Според Захариева, ова е скандалозен чин и за тоа ќе ги информира Европската комисија и амбасадите на членките на ЕУ во Скопје.
„Амбасадата на Бугарија во Скопје упати протестна нота до МНР на С Македонија за одлуката на царинските власти на ГП ‘Деве Баир’ за запирање на пратка од 920 бугарски книги за Бугарскиот културно-информативен центар во РСМ. Примероците од ‘Бугарски народни песни од браќата Миладинови’ беа пренесувани од бугарскиот државјанин Виктор Стојанов, кој на граничниот премин ‘Деве Баир’ го покажал договорот за донација со кој книгите ќе бидат доставени во нашиот културен центар“, пишува Захариева.
Таа уште додава дека и покрај тоа што бугарскиот конзул од Скопје дошол на Деве Баир цариниците тврделе дека била потребна дозвола од македонското Министерство за надворешни работи, во согласност со Министерството за култура.
Со нотата, како што објави Захариева на фејсбук, амбасадата бара објасување „зошто се наметнува посебно овластување за увоз на литература од земја членка на ЕУ, што никаде не е регулирано и апсурдно е да се случува во 2021 година во земја која тврди дека сака да влезе во ЕУ“.
Претходно бугарското МНР реагираше и на анализи на ИФИМЕС од Љубљана, посочувајќи дека овој Институт бил на списокот на советници на премиерот Зоран Заев. Бугарското МНР соопшти дека македонскиот в.д. амбасадор е повикан на разговор поради кампања што ја водел ИФИМЕС од Љубљана против бугарските власти.