Пред изборите в недела

Промени во власта во Бугарија ќе има, но не и во позицијата кон Македонија

Промени во составот на владејачката коалиција во Бугарија по изборите в недела сосема е извесно дека ќе има, но не и во позицијата кон Македонија. Владејачката ГЕРБ на премиерот Бојко Борисов, иако води во анкетите, нема да може да состави влада без коалициски партнери, а која и да влезе во неа ниту ќе го смени, ниту ќе го омекне ставот кон земјава.

„Бугарија останува Бугарија. А тоа значи Балкан. Духовите од минатото, навиките од минатото, плус постсоцијалистичките рефлекси сè уште доминираат таму“. Вака поранешниот заменик-амбасадор на Германија во Бугарија и експерт по уставно право

Клаус Шрамаер, во изјава за бугарската редакција на Дојче веле ја опиша ситуацијата во соседството пред изборите в недела. Според Шрамаер, единствената реална политичка промена по изборите ќе биде одлуката на Софија да го укине ветото против Скопје, а сѐ  друго ќе остане исто, вклучувајќи го беззаконието и корупцијата.

Но, дали е можна таква промена?

Македонската Влада, преку изјавите на министрите, неколку пати објавила дека се чека ново раководство во Бугарија, не криејќи ја надежта дека можеби ќе има омекнување на Софија, и покрај тоа што оттаму постојано стигнуваат пораките дека која и да биде во новата бугарска Влада, промена нема да има. Кусо кажано, „не се надевајте многу“.

Поранешниот македонски амбасадор во Софија, Марјан Ѓорчев не очекува никаква промена во ставот на Бугарија по однос на темата „Македонија“, бидејќи тоа прашање, како што вели „е етаблирано како колективна меморија на бугарското општество со децении наназад и сега посебно со последните декларации“ и државата има дефинирана национална стратегија.

Марјан Ѓорчев

„Вордингот на политичарите пред изборите беше стилизиран во насока да добијат што повеќе поени во однос на темата Македонија која што е секогаш важна тема во надворешната политика на Бугарија. Но и кога ќе поминат изборите не треба да се очекува некаква промена во геостратешката позиција на Бугарија кон нашата татковина затоа што сосема е извесно дека и новиот состав на бугарскиот парламент кој се очекува да биде од силните политички партии ГЕРБ, БСП, ДПС, а можеби и некои нови партии како таа на Слави Трифунов или ВМРО-БНД ќе биде единствен во ставот за бугарските корени на македонското население до 2 август ‘44“, вели Ѓорчев во изјава за МКД.мк.

Оваа стратегија е зацртана во бугарското Собрание и поддржана со изјави од Бугарската академија на науки (БАН). Тој не само што не очекува промена, туку не очекува ни омекнување на позицијата, а како поткрепа на ова наведува дека меѓу партиите е и новата Има таков народ на шоуменот Слави Трифонов која според анкетите, треба да влезе во парламентот, а нејзиниот претседател во секој настап се потсмева со Македонците како народ, односно настапува со чудна мешавина на потсмев и презир.

Но, аналитичарот Петар Арсовски не исклучува дека може да има пробив по прашањето за Македонија и покрај тоа што Бугарија можеби нема да го смени ставот. Иако секогаш пред избори нема шанса партиите да најават дека ќе го променат своето однесување или дека ќе бидат помеки, според него, има неколку фактори кои можат да влијаат во тој правец и Бугарите сепак да прифатат почеток на преговори.

„Прво гледаме дека американската администрација се буди, односно дека домашните планови се етаблирани и се активира на меѓународна сцена. На САД од исклучително значење им е Македонија да ги почне преговорите, затоа што со тоа се затвора една оска на влијание која ним не им се допаѓа. Особено не им се допаѓа однесувањето на Бугарија по најавите дека во воените структури имало сериозна инфраструктура руска“, објаснува Арсовски за МКД.мк.

Петар Арсовски

Вториот фактор вели е фактот дека, барем според последните рејтинзи, партијата на Красимир Каракачанов или нема да влезе во Собрание или нема да биде потребна за составување на владата, а тој е најгласниот политичар кој што најмногу ги блокира преговорите на Македонија со ЕУ.

„Трета работа е што на Самит на ЕУ во јуни или на КОРЕПЕР во јули, двете можности за почеток на правата меѓувладина конференција, Албанија веројатно ќе ги исчисти забелешките од минатата година, и притисокот ќе биде огромен двете земји заедно да ги почнат преговорите. Ако претходно најголем дел од ЕУ се бунеше Македонија да почне преговори без Албанија, сега двојно или повеќе поголем ќе биде притисокот Албанија да не ги почне преговорите сама“, вели Арсовски.  

Како стојат политичките партии пред неделното гласање

Резултатите од анкетата што ја спроведе агенцијата „Маркет линкс“ во периодот од 18 до 25 март, ГЕРБ на Бојко Борисов би освоила 22,8 отсто од гласовите, а зад неа е БСП со 18,1 отсто. На високото трето место е Има таков народ на шоуменот Слави Трифонов, а потоа следуваат Движењето за права и слободи и Демократска Бугарија. Според оваа анкета ВМРО-БНД на Каракачанов со 3,3 отсто од главовите нема да влезе во Парламентот бидејќи цензусот е 4 проценти.

На парламентарните избори во Бугарија в недела ќе можат да гласаат вкупно 6,732,316 регистрирани избирачи. Дел од нив, Бугарите во Македонија ќе може да гласаат во земјава или на гласачките места во Бугарија во кои се заведени. Според податоците на бугарската Централна изборна комисија, за гласање во Македонија се пријавиле 328 луѓе, а од нив 99 ќе гласаат во Охрид, 52 во Скопје, 51 во Битола, а останатите ќе гласаат во Струмица и во Штип.

Ж.П.Б.

 

 

Незабележливите разлики во нашето однесување кои се дел од психолошката манипулација на социјалните мрежи се предизвикани од надзорниот капитализам и ја нарушуваат демократската култура и личната автономија.

повеќе

После десетици години се решава холдингот, неданочните давачки и царинските тарифи значајни за бизнисот.

повеќе

Целиот свет гледа на 2021 година како на година на заздравување на економијата.

повеќе