Проширувањето на ЕУ станува геостратешко прашање, Радев потсетува дека нема отстапување за Македонија

Во време кога во Украина се води војна, прашањето за проширувањето на Унијата станува геостратешко прашање, па затоа ЕУ треба да покаже стратешко лидерство кон Западниот Балкан и да го забрза евроинтеграцискиот процес на регионот, вклучително и на Македонија, порачаа премиерот Димитар Ковачевски и министерот за надворешни работи Бујар Османи во Делфи, Грција.

Од друга страна, пак, бугарскиот претседател Румен Радев ѝ порача на Владата во Софија да не отстапува од бугарскиот национален интерес кога е во прашање Северна Македонија.

Премиерот Ковачевски вчера во обраќање на Делфи економскиот форум во Грција, порача дека Северна Македонија сака да се приклучи кон ЕУ, а со тоа приклучување секој нејзин граѓанин ќе стане и граѓанин на Унијата, па затоа со новата Влада на Бугарија е воспоставена соработка во области коишто гледаат кон иднината и коишто можат да бидат од корист за граѓаните на двете земји.

„Започнавме со нов дијалог затоа што претходно повеќе од една година дијалогот меѓу двете држави речиси и да не постоеше и медиумите практично беа исполнети со пропаганда од страна на поединци, од страна на групи коишто не сакаа да видат постигнување на договор“, нагласи Ковачевски.

Тој потенцира и дека регионот на Балканот од секогаш бил сфера на интерес и за Русија, но и за други држави, но ние во земјава имаме јасна цел и согласност меѓу главните политички партии, особено оние коишто се дел од Владата, во врска со нашиот пат кон ЕУ.

„Има поединци, и политички партии и во Собранието и надвор од него, коишто јасно се против ЕУ и против членството во НАТО, па сега зависи од ЕУ да испорача во поглед на своето ветување, затоа што Северна Македонија донесе една од најбитните одлуки во минатото, а ЕУ не го исполни своето во тој момент. Имаше многу дебати, но немаше реално дејствување и сметам дека сега е време, затоа што проширувањето не е само прашање на проширување, туку е прашање од геостратешка важност во врска со се што се случува во Украина и во врска со сите хибридни напади и дезинформации коишто се случуваат во регионот“, додаде премиерот.

Според него, токму затоа прашање за проширувањето на Унијата треба да се реши што е можно побрзо, прво со взаемен договор помеѓу Македонија и Бугарија, а потоа и со одобрување на преговарачката рамка од страна на ЕУ.

Министерот за надворешни работи Османи во обраќање на панелот „Европа после Украина“ на Делфи економскиот форум, изрази надеж дека Европската Унија ќе ја разбере важноста на моментумот и ќе преземе стратешко лидерство за Западниот Балкан, како што го стори тоа во 2000 година кога презеде стратешко лидерство за источноевропските земји.

„Мислам дека руската агресија, за жал, покажа на најтрагичен начин колку беше важна таа одлука на ЕУ за интегрирање на централноевропските и источноевропските земји“, рече Османи, додавајќи дека во регионот на Западниот Балкан постои „тројка од земји кандидати за членство на ЕУ“, кои се целосно подготвени за почеток на пристапни преговори.

На средбата со неговиот грчки колега Никос Дендиас во Делфи, Османи оцени дека руската агресија врз Украина на најтрагичен начин покажа колку е важно проширувањето на ЕУ за безбедноста, единството и демократската трансформација на континентот.

И првиот вицепремиер и министер за политички систем и односи меѓу заедниците, Артан Груби од Тирана порача дека во моментов Украина е „лозинката“ за интеграцијата на Северна Македонија и Албанија во ЕУ.

„За нас европската интеграција е единствената алтернатива. Европската Унија нема друга алтернатива освен итно интегрирање на регионот. Јасната перспектива за членство во ЕУ е од суштинско значење за стабилноста на регионот, затоа проширувањето мора да се изврши веднаш, веднаш, без одлагање и без никакви двоумења. Колку е подалеку Брисел, толку е поблиску Москва. Колку помалку Европа на Балканот, толку повеќе простор за Русија. Украина не е далеку и сите ги чувствуваме последиците“, истакна Груби во обраќање на панелот „Регионот, Европа, безбедноста“, во рамки на Конгресот на албанската владејачка Социјалистичка партија.

Груби нагласи дека во 2008 година во Букурешт, билатералниот спор со Грција ја одвои земјава од заедничкото патување со Албанија и Хрватска кон НАТО, а денес, во 21. век, уште една апсурдна полемика од 18. век ни ја држи затворена вратата на Брисел.

„Гледам дека Европската Унија ја изгубила лозинката за надминувањето на насобраните проблеми и не може да ја најде затоа што некој ја сменил и во последните 50 дена до ден денес, лозинката е Украина, со големо У“, додаде Груби.

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски од Скопје, порача дека Брисел без изговори треба да направи притисок врз Софија да го повлече ветото, бидејќи овој народ покажа многу пати во минатото дека има европски вредности и дека заслужува да ги почне преговорите за членство во ЕУ.

„Кај мене има оптимизам и за април и за мај и за јуни, и така се до декември и така следната година. Секогаш има оптимизам ако навистина Брисел сака Македонија да ги почне преговорите“, изјави Мицкоски, запрашан дали е оптимист за старт на преговарачкиот процес на земјава со ЕУ во јуни.

Тој додаде и дека опозицијата не знае за каков договор преговара Владата со Софија, додавајќи дека за ВМРО-ДПМНЕ е неприфатлив и нема да почитува каков и да е договор со Бугарија што би предизвикал повреда на чувствата на македонскиот народ, би го негира постоењето на посебната македонска историја, традиција и обичаи и доколку не ја одразува различноста на македонскиот од бугарскиот народ и автентичната борба на македонскиот народ за своја сопствена држава.

„Сето она кое ќе биде надвор од тоа што е предвидено согласно Резолуцијата која ја усвои македонското Собрание, идната влада на ВМРО-ДПМНЕ нема намера да го почитува и тоа треба да им биде јасно и на Петков и на Радев“, истакна Мицкоски.

На ваквите пораки на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, одговори СДСМ истакнувајќи дека државните позиции во однос на разговорите со Бугарија се јасни, потврдени и со Резолуција во македонското Собрание.

 

Во новите предлози се направени само формални, но не и суштествени промени, во однос на претходниот предлог (кој Владата го нема објавено).

повеќе

Енергетската криза во светот, но и во Република Македонија (РМ), не стивнува иако сме на почеток на летото кога вообичаено има помала потрошувачка на енергија кај нас. 

повеќе

Самостојните уметници не се доволно мотивирани да создаваат. 

повеќе