Реакција преку Фејсбук

„Професорот Мицкоски“ до „професорот Анѓушев“: Не ги прифаќајте улогите што ви ги дава Заев

Почитуван професоре Анѓушев, во принцип немаше да реагирам на навредите од денешната Ваша прес-конференција, бидејќи сепак како постар професор имам почитување што не се стекнува во политиката, туку во онаа друга средина, каде што јас и Вие заедно едуцираме млади луѓе, оние млади луѓе, наши студенти што веднаш по дипломирањето одлучуваат за карта во еден правец, се вели во реакцијата на претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски на денешната изјава на вицепремиерот Кочо Анѓушев во однос на странските инвестиции во земјава.

„Не сакам неуспехот од минатото на ова поле да го амнестирам, но денешната реалност за жал е многу, многу повеќе алармантна, неповратна штета и загуба за сите. Никако професоре тие да ги препознаат Вашите владини „успеси" од епски досега невидени размери за кои Вие и (се надевам не сте сличен 102,5% на вашиот претпоставен, оној истиот се сеќавате 1€ за 1€ политичар, живи луѓе што јадеше, јас Ве паметам како многу поразличен човек) премиерот зборувате, туку сосема спротивно..., не сакав вака јавно, но и да Ви напишам лична порака, секако тие што треба да ја прочитаат ќе ја прочитаат, па затоа вака јавно да не се мачат 🙂. Нема да должам многу, како помлад колега (но можеби за некои работи поискусен) прифатете критика, па дури и да е негативна како оваа, не трудете се да го задоволите претпоставениот секогаш, затоа што на крајот достоинството нема цена.

Ве познавам подолго од вашата политичка кариера, и кога би се сретнале би Ве советувал да не ги прифаќате улогите кои ви ги дава претпоставениот, затоа што не ви се природни со вашиот карактер и личност, барем не со онаа која што јас ја познавав до пред вашето влегување во политика. Вие сте именуван функционер, а нас не бираат граѓаните, ајде за нив да сториме нешто, за нашите студенти, ајде да покажеме дека Македонија може поинаку и заслужува поинаку. Заборавете на обожавателите кои Ве убедуваат... браво шефе..., најдобри сте, можеби на краток рок ќе Ви се допадне, но размислете за иднината на Република Македонија (се сеќавате се надевам, не сте ја заборавиле, бидејќи јас никогаш нема да ја заборавам и ќе се борам/работам само за неа). А на кратко околу самата суштина, Вие немате проблем со мене, туку со неуспесите, кои во овој случај се викаат очајни 21,6 милиони евра странски инвестиции за цели 3 месеци. Бројки и факти од официјална институција. И Ве молам кога ќе го прочитате ова не ги слушајте тие кои ќе Ви советуваат одговор со реминисценција на Никола Груевски. Од утре започнува третата година како сте потпретседател на Владата, заедно со Вашиот претпоставен Претседател, и за жал професоре не успеавте, тажно но вистинито..., одбројува часовникот, ќе слушнете и погледате многу лоши работи што се случија, а Вие можеби не сте знаеле, познавајќи Ве можеби и ќе се засрамите што имавте таков претпоставен неколку години од Вашиот живот, (затоа што веќе народот се срами одамна од овој човек), но не очајувајте не е толку лошо кога ученикот ќе биде подобар од професорот, бидејќи на крајот од денот, Македонија е пред и над сѐ“, пишува во јавното обраќање на Мицкоски до Анѓушев.

Вицепремиерот Анѓушев денеска изјави дека пет пати се зголемени странските инвестиции во првиот квартал. „Капиталот на странски фирми кои донеле пари во нашата држава за да градат фабрики во првиот квартал од годинава изнесуваат 78,8 милиони евра. Тоа е петпати повеќе  од просекот  во последните седум години за истиот период или за 227 проценти повеќе од претходно најуспешната година 2012  кога биле донесени 34,7 милиони евра“, изјави вицепремиерот за економски прашања Кочо Анѓушев.

Тој посочи дека за истата категорија во истиот период во 2012 се донесени 13 милиони евра, во 2017 – 12,9 милиони евра, во 2016 – 20 милиони евра, во 2015, 7,5 милиони евра, во 2014 – 17,4 милиони евра, во 2013 – 3,8 милиони евра и во 2012 – 34,7 милиони евра.

„Ова се вистинските бројки на странски капитал донесен за инвестиции во нашата држава. Оваа година во прв квартал се донесени 78,8 милиони евра, а просекот од претходните седум години изнесува 15,6 милиони евра или петпати помалку отколку што се донесени годинава. Најдобра година претходно е 2012 година кога изнесувале 34,7 милиони евра или за 227 отсто помалку отколку во 2019 година“, рече Анѓушев на денешната прес-конференција во Владата.

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски денеска наведе дека во првите три месеци од годинава има само 21 милион евра странски директни инвестиции, и дополни дека тоа е најлош прилив во последните 10 години. Оваа бројка ја потврди и НБМ.

Народната банка денеска објави дека во првиот квартал кај финансиските трансакции со нерезиденти, се остварени нето-приливи од 157,8 милиони евра.

Анализирано по категории, како што наведуваат, нето-приливи се евидентирани кај трговските кредити од 169,2 милиона евра, директните инвестиции 21,6 милиони евра и заемите 19,1 милион евра.

Нето-одливи, пак, се забележани кај валутите и депозити 35,2 милиона евра и портфолио-инвестициите 22,3 милиони евра.

Девизните резерви, покажуваат податоците, бележат умерено намалување за 5,6 милиони евра.

На нето-основа, врз основа на странски директни инвестиции, во првиот квартал од 2019 година се остварени нето-приливи од 21,6 милиони евра. Овие остварувања, според Народната банка, се резултат на нето-приливи кај сопственичкиот капитал 75,5 милиони евра и реинвестираната добивка 90,6 милиони евра, додека кај меѓукомпанискиот долг се остварени нето-одливи од 144,5 милиони евра.

 

Македонските граѓани конечно го гледаат крајот на илузијата што им се продава од осамостопјувањето до денес.

повеќе

Министерот за финансии не треба да е кум, баџанак, шура, братучед или самиот тој, бидејќи треба да даде отпор на честите политички, но не и економски барања на членовите на владата.

повеќе

Зрелоста на еден народ е да препознае кога протестите за замена му ги продаваат како протести за промена. 

повеќе