На средбата, како што соопштија од кабинетот на Радев, присуствувала и заменичката на претседателот, Илијана Јотова.
Повод за средбата е писмото кое бугарскиот Кабинет на претседателот го добило од Културниот центар „Иван Михајлов" – Битола и од други граѓани на Северна Македонија кои се определуваат како локални Бугари и поради, како што се наведува во соопштението, зачестените појави на повреда на нивните права само поради фактот што се определуваат како етнички Бугари.
На средбата, се додава во соопштението, бил разгледан и случајот во Струмица, со нападнатите граѓани кои се определуваат како Бугари.
Во меѓувреме, Министерството за надворешни работи на Софија, соопшти дека бугарскиот амбасадор во Скопје Ангел Ангелов и специјалниот претставник на Владата на Република Северна Македонија за Бугарија Владо Бучковски разговарале за актуелната соработка меѓу Софија и Скопје.
При разговорот најголем акцент бил ставен на врските во областа на медиумите, образованието, културата, здравствената заштита и инфраструктурните проекти.
Особено внимание било посветено на подготвеноста на двете земји за изградба на граничниот контролен пункт „Клепало" меѓу општините Струмјани и Берово.
Како што претходно јави дописникот на МИА од Софија, бугарскиот заменик-министер за регионален развој Деница Николова изјави дека Бугарија планира да бидат насочени околу девет милиони евра за изградба на граничниот премин „Клепало" меѓу Струмјани и Берово, што е назначен за стратешки проект на Софија и Скопје и оти со неговата изградба ќе се подобри поврзаноста меѓу двете држави и ќе се олесни трговијата и туризмот во двете насоки.