Продолжи расправата за францускиот предлог во Собранието на Македонија

Точно во закажаното време, во 11 часот, започна продолжението на вчера започнатата седница на Собранието на Македонија на која се расправа за преговарачката рамка врз база на францускиот предлог. За збор вкупно се пријавени 42 пратеници, а вчера своето право на дискусија го искористија петмина пратеници од опозициската ВМРО-ДПМНЕ, на чии дискусии имаше реплики од владејачката коалиција.

Фото:Роберт Атанасовски

Пратеничката Марија Петрушевска беше првата дискутантка која остро ја нападна Владата и запраша - каде ќе ви оди душата поради обидите за бугаризација на Македонија. 

„Претседателот Стево Пендаровски, наместо да биде овде присутен, затоа што е и поканет, се крие. А претходно се колнеше дека душата ќе му се извади на оној што ќе прифати штетен договор. Значи душата треба да им се извади и него и на Ковачевски и на неговиот претходник како премиер Заев. А Бујар Османи, иако неговата етничка заедница од државата ги доби сите права во земјава, сега работи на договор штетен за македонскиот народ“, рече таа и праша во чие име преговара за интересите на македонскиот народ.

Дали ќе бидете премиер Јуда, упати прашање до премиерот Ковачевски кој не е присутен во салата, а потоа и до лидерот на НСДП Горан Мисоски, дали за уште една фотелја ќе гласа, како што рече, на штета на Македонија.

На крајот таа го искина документот базиран на францускиот предлог.

За реплика се јави пратеничката од СДСМ Ели Рамбабова. Нејзиниот говор беше надгласан од бројните вувузели и свирчиња во устите на опозицискиот македонски блок. Таа рече дека оваа влада настојува земјата да направи исчекор кон ЕУ притоа водејќи сметка, како што нагласи, за интересите на државата, нејзината историја, идентитет и јазик. Обвинувањата од ВМРО-ДПМНЕ ги нарече лажни и обични конструкции и ширење на страв, со цел, како што нагласи, да додјат на власт.

Санела Шкриељ од СДСМ, надвикувајќи се со звукот на трубите и вувузелите од пратениците на ВМРО-ДПМНЕ, од говорницата им порача на колегите од опозицијата дека се кукавици и криминалци.

„Може да урлате и да свирите колку сакате, но ние ќе ќе продолжиме по европскиот пат, зачувувајќи го македонскиот јазик и сите особености на македонскиот етнички идентитет. Ова не е асимилација, асимилација е младите да бараат пасоши од други земји за да ги користат придобивките на ЕУ. Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен ги демантираше сите ваши лаги", рече Шкриељ.

Таа потсети дека ѝ припаѓа на заедницата на Бошњаците и нема друга татковина и дека покрај бошњачкиот и македонскиот го смета за свој мајчин јазик и го негува. Шкриељ упати порака и до граѓаните.

„Мои сограѓани, немајте дилеми. Со вас сме заедно и ќе обезбедиме европска иднина за сите нас, наспроти овие криминалци, ксенофоби и кукавици", рече таа.

На нејзиното обраќање реплицираше Здравко Трајанов од ВМРО-ДПМНЕ со порака дека „не може да прифати дека македонскиот јазик е дијалект и норма на бугарскиот".

„Со вашиот договор нѐ носите во слепа улица и никогаш нема да станеме дел од ЕУ. Слепа улица од која нема излез. Ние сме тука да се бориме и ова нема никогаш да успее", рече Трајанов.

Благица Ласовска од ВМРО-ДПМНЕ рече дека една шака предавници во Собранието решиле да ја предадат Македонија под флоскулата „сега е моментот“.

„Оваа клика која се претставува како да е континуитет на антифашистичката комунистичка партија, ги ужива сите богатства, од функции до вили и станови, а партизаните и илинденците се превртуваат во гроб зашто овие за грст пари се подготвени да кажат дека македонскиот јазик е бугарски дијалект, а македонските учебници ќе ги праќаат на ревизија во Софија. Плејадата на македонски дејци да ги прават Бугари, а жртвите како во Ваташа, дека не биле жртви на фашистичкиот окупатор. Уште и да прифатат дека треба ние за периодот на комунизмот да им се извиниме. Замислете! Уцена до уцена, а го кријат протоколот со Бугарија, иако знаат дека не сме наивни. Бесрамни квислинзи, вие ке го реализирате 100-годишниот сон на Бугарија? Почнувајќи со делата на Заев го финализирате погребот на Македонија?“, рече таа и претставници на власта ги нарече изроди и квислинзи.

Таа на крајот додаде дека на крајот ќе завршат на „Голи Оток“ каде ќе работат на плантажи на марихуана на, како што рече, лицето број 1 и потоа го искина францускиот предлог.

Реплицираше Ненад Коциќ кој исто така се надвикуваше со звукот на вувузелите. Пред да започне да зборува, тој го распосла државното знаме преку говорницата. 

„Овие луѓе што зборуваат се за лекување во Демир Хисар, и тие од ВМРО-ДПМНЕ и тие од Левица. Лажат дека македонскиот јазик и македонскиот идентитет нема да влезе во ЕУ. Македонската историја останува наша, и нашите бортци од Илинден и Асном остануваат македонски. Вие сте соработници на окупаторот, тоа како да не ви е јасно. Како и Груевски, работите против интересите на Македонија. Тоа што народот залужува подобра иднина е нашата цел. Да живее Македонија и македонскиот народ“, рече Коциќ.

Пратеникот од Левица Димитар Апасиев реагираше процедурално и рече дека согласно Деловникот до пратениците се доставуваат материјали, па потоа запраша.

„Дознавме дека има предлог заклучоци од СДСМ - Михајловистичка и ве молам да кажете дали и кога ќе ги доставите овие документи", рече Апасиев,

„До мене се доставени списоци на предлог заклучоци, ако се повикувате на Деловникот, прочитајте ги и вашите права и обврски. Значи треба од формален аспект да се разгледаат документите и потоа да се споделат. Ако сте навикнати да пцуете како на улица, од морален аспект ви велам дека тоа не треба овде да го правите. Но можам да ви дадам и време да опцуете кого саката", рече претседателот на Собранието Талат Џафери.

Ели Панова од ВМРО-ДПМНЕ се обрати процедурално и побара од претседателот на Собранието Талат Џафери да го повика премиерот Димитар Ковачевски да се појави во собраниската сала и да ги слуша пратениците. Според неа, главниот виновник за ова што се случува е токму Ковачевски кој „вчера креваше раце за победа од говорница".

„Ковачевски нека дојде тука нека ги слуша пратениците. А Маричиќ може слободно да се симне во бифе да види дали има бифтек. Претседателе, овозможете Ковачевски веднаш да се појави овде, а не да се појави и да избега, како вчера. Граѓаните се надвор и чекаат да видат уште какво предавство се подготвува. Да го повикате Ковачевски, херојот кој креваше тегови, овде да се појави", рече Панова.

Дискусиите и натаму продолжуваат во истиот стил - тишина кога дискутираат пратениците од ВМРО-ДПМНЕ и несносливиот звук на вувузелите и свирчињата додека реплицираат пратеници од владејачката коалиција.

П.Џ.  Ж.П.Б.

Легенда под Главна слика

Фото:Роберт Атанасовски

Предложеното законско решение се фокусира на аудиовизуелниот/радиодифузниот сектор, игнорирајќи ги последниве две децении на развој на дигиталниот домен и на интернет, со сите негови позитивни и негативни страни.

повеќе

Според последното истражување на организацијата ПИНА, базирано врз анкети направени со 103 новинарки, 24,1% од новинарките добиле закани за физичко насилство, а 19,5% и закани по животот.

повеќе