Брисел-Скопје

Прогноза на бриселските дипломати за Македонија: Годинава тешко до датум, економска криза, слабеење на владејачката колиција...

Прашањето за почеток на преговорите за членство на Македонија во ЕУ најверојатно нема да се отвори до јули. Ова може да значи слабеење на владеачката коалиција и засилување на националистичките елементи во земјава. Популарноста на Левица расте. Заев сака да биде реизбран на лидерската позиција во СДСМ и ќе прави сѐ за да го зголеми собраниското мнозинзтво. Ова, заедно со можното комплицирање на спроведувањето на Преспанскиот договор, се дел од прогнозите на бриселската администрација за случувањата во Македонија во 2021 година, дознава МКД.мк од извори во Брисел.

На бриселските аналитичари јасно им е дека прашањето за почеток на преговорите за членство на Македонија во ЕУ останува да биде приоритет на актуелната влада. Но, нивните прогнози се дека неуспехот во ова и одолжувањето на преговорите со Бугарија прогресивно ќе ја слабее владеачката коалиција и ќе ги засилува националистичките елементи. Изборите во Бугарија и во Македонија значат дека времето за решавање на овие прашања е кратко и најверојатно тука ништо нема да се случува пред јули. Јавното мислење во Македонија е дека ЕУ не ја третира фер земјата и покрај жртвите што досега ги направи. Понатамошното одложување на датумот за преговори ќе ја слабее позицијата на оние кои ја поддржаа промената на името и ќе ги засилува националистичките елементи кои се против промена на името. Партијата Левица зајакнува пред локалните избори. Евентуалниот неуспех со стартот на преговорите за членство во ЕУ во 2021 ќе ја искомплицира и имплементацијата на Преспанскиот договор, кој е директно поврзан со ЕУ членството, а влегувањето на Македонија во заедничкиот регионален пазар ќе биде примено како сиромашна алтернатива на членството во ЕУ.

Аналитичарите на ЕУ заклучуваат дека во македонското Собрание соработката меѓу власта и опозицијата е незначителна, дека власта бара начини како да ја редуцира парламентарната дебата, што го отвора прашањето за легалитетот на власта, па затоа опозицијата веќе бара предвремени избори. Нова поделба во Собранието е на повидок по најавата за законските измени во однос на медицинската употреба на канабисот и олабавувањето на регулативата за употребата на канабисот. Во ова опозицијата гледа потег во корист на приватниот бизнис на Заев.

Немањето координација меѓу власта и опозицијата во однос на законите ќе доведе до зголемана употреба на ЕУ знаменцето во обид на кратење на процедурите во Собранието.

Како замена за датумот на преговорите, што беше основата на политиката на актуелната владеачка коалиција, актуелната власт ја постави агендата 21, реформи фокусирани на владеење на правото, борбата против корупцијата, заштита на животната средина, енергетиката и економските реформи според ЕУ стандардите. Владата си постави уште една, како што сметаат бриселските дипломати, амбициозна цел, а таа е преструктуирањето на државната администрација, намалување на бројот на министерствата, на агенциите и регулативните тела. Планирано е бројот на министерствата и на владините тела на централно ниво, регулативни тела и агенции, инспекции да се намали од 139 на 85 и 9 регулативни тела да се обединат во едно заедничко. Оваа реформа ќе се соочи со отпор и намален интерес, е прогнозата на ЕУ. Капацитетот на земјата да ја употреби финансиската помош на ЕУ е докажано дека е неадекватен, оценуваат дипломатите.  

Во однос на пописот, можен е и повик за бојкот од опозицијата, предвидуваат бриселските дипломати. Ако нема договор за лабаво толкување на процедурата за регистрација на нерезидентното население, можни се тензии и со албанската заедница. За власта е многу важно да се постигне консензуз за пописот за да се избегне можниот бојкот од ВМРО-ДПМНЕ која притиска за одложување. И албанските партии можат да го ископлицираат процесот преку барањата за нивно соодветно претставување во пописната администрација. Сите се согласни со тоа дека ова треба да биде статистичка, а не политичка операција. Но, сите го политизираат пописот и ризикуваат оваа статистичка операција да предизвка тензии меѓу заедниците.

Наесен, локалните избори може да ја зацврстат позицијата на ВМРО-ДПМНЕ и на нејзиниот лидер Христијан Мицкоски. Во ВМРО-ДПМНЕ се чини дека Мицкоски успеа да одолее на сите притисоци и обиди да биде сменет од лидерската позиција и се очекува негово целосно зацврстување на позицијата по локалните избори, предвидуваат аналитичарите на Брисел.

Во ДУИ внатрепартиското незадовослтво од изборот на Артан Груби и Бујар Османи во власта, засега е смирено. Сепак, судењата во Хаг може да влијаат во внатрепартиските состојби во оваа партија. Годинава ќе се слави и 20-годишнина од Охридскиот договор. Тоа ќе биде добра шанса за Албанците да ја вратат јавната дебата за нивните права, за спроведување на договорот.

За новиот лидер на Исламската верска заедница, Шаќир Фетаху, проценката е дека е личност која може да доведе до подобрување на меѓурелигиските односи.

Вакцинацијата и отворените прашања со Бугарија ќе бидат главните услови за политичката иднина на Владата и ќе има влијание врз кредибилитетот на ЕУ. Позитивната перцепција од намалените бројки на новозарезени од коронавирусот може брзо да се смени со доцнењето со вакцинацијата. Јасната поддршка од ЕУ во однос на обезбедувањето вакцини, ќе биде многу важна и за актуелното разочарување во Брисел по неуспехот со преговоирите.

Економското опоравување ќе зависи од успехот на имунизацијата на населението и од ситуацијата во главниот трговски партнер на Македонија, а тоа е ЕУ и најмногу Германија. Предвидувањата на Владата се дека годинава порастот на БДП ќе биде 4,1 %, но сиромашни се владините извори за постигнување на таков раст и за посериозна екононска помош за македонските фирми, во споредба со минатата година. Можно е повторување на финансиската криза од 2008 што ќе предизвика подолгорочна криза и време за излез.

Одложувањата на големите судски случаи, главно образложени поради ковид-19 кризата ќе води кон зголемување на корупцијата во правосудството во обид случаите да застарат, сметаат бриселските дипломати.

Нивната прогноза е и дека проблемот на Бугарија со присуството на Фронтекс во Македонија ќе ја намали транспарентноста за бројот на мигрантите кои ја поминуваат границата и информациите околу нивниот нелегален транспорт. Како што ќе се стоплува времето, бројот на илегалните преминувања на македонските граници ќе се зголемува и може да ја достигне бројката од 2020, која беше голема во споредба со претходните, дознава МКД,мк од извори во Брисел.

А.Д.

Законот за високо образование јасно и прецизно ја пропишува постапката за избор во наставно-научни и соработнички звања на високообразовните институции во нашата држава-Македонија.

повеќе

На три месеци пред избори, Владата носи закони и уредби со катастрофални последици по граѓаните, што е просто неверојатно.

повеќе

ДУИ, која по конфликтот го вееше албанското црвено - црно знаме, потоа синото, на следните избори ќе го вее зеленото.

повеќе