Пред партискиот Централен одбор

Претстава за избор на нов лидер или превирања во НСДП?

Доглогодишниот лидер на НСДП Тито Петковски смета дека е нестатутарно и недемократски на Централниот одбор да му биде предложен само еден кандидат за претседател - Горан Мисовски, особено затоа што има и други кандидати кои за разлика од Мисовски поднеле и програма. Мисовски вели дека зад него стои мнозинството и порачува Петковски достоинствено да се повлече од функцијата. Организацискиот секретар Кристијан Трајковски, кој се кандидираше за претседател, вели дека не постои одлука за еден кандидат и дека утре ќе поведе дискусија базирана на факти и акти.

Фото: Архива

По соопштението на НСДП дека Одборот за организација на Конгресот пред утрешниот Централен одбор за нов партиски претседател го предлага потпретседателот Горан Мисовски, и реакциите од поединци од самата партија, меѓу кои и од Тито Петковски дека истакнувањето на само еден кандидат ќе биде нестатутарна одлука, Мисовски за МКД.мк вели дека нема зошто состојбите да се коментираат како партиско неединство, туку како волја на мнозинството.

„Една слика илјада зборови", вели Мисовски за реакциите дека во партијата има судир и дека е нестатутарен предлогот тој да биде единствен кандидат за претседател.

„За мене потписи на поддршка дадоа 10 од 16 членови на Извршиот одбор, тоа се десет основачи на НСДП, претседатели на најмоќните општински организиации. Се работи за волја на мнозинството, затоа велам една слика илјада зборови", нагласува Мисовски.

Организацискиот секретар на НСДП Кристијан Трајковски за МКД.мк вели дека утре секако ќе биде присутен на седницата на Централниот одбор и нагласува дека не верува дека ќе биде можно да биде прекршен правилникот донесен токму од Централниот одбор.

Трајковски објаснува:

„Крајно нестатутарно и неиздржано е да се предложи еден кандидат за претседател од причина што на последниот Централен одбор е донесен правилник со кој е утврдено сѐ за кандидатурите за претседател, како и за кандидатите за партиските органи и тела, и е наведено дека во таа фаза, во тој момент, Извршниот одбор се заменува со Одбор за организација на конгрес кој има задача сите предлози да ги евидентира, реши и достави до Централниот одбор. Со Одборот за организација на конгресот претседава претседателот и ги  потпишува сите предлози. Но, овде немаме акт потпишан од претседателот со која се дава предлог до Централниот одбор, значи е крајно нестатутарно да се излезе со соопштение и да се каже дека на Централниот одбор му се предлага еден кандидат. Таквите соопштенија, изјави, повикување на списоци, претставуваат, благо речено, акт на насилие“.

Тито Петковски, кој своето повлекување од лидерската позиција го најави пред шест месеци во разговор за МКД.мк вели дека реагирал зашто демократски е  претседател на партија да се избира барем од двајца кандидати и нагласува дека Извршниот одбор сега има само функција на подготовка на Конгресот.

„Извршниот одбор ги следи активностите по организации и на крајот на Централниот одбор му предлага кандидати, но тие треба да имаат и програма. Легитимно е дека Мисовски има 10 потписи, но Централниот одбор не бира претседател, туку Конгресот. Па и oрганизациониот секретар Кристијан Трајковски има ист број на номинации како и Мисовски и тие се рамноправни кандидати. Зошто да има еден кандидат кога ги има уште девет номинации? Дали ќе се оди со еден кандидат е работа на Централниот одбор да донесе одлука, а не на тие што ги дале потписите. Всушност, се прави обид преку блеф и психолошки притисоци да се изгради позиција пред изборот на нов лидер, и да се изградат другите позиции во НСДП. Утре е Централниот одбор, а на 4 јуни е Конгресот на партијата. За 20-тина дена претставата ќе почне или ќе заврши. Дали треба работите однапред да се средат и да имаме само претстава или треба да оставиме според демократска процедура да се избрере тој што има поголема поддршка?", вели Петковски.

Досегашниот лидер на НСДП Петковски вели дека Мисовски брза да се позиционира како единствен кандидат.

„Зошто немаше трпение да поднесе програма, зошто не сочека целата таа база од организациите од општините да биде пред Централниот одбор? Зошто бега од тоа? Тоа е симптоматично", нагласува Петковски и додава дека треба да се очекува работите да добијат нормален тек на утрешниот Централен одбор и потоа на Конгресот и, се прашува: „Зошто да нема возбуда меѓу кандидати? Зошто сѐ однапред да биде решено“?

Мисовски вели дека во НСДП Тито Петковски е почитувана личност и дека се неспорни неговите партиски заслуги.

„Не велам дека Петковски прави проблеми, и тој како и секој член на партијата има право на свои ставови. Тој има богата политичка кариера и треба достоинствено да си замине, нѐ очекува Конгрес и треба НСДП да продолжи понатаму. Пак ќе речам, овде се работи за мнозинство од општинските членови на Извршниот одбор", порачува Мисовски.

Петковски негативно одговора на нашето прашањето дали зад ваквата несогласност и разликите во толкувањето на процедурите се кријат различни политички концепти, различни ставови можеби за големите политички теми кои стојат пред Македонија.

Ако има некакви разлики, ќе се кажат веќе утре, вели Мисовски.

П.Џ.

Легенда под Главна слика

Фото: Архива

За пишувањата на Хари Костов за проблемите на државата – ако компетентен човек зборува за нефункционирањето на правната држава, кое има директен одраз врз економијата, не може тоа да се заврши со охридскиот уличен жаргон.

повеќе

Колку и да сакаме Украинците да добијат целосна правда, на ерата на славни војни, несомнени победи и чисти порази ѝ дојде крајот. 

повеќе

Македонскиот народ мора да ја заштити автокефалноста на својата Македонска православна црква - Охридска архиепископија, како еден од носечките елементи на неговиот идентитет, од сите загрозувања од Фанар, од СПЦ и другите меѓународни црковни и други чинители. Време е за нов Македонски црковно-народен собир, како во 1945 година.

повеќе