Пораката премиерот Еди Рама ја објави по видео-конференциската врска што ја имал со премиерите на Македонија и Србија Димитар Ковачевски и Александар Вучиќ, на која, како што е веќе соопштено, се разговарало дали утре тројцата премиери да одат или да не одат во Брисел на Самитот за проширување на ЕУ.
„Денеска со лидерите на Србија и на Северна Македонија пошироко разговаравме за претстојниот Самит на ЕУ. Се чини дека уште едно 'Не, извини!' ќе биде она што ќе го слушнеме на крајот! Целата Унија е киднапирана од Бугарија и тоа не е добар спектакл за гледање! Што да се прави таму“?!
Инаку, Рама денеска во Тирана имал средба со финската премиерка Сана Марин, која вчера беше во Скопје. И неа ѝ кажал дека нема очекувања од ЕУ.
„Јас ѝ реков на премиерката дека не очекувам ништо ново на овој Совет, но земјите на ЕУ до крај, вклучително и Финска, се обидуваат со Бугарија да го отворат патот на разумот и да го ослободат процесот. Заради тоа сме благодарни“, кусо изјавил Рама.