Преспа форум дијалог

Рама: Од ЕУ слушаме иста музика да продолжиме, а преговорите и членството не зависат од нас

Ќе продолжиме да спроведуваме реформи, да исполнуваме критериуми, да правиме сѐ  што се бара од нас, но почетокот на преговорите и членството во Европската унија не зависат од нас, порача денеска од Охрид албанскиот премиер Еди Рама.

Според Рама, европскиот пат е единствениот пат, но сепак одлуките се носат на ниво на Унијата со консензус, а она што во овој момент му преостанува на регионот е да работи на јакнење на меѓусебната соработка.

Рама во денешното обраќање на панелот „Ресетирање на синергијата меѓу ЕУ и САД кон Западен Балкан“ на Преспа форумот за дијалог, рече дека во моментов не е во толку голем шок од непочнувањето на преговорите, бидејќи тоа не е нова ситуација, се случувала и претходно. ЕУ ја спореди со невеста, а регионот со младоженец, кој организирал совршена свадба, меѓутоа невестата не се појавила и тоа се случило еднаш, два пати…, а потоа веќе реакцијата е поинаква.

„Музиката, која постојано ја слушаме од Европа е дека треба да продолжиме, но не станува збор за тоа дека Албанија и Северна Македонија и другите земји во регионот треба да се спакуваат, да се стават на брод и да се испратат во Европа, станува збор за градење на нашите земји да функционираат како секоја друга земја-членка на Унијата. А потоа дали ќе бидеме дел од ЕУ не зависи од нас, тоа не е во наши раце, не сме ние тие кои одлучуваме за тоа“, истакна Рама.

Во овој момент, како што кажа, ние како регион може да направиме многу нешта, имаме можност да ја зајакнеме меѓусебната соработка, заедно да притискаме за нештата во регионот да станат подобри, да работиме на подобрување на нашите стопанства, создавање поголем простор на нашите претприемачи, за младите луѓе.

Тој нагласи дека во регионот има нерешени прашања, конфликти, но тие не смеат да го попречуваат напредокот на сите земји. Според Рама, сите во регионот сметаат дека први стапнале на него, Грците, како што рече, мислат дека сите од нив потекнуваат, истото го мислат и Албанците и Македонците и Бугарите, но сите сме тука со векови.

Рама се осврна и на консензусот како механизам на одлучување во ЕУ.

„Бугарија не сака и сега никој во ЕУ не оди напред, такво нешто нема да има во соработката меѓу земјите од Западен Балкан и секоја земја може да одлучува за правецот во кој сака да се движ“и, порача Рама.

Тој потсети дека земјите во регионот влегле во Берлинскиот процес, сите заедно, повикани од „првиот човек на ЕУ“, Ангела Меркел, која ја нарече „папата“, а државите од Западен Балкан „големи верници во ЕУ“.

„Сите сакаме да одиме на аудиенција кај папата, не за да спориме за минатото, туку да видиме како може да ја изградиме заедничка иднина, тоа беше пресврт, доведе до нови нешта, нови развои на настани и постави пречка пред бриселската бриократија, но ние одлучивме да продолжиме понатаму. Тоа што се собравме заедно е одлично нешто, но сега ни треба поттик, ветер во грб“, рече Рама.

Српската премиерка Ана Брнабиќ, осврнувајќи се на регионалната соработка истакна дека земјите од Западен Балкан заедно направиле пресврт од 360 степени, се појавуваат нови можности за соработка.

„Треба да продолжиме со активностите поврзани со европската интеграција, но треба повеќе да се концентираме на регионалната соработка, на работите што треба да ги направиме заедно за да го зголемиме квалитетот на животот на сите наши граѓани“, рече Брнабиќ.

Таа нагласи дека во однос на европската инеграција, што и да направиме, на крајот одлуката останува на секоја земја-членка.

„Тоа е сложен процес и станува се покомплициран, како што видовме со примерот на Северна Македонија. Повеќе не се работи за европски вредности, за напредок во клучните области, сега се внесуваат билатерални прашања и тоа не билатерални во вообичаена смисла, туку прашања на јазик, толкување на лингвистика, историја. Тоа се работи за кои навистина не може да извршите никакво влијание“, порача српската премиерка.

Брнабиќ се осврна и на малцинските права и како што рече двојните стандарди, кои постојат во однос на нив меѓу земјите од Западен Балкан и државите-членки. Србија ја наведе како пример на државата кога станува збор за почитување на националните малцинства и ја означи како една од водечките земји во Европа во која се почитуваат сите јазици.

„Но, држави членки на ЕУ не признаваат некои од националните малцинства, кои ги имаат во сопствената земја и сега тука се поставува прашањето кој е балансот. Се работи за различни стандарди кои мене не ми се јасни“, додаде Брнабиќ.

Косовскиот премиер Албин Курти, пак изрази разочарување поради тоа што Северна Македонија и Албанија не добија зелено светло за почеток на преговори на јунскиот самит на Унијата, нагласувајќи дека како граѓани на земја на која им е ускратена визната либерализација, тие многу добро ја разбираат нашата разочараност.

„Но, не смееме да преземаме избрзани одлуки. Да, ЕУ е бавна, ѝ недостига единство, но таа е нашата најдобра надеж и единствената алтернатива што ја имаме, не затоа што немаме избор, туку затоа што природно припаѓаме таму“, рече Курти.

Според него, западнобалканската шесторка е дел од Европа, опкружена со земји-членки, државите од регионот, споделуваат заеднички вредности, имаат заедничка историја, војувале во исти војни, а нивните граѓани и стопанства се поврзани.

„Наместо да продолжиме да се чувствуваме фрустрирани од ЕУ, треба да се запрашаме каква иднина сакаме, што правиме ние за да стасаме таму. Самите ние сме далеку од совршени, ако погледнеме кон себе ќе сфатиме дека имаме многу проблеми“, порача Курти.

Под менторство на овој истраен истражувач, научник и педагог, се развивале и се формирале многумина трудбеници и афирматори на македонското културно наследство.

повеќе

Ковидот нема да нѐ победи. Да зборуваме за раст и развој, за подобар и забрзан раст, за паметен и зелен развој.

повеќе

Размислуваме како можеме да ја заштедиме и заштитиме водата, но само додека немаме вода!

повеќе