По повод 100 годишнината од раѓањето на великанот

Промовирана поштенска марка со ликот на Блаже Конески

Негувањето и афирмацијата на македонскиот јазик не е само долг кон делото на академикот Блаже Конески, туку и долг кон нас самите, кон сите наши предци, но и кон идните генерации, рече претседателот Стево Пендаровски на промоцијата на поштенска марка со ликот на Блаже Конески, во рамки на одбележувањето на јубилејот - 100 години од неговото раѓање. Марката е издадена во 6.000 примероци. Илустрирана е со портретот на Конески, дело на академик Димитар Кондовски. Во вредност од 72 денара може да се најде во Бирото за филателија во Пошта 2 во Скопје.

Претседателот потсети на една мисла од Конески што тој ја искажал во 1987 година кога ја промовирал книгата „Борба за македонски литературен јазик" од Трајко Стаматовски, кој почина деновиве - за јазикот како единствена комплетна татковина.

„Тогаш Конески го рече и следново 'И во моменти на раслојувања и колебања, последно што треба да нѝ паѓа на ум е да ги поставуваме под прашање придобивките на нашата самостојна акција на јазичен план'. За жал, и после децении од кодифицирањето на македонскиот јазик и неговото верифицирање од страна на светската лингвистичка наука, сведоци сме на негации и притисоци. Сепак, ме радува фактот што барем внатрешно немаме никакви колебања и што обединети стоиме во одбрана на македонскиот јазик", рече претседателот.

Тој нагласи дека заштитата и негувањето на македонскиот јазик е исто така и обврска не само кон оние чиј мајчин јазик е македонскиот, туку и кон сите оние кои го употребуваат како официјален во независна и самостојна Македонија, но и кон сите лингвисти, слависти и македонисти кои го проучувале и изучувале, кон сите преведувачи кои преведувале и преведуваат од или на македонски.

„На крајот на краиштата тоа е долг кон науката, кон вистината и кон правдата. Затоа во годината на Конески, но и во секоја следна како општество, но и како поединци, обични граѓани или претставници на институции, да работиме сплотено и одговорно во афирмација и промоција на неговото дело", порача Пендаровски.

На истиот настан министерката за култура Ирена Стефоска рече дека Конески е наша национална гордост. –

„Секој негов збор истовремено е и порака и аманет, наша должност, наша обврска е да не заборавиме да ги пренесуваме на идните генерации како аманет кон нив", рече Стефоска.

Таа информира дека промоцијата на поштенската марка, е само дел од обемната програма насловена „2021 година во чест на Блаже Конески". Веќе се изработуваат и повеќе видови логоа, потоа видеа за животот и делото на Блаже Конески, веб анимации со анимирани текстови од поезијата и цитати, како и аудиовизуелни спотови со песни на повеќе јазици. Предвидено е и издавање на книги, монографии, пригодни академски изданија и зборници посветени на ликот и делото на Конески, научно-наставни проекти, конференции, како и промоција на дигиталното издание на толковниот речник на македонскиот јазик.

Неодамна, на 21 март по повод Светскиот ден на поезијата, во седиштето на УНЕСКО во Париз беше организиран настан во чест на Конески. Во септември ќе се реализира чествување на Конески и во Риека, Хрватска и во Галовеј, Ирска, двата града кои се европски престолнини на културата. Исто така, најави Стефоска, ќе се организира и чествување и во Софија, соседна Бугарија. Во рамки на манифестацијата Охридско лето ќе се реализира концерт со изведба на дела инспирирани од ликот и делот на Блаже Конески, ќе бидат реализирани и повеќе изложби на фотографии, аудиовизуелни материјали, портрети, ракописи, книги, илустрации на негови книжевни дела. Поетската манифестација Струшки вечери на поезијата. која годинава одбележува 60 години од постоењето, во рамките на програмата ќе организира и посета на странски поети не само во Струга, туку и во Спомен-куќата на Конески во Небрегово и редица други манифестации како дел од Струшките вечери на поезијата, информира Стефоска, најавувајќи и конкурси за ученици во основните училишта, како и за млади автори за создавање дела инспирирани од поезијата на Блаже Конески.

Претседателот на Советот за македонски јазик, Људмил Спасов, пак, нагласи дека Конески е наша традициција, темелник на македонската култура во 20 век и светилник на својот македонски народ.

„Се служиме со неговата граматика, го употребуваме нашиот стандарден македонски јазик, ја објаснуваме историјата на нашиот македонски јазик служејќи се со неговата историја на македонскиот јазик, ги оживуваме нашите дејци од 19 век, создаваме емоции кон нив благодарајќи на неговите трудови посветени на историјата на македонскиот писмен јазик", рече Спасов.

Директорот на Пошта Јани Макрадули верува дека оваа поштенска марка ќе се најде во албумите на филателистите, а ги повика граѓаните да напишат некому писмо и да го испратат со марка со ликот на Блаже Конески.

Целиот свет гледа на 2021 година како на година на заздравување на економијата.

повеќе

Не треба толку да се грижиме за тоа дали се искачуваме на табелата, туку повеќе треба да внимаваме на тоа дали навистина се справуваме, истражуваме и ги гониме оние кои се занимаваат со корупција.

повеќе

Потребно е да се провери дали имало наредба за следење врз Камчев.

повеќе