа, исто така создаде и голема позитивна енергија за натамошен напредок на заедничкиот пат за интеграција во ЕУ“, рекол Рама.

Премиерот Заев во Тирана потврдил  дека по завршувањето на претседателските избори во Македонија и по завршувањето на локалните избори во Албанија ќе се одржи заеднички состанок меѓу двете земји.

“Состанокот ќе се одржи летото по претседателските избори и по локалните избори во Албанија, нашата заедничка цел е членство во ЕУ и избегнување на границите”, изјавил Заев.

Неговиот домаќин, пак, ги пофали меѓусебните односи. 

“Односот меѓу Албанија и Северна Македонија не бил подобар од денес и попродуктивен од денес, ова е јасно како светлото на сонцето”, рече премиерот на Албанија, Еди Рама.

На заедничката прес-конференција Рама додаде дека трговската размена меѓу двете земји е значително зголемена и го истакна продолжувањето на автопатот „Руга е Арбрит“ (Патот на Арбр) до сегментот Скопје-Блаце како стратешка потреба.

„Има многу работи што можеме да ги направиме заедно. Имаме значително зголемување на обемот на трговијата помеѓу двете земји. Лани трговската размена е зголемена за 11 отсто, но сметам дека е многу малку во споредба со нашиот потенцијал. Исто како што голем број инфраструктурни дела не обединуваат во заеднички интерес, продолжувањето на автопатот „Руга е Арбрит“ сѐ до сегментот Блаце-Скопје е стратешка потреба и, се разбира, според можностите и плановите на вашата Влада ќе влезе во процес на реализација во потребниот момент за кој верувам дека ќе биде набрзо“, рече Рама.

Инаку, од албанска страна градежните работи на автопатот се одвиваат со забрзана динамика. Оддалеченоста од Тирана до граничниот премин „Блато“, на албанско-македонската граница кај Дебар, од 182 се намалува на 70 километри.

 

 

Кина му дава на регионот нова надеж додека сонот за ЕУ се распаѓа, вели Политико.

повеќе

Северна Македонија стана кандидат 9 години пред Албанија и нема ништо лошо побрзо и да оди напред.

повеќе

Сега, додека балканскиве политичари ќе шетаат низ духовноста како волови во свила - каде им се врвните интелектуалци што би внеле елеганција во совладување на споровите?

повеќе