Во соопштението се вели дека била поздравена динамиката на реализирање на чести средби и посети на високо ниво во изминатите години и заемен интерес за продолжување на динамичниот политички дијалог меѓу двете пријателски земји и во иднина.
„Политиката на проширување, како еден од најуспешните проекти на ЕУ во насока на зајакнување на европското единство и консолидација на безбедносните и демократските принципи и вредности на европско тло има особена важност во нестабилниот геополитички контекст, предизвикан од руската инвазија на Украина, чии последици ги чувствуваме било да се работи за безбедноста на европскиот континент, енергетската стабилност или снабдувањето со храна'', кажал министерот Османи дополнувајќи дека „веќе следната недела почнува и првата фаза од пристапниот процес – скринингот, кој претставува важен процес за проценка на нашата подготвеност за идно членство во ЕУ, од земја кандидат сме земја преговарач и нема да чекаме да заврши скринингот за да почнеме сo реформи'.'
Османи упатил посебна благодарност за принципиелната поддршка на Холандија на нашиот процес за пристапување во Европската Унија, и ја поздрави примената на холандскиот принцип, „„строг и фер" пристап во валоризирање на постигнатите резултати, особено во областите на зајакнувањето на демократијата и владеењето на правото.
МНР соопштува дека министерот Хукстра ја реафирмирал поддршката на Холандија на нашиот евроинтегративен процес, со охрабрување да продолжи имплементацијата на домашните реформи во насока на нашата целосна интеграција во ЕУ. Отпочнувањето на пристапните преговори со ЕУ го оценил како приказ на политичка зрелост на земјата за натамошна имплементација на европските стандарди.
Посебен фокус на средбата бил ставен на состојбите во регионот на Западниот Балкан и последиците од руската инвазија на Украина, како закана за европската и меѓународна безбедност, како и за активностите на двете земји како сојузници во НАТО.