Политички комбинаторики со конкретни ресори и позиции

Привршуваат подготовките за влез на Алијанса за Албанците во Владата

Во политичките кулоари веќе се зборува за конкретни ресори во Владата како и за нова распределба на директорски позиции кои ќе ги добие Алијанса за Албанците. Во Владата на Ковачевски се „вага" како влезот на партијата на Таравари би се одразил врз ДУИ, а особено врз Алтернатива која можеби во таков случај би решила и да премине во опозиција.

Во Алијанса за Албанците за МКД.мк велат дека е точно дека Ковачевски на средбата со Арбен Таравари во Владата се зборувало за можностите Алијанса да ѝ се приклучи на Владата, иако и Ковачевски и Таравари во изјавите за новинарите рекоа дека не се разговарало на таа тема, туку за поддршка на реформите и евроинтеграцискиот курс на државата, бидејќи, како што ни велат, не станало збор за конкретна понуда. Од друга страна, премиерот немал „зелено светло" од лидерите Али Ахмети и Африм Гаши. Но, велат, можеби уште нема јасно „светло", особено не од Алтернатива.

Од Алијанса не демантираат дека има извесно расположение за учество во Владата во ваков, како што велат, сериозен момент за државата која минува низ повеќеслојна криза предизвикана однадвор, но и од внатре, како и тоа дека можеби е тгоа можност и за консолидација на партиските редови по ланските неславни избори за Алијанса за локалната власт во Тетово.

На прашањето дали се точни ресорите и директорските позиции до кои дојде МКД.мк како пакет кој ѝ се нуди на Алијанса, од партијата категорично велат дека таков список немаат добиено. Разговарано е начелно, велат од Алијанса.

„За конкретен 'пакет' може да стане само на нова средба", ни рекоа во партијата.

Инаку, според сознанијата на МКД.мк, премиерот е подготвен Алијанса да ги добие министерствата за правда, животна средина и за здравство, како и позиции на заменици министри за транспорт и врски и за култура. „Пакетот" содржи и 25 директорски места во државната управа и во други институции и агенции - МЕПСО, ПИОМ, АД Железници, Управа за матични книги, Агенција за странски инвестиции, директор на Инфективна клиника, директор на Клиниката за офтамологија, директор на Управата за заштита на културното наследство, Државниот санитарен и здравствен инспекторат, како и директор на Државниот просветен инспекторат, директор на Агенција за млади и спорт, директор на Македонски шуми и други. Во дипломатијата на Алијанса ѝ се нудат две амбасадорски места, од кои едното испразнетото место е Берлин. Се преговара и за одредена позиција што Алијанса би ја добила и во МВР.

Сепак, од Алијанса велат дека немаат сознанија што е подготвена владејачката коалиција да отстапи.

„Можеби е тоа список за кој размислува премиерот и кој го споделил со ограничен број на лица во Владата. Но веројатно ќе треба најпрво да го усогласи со ДУИ и Алтернатива. А тоа нема да биде нималку лесно. Од една страна веруваме дека Алтернатива е против ние да станеме дел од владиниот тим, од друга страна и ДУИ е на 'два ума', иако претпоставуваме дека преовладува ставот дека со наш влез во Владата ќе се затапи влијанието на 'огнената група' кај интегративците. Како и да е, ние во Алијанса ќе разговараме доколку се дојде до поконкретни разговори за наше учество во Владата и потоа и за тоа со каков капацитет би било тоа учество", вели нашиот соговорник од Алијанса.

Според него, „огнените" сега имаат тројца пратеници плус Кастриот Реџепи кој им се приклучи откако беше исклучен од Беса, а во меѓувреме беше „независен". Доволно, велат, ДУИ да биде нестабилен владин партнер во евентуални клучни моменти на носење на одлуки во Собранието. Со пратениците од Алијанса тој парламентарен ризик би бил надминат, но пак, можеби внатрешно во еден дел ќе има пораст на незадоволство, кој би требало „да го менаџира" Ахмети, имајќи предвид дека токму огнените на локално ниво, особено во Скопје, имаат големо влијание и носеле голем број на гласови на избори.

Како потврда за ваквите разлислувања во Алијасна е и изјавата на Изет Меџити, од групата на „огнени интегративци", пратеник и член на раковдоството на ДУИ кој за весникот Лајм изјави дека вклучувањето на Алијансата за Албанците во Владата ќе предизвика дестабилизација на ДУИ, но и на другите партии на власт.

Меџити во ова интервју вели дека влегувањето на партијата на Таравари во власта практично би ја елиминирало опозицијата во политичкиот блок на Албанците.

„Нашата реакција е принципиелна. Во овој момент, во оваа ситуација, во овие околности, цениме дека нема простор за вклучување на Алијансата за Албанците во Владата. Не дека тоа не е можно, но треба да се знае дека е можна дестабилизација во ДУИ и дестабилизација во Алтернатива", вели Меџити.

Тој наведува дека владејачкото мнозиство броело 62 пратеници, а дека сега брои 64 народни избораници. Според него, ионака е далеку двотретинското мнозинство од 80 пратеници во Собранието и дека ако се во прашање гласањата на важни закони од интерес на евроинтеграциите, сегашното мнозинство е стабилно, но и дека ЗА секако ќе гласаат и пратеници од Алијанса пратениците од позиција на опозиција.

„Да не излезе како народната – средувајќи ги веѓите, да се изгуби окото", вели Меџити.

П.Џ.

Калоѓера не може да премолчи, не може да замиже пред историската вистина на Македонија, па затоа во својот живот се определил да македонствува.

повеќе

Слушањето како способност да го фокусираме вниманието на аудитивните дразби е важен аспект на нашиот живот и значително влијае на неговиот квалитет во сите сегменти.

повеќе

„Ќе дојде ден, кога пазарите отворени за трговија и размена на идеи, ќе бидат единствените борбени полиња“ - Виктор Иго

повеќе