Собрание

Продолжува собраниската седница за разрешување на Зендели, опозицијата вели дека се кршат процедури

Собраниската расправа за предлог-одлуката за разрешување член на Комисијата за прашања на изборите и именувањата продолжува денеска. Вчера претседателот на Собранието Талат Џафери заедно со пратеници од власта предложија разрешување на пратеникот од опозициската Беса Фадил Зендели од Комисијата за избори и именувања. На ова жестоко реагираше опозицијата велејќи дека се крши Деловникот, а шефот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ најави бојкот на координациите кај Џафери.

Дневниот ред на седницата беше изгласан вчера во вечерните часови по целодневната расправа во тек на која пратениците од опозициската ВМРО-ДПМНЕ бараа првата точка од дневниот ред – предлог–одлуката за разрешување членот на Комисијата за прашања на изборите и именувањата, Фадил Зендели, да се смени со други точки од дневниот ред. Обвинија за прекршување на собранискиот Деловник и посочија дека мнозинство сака Зендели повеќе да не биде член на Комисијата за прашања на изборите и именувањата, зашто им е потребно мнозинство за, како што рекоа, да аминуваат штетни политички одлуки. Од владејачкото мнозинството, пак, оценија дека треба да се запази деловничкото правило распоредот на пратеничките мандати да се преслика и во работните тела на Собранието.

На предлогот за разрешување на Зендели се потпишаа пратеници од власта -  Јован Митрески, Горан Мисовски, Диме Велковски, Снежана Калеска Ванчева, Дарко Каевски, Даниела Николова, Боби Мојсоски, Панчо Минов, Марија Георгиевска и Жаклина Лазаревска. Шефот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ Никола Мицевски најави дека сè што натаму ќе се случува, одговорна ќе биде на власта.

Разрешувањето на Зендели за владиното мнозинство е многу битно за изборот на четири нови уставни судии. Со смената на Зендели власта ќе го добие мнозинството и во собраниската Комисија за прашања на изборите и именувањата. Со тоа би се одблокирал изборот на уставните судии и Уставниот суд конечно ќе може да одлучува во полн состав.

Но, опозицијата најавува можна нова криза и блокада на Собранието.

Нека ви е среќна нова 49-та година. Прво на потписниците на овој предлог што го доставивте четири минути пред седница за разрешување на Зендели од Комисијата. И нека ви е среќна и на сите што ќе гласате за оваа одлука. За разрешувањето на пратеникот, се повикувате на член 114 и 118 од Деловникот – дека Собранието врши избори и именувања на носители на јавни функции. Кој носител на јавна функција? Сакате да разрешите член од веќе формирана комисија, кој се назначува на првата основачка седница на Собранието? Не е проблем да го разрешите, туку процедурата. Ова што го правите е страшен преседан, кој ќе се однесува на односите во Собранието, го поларизирате Собранието“, рече Мицевски.

Според претседателот на Собранието, пратеникот по функција врши јавна функција и е избран од граѓаните.

При конституирање работни тела, пленумот врши избор на членови на работни тела. Комисијата не е уставна категорија, туку се избира на конститутивна седница по предлог на 10 пратеници и во составот на Комисијата треба да се застапени пропорционално власта и опозицијата“, рече Џафери.

Според координаторот на пратеничката група на СДСМ Јован Митрески, за екипирање на Комисијата три месеци се зборувало на координациите кај Џафери.

Сите сме согласни дека парламентарното мнозинство треба да се почитува во работните тела. Но, ваквата реакција на ВМРО- ДПМНЕ е зашто нешто се менува во работата на Собранието. И јас ви честитам среќно ново лицемерие на ВМРО-ДПМНЕ“, рече Митрески.

За Зендели со тоа што одлуката е директно ставена на пленум, а не на комисија, се крши Деловникот.

Ме чуди потписот на Џафери на оваа иницијатива. Ме чуди првиот меѓу еднаквите да стави потпис на нешто што е прекршување на Деловникот. Дали има предлог од Комисијата за избори и именувања? Нема! Ова е преседан да говориме за точка на дневен ред, а да немаме материјали од комисиите“, смета Зендели.

Џафери повтори дека Комисијата за избори и именувањата е составена на конститутивна седница и дека изборот и разрешување на членови се прави на ист начин како што се именувани. Според него, Собранието одлучува за Комисијата за избори и именување, а не работните тела.

И пратеникот Димитар Апасиев од Левица смета дека се прави обид за опасен преседан кој, како што рече, ќе ѝ се удри од глава на власта. И тој потенцира дека одлуката не може да ја разгледува пленумот ако претходно за неа не расправале комисиите. Тој го обвини Џафери дека ја злоупотребува процедурата, бидејќи ниту една институција не е надлежна да цени интерни процедури во Собранието.

Утрово и ВМРО-ДПМНЕ се јави со соопштение: „СДСМ-ДУИ повторно брутално го газат Уставот и Деловникот на Собранието. Тие 4 минути пред почеток на пленарната седница на Собранието вметнаа точка за разрешување на пратеник од позицијата член на Комисијата за избори и менувања, само затоа што не им е дел од коалицијата.

Јавноста виде дека СДСМ и ДУИ кршат процедури, кршат норми и ја погазуваат волјата на граѓаните само за да постигнат тесно партиски интереси.

Разрешување на член на работно тело без предлог одлука на Комисијата за избори и именување е врв на недемократските методи на власта.

Впрочем дека ова е неделовнички начин на работа на собранието тврдеше и самиот Талат Џафери пред само две недели во интервју за национална телевизија. Тој самиот потврди дека не може на пленарна седница да донесе било каква одлука за разрешување на член на работно тело, доколку претходно не расправало за тоа матична комисија... Очигледно СДСМ и ДУИ не гледаат на пратениците како избраници на народот, а на комисиите како простор за дебата, туку како на машинерија за гласање на нивните штетни и погрешни политики...СДСМ и ДУИ се во очај. Почнаа на очиглед на јавноста да кршат закони за да издејствуваат некој партиски интерес, но на се доаѓа крај, па и на нивното самоволие и насилие“, соопшти ВМРО-ДПМНЕ.

На дневниот ред на седницата се и предлог законите за дополнување на Законот за јавното обвинителство, на Законот за Советот на јавните обвинители и за изменување и дополнување на Законот за земјоделство и рурален развој, трите по скратена постапка и поднесени од пратеници од владејачкото мнозинство.

На седницата се и дополнетите предлози на законите за изменување и дополнување на Законот за животната средина и на Законот за внатрешни работи, како и предлог законот за изменување и дополнување на Законот за полиција, трите во второ читање.

По скратена постапка треба да се разгледа и предлог законот за изменување на Законот за вршење на работи за застапување во царинските постапки, а во прво читање е предлог законот за граѓанска одговорност за навреда и клевета.

Пратениците во рамки на седницата треба да расправат и за Барањето за давање на автентично толкување на член 15 став (2), а во врска со став (4) од Законот за спречување и заштита од дискриминација, поднесен од пратеничката Маја Морачанин и за предлог декларација по повод 150 годишнината од раѓањето на Гоце Делчев, поднесена од пратениците од опозицијата.

Се докажува дека ЕУ интеграцијата е дијалектички процес, кој е подложен на динамика и на противтежни сили, процес кој нема да се одвива стабилно, автоматски и линеарно.

повеќе

Со францускиот предлог на патот кон ЕУ македонскиот народ ќе ја изгуби историската тапија врз сопствената свест и наследство.

повеќе

Ако пак се натури овој бесмислен консензус на Франција, кој ги признава сите емоции на Бугарија, тогаш оваа неспособна власт ќе не одведе подлабоко од сегашниот амбис.

повеќе