Уставни толкувања

Претседателот има право да го даде мандатот и без формирано мнозинство за состав на нова влада

Што ако до 15 август никој не успее да состави мнозинство за состав на нова влада? Дали мандатот сепак ќе му се додели на лидерот на партијата со најмногу пратеници или на лидерот на партијата која е втора по број на освоени пратеници? За кабинетот на претседателот и за експертите по уставно право тука нема никакви дилеми и се остава просторот од дополнителните 20 дена за програма и состав на нова влада и за формирање мнозинство.

„Суштината на учеството на изборите е некој од политичките субјекти да дојде во позиција да ја конституира власта, така што претседателот очекува во рокот од 10 дена од конституирање на Собранието да го додели мандатот на кандидатот на партијата или партиите кои имаат мнозинство во Собранието", ни одговорија од кабинетот на претседателот на државата.

Според член 90 од македонскиот Устав „претседателот на Република Македонија е должен во рок од десет дена од конституирањето на Собранието мандатот за состав на Владата да го довери на кандидат на партијата, односно партиите што имаат мнозинство во Собранието. Мандаторот во рок од 20 дена од денот на доверувањето на мандатот, на Собранието му поднесува програма и го предлага составот на Владата. Владата, на предлог на мандаторот и врз основа на програмата, ја избира Собранието со мнозинство гласови од вкупниот број пратеници“.

Во Уставот се чини дека јасно се разграничени роковите за формирање владино мнозинство (10 дена) и за состав на програмата и на министрите (20 дена). Сепак, за професорот по Уставно право на Правниот факултет во Скопје, Светомир Шкариќ, тука нема никакви дилеми.

„Претседателот е тој кој оценува кому ќе му го даде мандатот и во овој случај веќе се изјасни дека нема да бара писмени гаранции. Да, може да се случи владиното мнозинство да не биде формирано во дадениот рок од 10 дена. Сепак, претседателот на државата и во овој случај има право да го даде мандатот на лидерот на партијата со најголем број пратеници и без обезбедено мнозинство. Па во наредните 20 дена се остава простор и за формирање мнозинство и за програма и за состав на владата. Мора флексибилно да се толкуваат овие уставни одредби. Ако и после 20 дена не се формира мнозинството, претседателот може да одлучи да го даде мандатот на лидерот на партијата со освоени помал број на пратеници. Најголем проблем може да се создаде ако нема можност за избор на нова влада и нефункционално Собрание без избран претседател на Собранието“, изјави професорот Шкариќ.

И за професорот Александар Спасеновски, нема никакви дилеми.

„Нема дилема дека претседателот го доделува мандатот на партијата или коалицијата која освоила најмногу места на парламентарните избори. Добро би било и пред добивањето на мандатот да има обезбедено мнозинство од 61 за да се бајпасира неизвесноста во наредниот период“, вели Спасеновски, професор на катедрата на Правниот факултет за Уставно право и политички систем во Скопје.

А.Д.

Веќе четврта деценија штом општеството се фокусира на македонско-бугарските или македонско-албанските односи, на улиците излегуваат навивачките групи со навредливиот репертоар. Спонтано? Ајде, Ве молам.

повеќе

Нивото на Советот на Центар никако да порасне и да ги покаже демократските капацитети и зрелоста очекувани од граѓаните.

повеќе

Historia magistra vitae est (Историјата е учителка на животот). Оваа латинска изрека ќе ги објаснува односите меѓу народите и нациите додека постои светот.

повеќе