Париз

Работна посета на Димитров на Франција за европските аспирации на Македонија, следуваат Брисел и Берлин

Министерот за надворешни работи Никола Димитров денеска во Париз се сретна со Амели де Моншален, државен секретар во Министерството за Европа и надворешни работи, задолжена за европски прашања, и со Клеман Бон, советник за Европа во кабинетот на претседателот Емануел Макрон.

Во разговорите беа разгледани аспектите од билатералната соработка, како и заедничките стратешки определби за европска и евроатлантска интеграција на Македонија и регионот. Од наша страна беше истакнато дека добивањето позитивна одлука за Македонија за почнување на пристапни преговори со ЕУ е уважување и конкретно вреднување на очигледните резултати и постигнувања, а што истовремено ќе создаде нов импулс за нас, но и за целиот регион и за ЕУ. Министерот Димитров нагласи дека со Преспанскиот договор “успеавме со нашите грчки пријатели да постигнеме вистински европски компромис во регион каде тешко се прават компромиси. Нашата цел е да станеме европска земја, а тоа пред сѐ значи владеење на правото. Имаме голема шанса за заеднички успех во октомври.”
Слични пораки упати министерот Димитров и на средбите со Салваторе Серавале, заменик генерален секретар во Секретаријатот за европски прашања при Владата на Франција и со сенаторот Ален Ришар, а исто така и обраќајќи се до француската јавност, како и во контактите со реномираните медиуми, весниците Le Monde и Le Figaro, порачувајќи дека треба да се искористи оваа историска шанса, и во октомври Македонија и ЕУ да го заокружат и забележат заеднички успех со одлука за отпочнување пристапни преговори со Унијата.
За време на престојот, министерот Димитров се сретна и со претставници на нашата дијаспора, кои меѓу другите гости присуствуваа на свечениот прием во Амбасадата на Македонија во Париз по повод 8 Септември.
Веднаш по работната посета на Париз, министерот Никола Димитров ја продолжува работната турнеја фокусирана на европските аспирации и очекувања на Македонија во пресрет на октомвриските совети на Унијата, во Брисел и Берлин.
 
 

Плаќањето на вработените на час наместо месечно помага да се зголеми нивната плата со тоа што ќе се вреднува работното време поефикасно.

повеќе

Нема пазар доколку нема информации. Дајте ги информациите за пазарот на грозје.

повеќе