Собрание

Продолжува собраниската седница за уставните измени, Ѓорчев предупреди на уцени на пратениците од опозицијата

Денеска на пладне продолжува пленарната седница за уставни измени. Пратениците од власта и од опозицијата не се приближија во ставовите околу неопходноста од уставни промени како дел од Договорот со Грција за промена на името на Република Македонија. Пратеникот Влатко Ѓорчев предупреди на заканите и уцените кои вчера и денеска ќе се случуваат врз пратениците на ВМРО-ДПМНЕ.

За Предлогот за пристапување кон уставни измени потребно е 2/3 мнозинство во Собранието. Собраниското мнозинство засега го сочинуваат 71-72 пратеници, а неопходната бројка за пристапување кон уставни измени е 80.

Владеачкото мнозинство и опозицијата сѐ уште се на истите позиции - пратениците од власта сметаат дека предлогот треба да биде прифатен за да се отворат вратите на НАТО и за ЕУ за Македонија, додека, пак, за опозициската ВМРО-ДПМНЕ предлогот, како и Договорот од Преспа за промена на името во Северна Македонија, од кој произлегуваат уставните измени, се неприфатливи.

ВМРО-ДПМНЕ ги повлече сите пријавени дискутанти за оваа собраниска седница и за дискусија останаа уште 22 пријавени пратеници од владеачката коалиција. Не е јасно дали овие дискутанти ќе се откажат за дискусија и ќе се премине на гласање уште денеска или ќе се оди на тоа да се купи уште малку време во обидите да се убедат некои пратеници од опозицијата за да гласаат спротивно на партискиот став, предупредува пратеникот Ѓорчев.

Се оди на сила, против вољата на граѓаните, без консултации со опозицијата. Од целиот овој процес суспендирана беше ВМРО-ДПМНЕ. Се оди на ѓон. Бројките ги немаат. Ние се откажавме од дискусија. Им треба повеќе време за да одат од човек на човек и да го прават она што го прават деновиве, вчера, завчера, вечерва, а ќе го прават и пред седницата. Да не се лажеме дека убедувањето на пратениците е врз основа на програмата. Знаеме што се случува. Знаеме за какви уцени се работи. Ако бројката не е постигната и пред утрешната седница, расправата ќе продложи и в понеделник. Еден ден за ова ќе се дознае. Ајде да бидеме искрени. Граѓаните знааат за какви политички игри и комбинаторики се работи. Проблемот е во тоа што спротивно на сите очекувања на власта, не се успеа да се добие поддршката кај граѓаните“, изјави синоќа на ТВ 24 пратеникот на ВМРО--ДПМНЕ Влатко Ѓорчев.

Најголемиот дел од пратениците на ВМРО-ДПМНЕ досега и јавно се изјаснија дека нема да гласаат за уставните измени. Останаа уште неколкумина кои досега не го сторија тоа и околу кои се вртат сите шпекулации дека власта може да дојде до посакуваното собраниско мнозинство. Дел од нив на собраниската расправа побараа лидерска средба, но не кажаа дека се против промена на Уставот. Тие и на прашањата поставени од МКД.мк за нивниот став околу уставните измени не одговорија. Во комбинација влегуваат и пратниците обвинети во случајот „27 април“ кои пред два дена конечно од куќен притвор добија можност да се бранат од слобода (Сашо Василевски и Љубен Арнаудов).

Доколку денеска заврши расправата за Предлогот, што до Собранието го достави Владата, ќе треба да се пристапи кон гласање. Нема информација дали по завршување на расправата веднаш ќе се оди на гласање или, пак, тоа дополнително ќе биде закажано.

Доколку Предлогот за пристапување кон уставни измени не биде усвоен од Собранието, би можело да се очекува распишување на предвремени парламентарни избори. СДСМ сака избори доколку не се успее да се собере двотретинско мнозинство во Парламентот, додека за ДУИ тоа не е решение.

Претседателот на Европската народна партија (ЕПП) Жозеф Дол, синоќа ја повика опозицијата во Македонија на одговорност пред гласањето во Собранието.

„Клучни одлуки треба да се донесат во ПЈРМ кои ќе ја одредат иднината на идните генерации. Опозицијата има голема одговорност за патот на земјата кон ЕУ и НАТО и треба да биде конструктивна во демократскиот процес“, напиша Дол на Твитер. 

Премиерот Зоран Заев вчера преку својата официјална Фејсбук страница уште еднаш ги повика пратениците да донесат правилна одлука и да кажат „да“ за можноста која е пред нив.

„Пратеници, да кажеме да на можноста пред нас. Историјата ги памети правилните одлуки“, напиша Заев.

И пратеничката група на СДСМ вчера ги повика пратениците од ВМРО-ДПМНЕ да подржат уставни измени. Координаторот на пратеничката група Томислав Тунтев поддржан од целата пратеничка група на прес-конференција во Собранието рече дека алтернатива не постои и оти секој друг предлог за друг пат на Македонија значи туркање на нашата држава во нови изолации и кризи.

„Македонија припаѓа на западниот свет, без разлика што Христијан Мицкоски има проблем со тоа“, рече Тунтев.

Нивниот коалициски партнер ДУИ смета дека избори не се решение. Пратеникот Артан Груби на прес-конференција исто така придружуван од своите колеги рече дека „план Б нема“ и оти има само план „А“, а тоа е евроатланска Република Македонија, интегрирана полноправна членка со целиот западен демократски свет.

„Затоа се фокусираме целосно на план „А“ и успех на амандманската расправа во Собранието на Република Македонија. Убедени сме. Правиме напори интензивни, сме правеле сиве овие недели, продолжуваат и денеска и утре се до постигнување до конечен успех. Ние не се откажуваме од нашиот сон за интегрирација на Македонија во НАТО и во ЕУ“, рече Груби.

ВМРО-ДПМНЕ останува на ставот дека пратеничката група е единствена и повикува денеска да се пристапи кон гласање.

А.Д.

Во дипломатијата како гранка од јавно политичкиот живот професионалните кадри треба да бидат повеќе застапени од политичките.

повеќе

Апелирам до лидерите на партиите да не им „помагаат" на кандидатите.

повеќе

Во ерата во која сите напредни земји во светот престануваат со употреба на фосилни горива, ние отвораме нови наоѓалишта, наоѓаме оправдување за исцрпување на необновливите ресурси и за активирање на најголемата глобална закана за морската биолошка разновидност.

повеќе