По средбата со Димитров

„Пријателите на проширувањето“: Одлука за преговори со ЕУ ќе го спречи негативното влијание од други актери

Министрите за надворешни работи  на Полска, Летонија, Литванија и заменик-министерот за европски прашања на Естонија, како претставници на групата земји членки на ЕУ „Пријателите на проширувањето“, денеска на средбата со министерот Никола Димитров порачаа дека ја поддржуваат Македонија на патот кон ЕУ и НАТО.

Министерот за надворешни работи на Полска Јацек Чапутович на заедничката прес-конференција рече дека ги ценат напорите што ги преземаат македонските власти во спроведувањето на реформите.

„Се надевам дека ЕУ наскоро ќе почне преговори за членство на Северна Македонија и Албанија. Го цениме учеството на Северна Македонија во Берлинскиот процес минатата година. Полска претседаваше со овој процес чија цел е да даде поддршка на европската интеграција на земјите од овој регион“, рече Чапутович.

Тој изрази надеж дека за неколку недели Македонија ќе се приклучи кон НАТО.

„Обезбедувањето на членството во овие институции, ЕУ и НАТО, е особено важно затоа нашите четири земји се подготвени да го споделат своето искуство во процесот на преговори со ЕУ, но и за тоа како да се справите со безбедносните ризици кои произлегуваат од други надворешни актери. Има една етичка димензија на членството на земјите од регионот во ЕУ. Сметаме дека ЕУ им должи на овие земји одлука да ги прими во ЕУ, тоа е долг кон општеството, кон граѓаните, но тука е и безбедносната димензија. Има и други актери вон ЕУ кои се активни во регионот, па така одлука за почеток на преговори ќе го спречи негативното влијание“, рече Чапутович.

Димитров информираше дека Полска, Летонија, Литванија и Естонија се членки, дел од т.н. група „Пријатели на проширувањето“ и тука се за да ни дадат, како што рече, поддршка и јасен сигнал.

„Доаѓаат два дена по објавувањето на ажурираниот краток или како што ние го нарекуваме мини Извештај на Комисијата. Европската комисија кажа дека ние испорачавме, дека не само што продолживме, туку и ги зголемивме реформските напори и испорачавме опипливи и одржливи реформски резултати. Претходно, Комисијата предложи нова методологија за тоа како ќе се спроведува процесот на пристапување. И мислам дека овие два столба се одлична основа конечно да има испорака и од страна на ЕУ, една јасна, недвосмислена, опиплива, одржлива одлука за пристапни преговори“, изјави Димитров.

Тој додаде дека искрено се надева оти со новата методологија и охрабрувачките сигнали, овој пат, препознавањето на шансата за заеднички успех ќе биде консензуално.

Министерот за надворешни работи на Летонија, Едгарс Ринкевич изјави дека со нетрпение чекаат конечно да ѝ посакаат добредојде на земјава во НАТО.

„Зборуваме и за продолжувањето на реформите, за спроведувањето на Договорот од Преспа и сметам дека е многу важно да се постигне напредок во овие две области. И се надевам дека Северна Македонија ќе продолжи да постигнува напредок како и во минатото“, рече Ринкевич.

Министерот за надворешни работи на Литванија, Линас Линкевичиус честиташе на трпението и напорите и на реформите.

„Наскоро ќе Ви посакаме добредојде како 30-та држава членка на НАТО, што е очигледен доказ за неповратниот тек на вашите стратешки определби“, рече Линкевичиус, изразувајќи надеж дека и понатаму земјава ќе покажува национална кохезија.

Заменик-министерот за европски прашања на Естонија, Март Волмерн порача дека се тука за да ни дадат поддршка и за да изразат пофалба за сите наши постигнуавња. Тој информира дека разговарале и ја разгледале можност за продолжување на соработката.

Одговарајќи на новинaрско прашање дали ќе има почеток на преговорите на ЕУ со Македонија или ќе има разочарување, Линкевичиус рече дека сѐ ќе биде направено според правилата, постапките, заслугите и затоа ни треба и консензус, така е регулирано.

„Она што го правите досега е одлично, само продолжете со исто темпо. И тоа е единствениот одговор за сите скептици. Можете да сметате на нас, без оглед на тоа што ќе се случи“, рече Линкевичиус.

Министрите за надворешни работи во посета на земјава дојдоа вчера и беа примени и од претседателот на државата Стево Пендаровски.

Зголемувањето на парите за финансирање на партиите не помагаат во поттикнувањето на политичката активност на граѓаните, туку веројатно и делуваат контрапродуктивно, зголемувајќи ја недовербата во партиите и политичарите.

повеќе

За помалку од еден месец по олеснувањето на рестриктивните мерки, Косово се соочува со нагло зголемување на бројот на случаи со ковид-19, 

повеќе