22 години по формирањето на првото бугарско здружение

„Радко“ им го отвори патот на „Ванчо Михајлов“ и „Цар Борис Трети“

Иако надлежните обвинителства во Битола и Охрид не донеле одлука дали формирањето на двете бугарски здруженија е законско, по денешното формално и официјално отворање на клубот „Цар Борис Трети" во Охрид и Министерството за правда и опозициската ВМРО-ДПМНЕ најавија дека ќе предложат измени во законската рамка за начинот и постапката според кои во иднина ќе може да се формира здружение на граѓани. 

Иако законот предвидува, во пракса нема институција која што за сега може да реагира и евентуално да спречи формирање на здружение кое директно или индиректно задира во темелите на државата и повреда на правата на другите. Според Законот за здруженија и фондации се забранува основање на организација ако програмата и нејзиното дејствување, меѓу другото е насочено кон поттикнување и разгорување на национална, расна или верска омраза или нетрпеливост, но и ако презема активности со кои се повредуваат слободите и правата на други луѓе.

Уставниот суд им отвори пат на Министерството за правда и на обвинителството

 

Дилемата дали поради именувањето и целите на дејствување на бугарските клубови во Македонија има законската можност истите да бидат затворени ја разрешил Уставниот суд уште во март 2001 година кога донел едногласна Одлука со која ги поништи Програмата за работа и Статутот на здружението на граѓани „Радко" од Охрид (Радко е псевдоним на Иван (Ванчо) Михајлов) со образложение дека овие документи се насочени кон насилно уривање на уставниот поредок на Република Македонија и разгорување на национална или верска омраза или нетрпеливост.

„Судот утврди дека Статутот и Програмата на Здружението на граѓани 'Радко' – Охрид не се во согласност со Уставот на Република Македонија и истите се насочени кон насилно уривање на уставниот поредок на Република Македонија и разгорување на национална или верска омраза или нетрпеливост. Ова од причина што според учењето на Иван Михајлов 'Радко', македонскиот етнос никогаш не суштествувал на овој простор, туку истиот им припаѓал на Болгарите од Македонија и дека со неговото признавање бил направен најкрупниот престап во болшевичката централа за времето на нејзиното суштествување. Имено, според неговото учење, процесот на дебугаризација на Македонија, насилно спроведен после Втората светска војна, претставува србо-комунистичко ропство, а оваа србокомунистичка доктрина и по осамостојувањето на Република Македонија од 1991 година, продолжувала да биде официјална доктрина во државата", пишува во дел од Одлуката на Уставниот суд.

Но и покрај ова од Министерството за правда велат дека слободата на здружување е уставно загарантирано право, а за нив единствена релевантна и доволна причина за оценка на името, програмата и дејствувањето на некоја организација е законската рамка во Македонија, но и, како што велат од таму, внимателно повикување на судската пракса на Европскиот суд за човекови права.

„Постојната правна рамка, со внимателно повикување на судската пракса на Европскиот суд за човекови права е доволна за надлежните институции, ако се доведе во прашање називот на организацијата со одредена контроверзна историска личност, да ги следат и оценат суштински како програмските така и дејствијата на организацијата и нејзините членови пред да донесат каква било одлука за забрана на упис или забрана за дејствување".

Здружението „Радко" ѝ „пресуди" на Македонија

Европскиот суд за човекови права (ЕСЧП) во Стразбур, на чија пракса се повикува Министерството за правда не мислел исто како Уставниот суд кога во 2009 година по поднесената жалба од здружението „Радко" одлучил дека името само по себе, не е доволно за да биде згаснато едно здружение во демократска држава. Според судот, македонската Влада и Уставниот суд не дале доказ дека Здружението би можело да дејствува како „терористичко", па клучен елемент во прогласувањето на основачките акти за ништовни е името на Здружението и учењето на Иван Михајлов-Радко.

„Под овие околности, судот не може да прифати дека името 'Радко' и неговите или идеите на неговите следбеници биле одговорни за нараснатите непријателски чувства како и можна повреда на ставовите на мнозинството на популацијата. Сепак, судот смета дека именувањето на Здружението според поединец кој негативно се третира кај мнозинството, не би можело самото по себе да претставува идна закана за јавниот ред. Во отсуство на некаков конкретен доказ кој ќе покаже дека со изборот на Здружението да се вика себеси 'Радко', се предодредило за политика која ќе претставува реална закана за македонското општество или државата, sудот смета дека произнесувањето засновано на називот на Здружението, само по себе, не го оправдува неговото распуштање", пишува во дел од Пресудата на ЕСЧП.

Единствен судија кој не се согласил со ваквата одлука и која дала издвоено мислење е тогашната македонска судијка во Стразбур, Мирјана Лазарова-Трајковска. Врз основа на ова Република Македонија беше упатена на извршување на одлуката на ЕСЧП и во 2016 година го регистрираше здружението „Радко".

Противниците на здруженијата се „крстат" во обвинителството

Иако според законот секој може да поднесе иницијатива за забрана на работата на некоја организација, сепак само јавен обвинител може да оцени и да поднесе предлог за забрана за работа до надлежен суд.

„Основното јавно обвинителство Охрид во август годинава, по допрен глас оформи предмет за да ги испита наводите за евентуални пропусти при регистрацијата на здружението на граѓани 'Цар Борис Трети' – Охрид. Издадена е наредба до Централниот регистар за обезбедување на целокупната документација поврзана со регистрацијата на наведеното здружение. Од мај годинава, по поднесена кривична пријава од една политичка партија, оформен е предмет и во Основното јавно обвинителство Битола кој се однесува на регистрацијата и функционирањето на Културниот центар „Иван (Ванчо) Михајлов". Постапувајќи по пријавата, надлежниот јавен обвинител издаде наредби за обезбедување докази до СВР Битола, како и барања за податоци од Централниот регистар и Министерството за правда", велат од Јавното обвинителство.

Од Mинистерството за правда велат дека е формирана работна група која работи на нов Закон за здруженија и фондации кој се очекува најдоцна до крајот на октомври да биде објавен на ЕНЕР каде сите заинтересирани ќе можат да дадат свои мислења, забелешки и сугестии. Од правда велат и дека ќе бидат организирани јавни расправи.

„Во меѓувреме, со цел да се спречат и превенираат одредени состојби, формирано е советодавно тело за давање мислење за употреба на име на историска и друга позната личност во името на здружение и друго правно лице. Ова тело ќе дава мислење за карактерот на историските личности, начинот на кој ќе се формираат здруженијата со цел да се избегне злоупотреба на одредени личности кои имаат негативен контекст низ различни епохи", информираат од правда.

По денешното формално и официјално отворање на клубот „Цар Борис Трети" во Охрид и опозициската ВМРО-ДПМНЕ најави дека до Собранието ќе поднесе Закон за измена и дополнување на Законот за здруженија и фондации со што, како што велат од пратијата, не само што ќе се спречи идно формирање на вакви квази културни клубови туку и ќе може да се реагира за веќе постојните кои власта на СДСМ дозволила да се регистрираат и е нивен соучесник.

Искра Опетческа

Најавите на американската администрација за бескомпромисна  борба против овие корумпирани,  неспособни  и криминални структури на сите нивоа на државата за македонските граѓани се единствено светло во тунелот.

повеќе

Концептот на даночната реформа, кој го претставивме минатата недела на заедничка прес конференција со премиерот е дел од поголем процес за креирање на оптимален даночен систем кој ќе биде праведен и ќе го поддржи економскиот раст.

повеќе

Ракот на корупцијата и понатаму е ендемичен, а актуелната власт сè повеќе потпаѓа под лошите навики на претходниот режим на Никола Груевски.

повеќе