Криза во владината коалиција

Препораките на Венециската комисија за Законот за јазиците внесоа несогласувања меѓу СДСМ и ДУИ

Градење на заеднички ставови за препораките на Венециската комисија со цел тие да имаат соодветна примена, најавува премиерот Зоран Заев. Од друга страна, вицепремиерот Бујар Османи вели дека законот нема да се менува, ама ќе се почитуваат препораките преку создавање на капацитети со цел имплементирањето на двојазичноста да не создава проблеми во општеството.

Заев вчера најави дека до крајот на неделата ќе се организираат состаноци на соодветните институции за да може да се усогласи заедничко решение.

„Овој закон е една од алките што не спојува во државата и така ќе продолжиме во иднина градејќи заеднички ставови и сите препораки кои ги кажува Венецијанската комисија да дојдат до светлото на денот, односно да имаат своја соодветна примена. Веќе до крајот на неделата кај мене ќе се организираат состаноци на соодветните институции за да можеме да го усогласиме ваквото решение за навистина препораките од Венецијанската комисија да го добијат она за кое што со причина укажуваат, а тоа е растење на капацитетите на самите институции заради примената. Верувам дека токму тоа ќе биде во заеднички дух, онака како што имаме намера заеднички да го прифатиме“, изјави Заев.

Вицепремиерот Османи, пак, смета дека нема потреба од менување на Законот за јазиците, туку дека треба да се најдат начини за спроведување на мислењето на Венецијанската комисија. Најавува добри акциони планови за да се создадат капацитети со цел двојазичноста полесно да се имплементира и да не предизвика никакви проблеми во судството.

 „Можеби има различни интерпретации за начинот како ќе се имплементираат тие препораки. Венециската комисија вели не смее двојазичноста поради недостиг на капацитети да предизвикува одредени проблеми во судството. Затоа нашиот пристап ќе биде преку добри акциски планови да создаваме капацитети со цел двојазичноста полесно да се имплементира и да не предизвикува никакви проблеми во судството. Бидејќи, како што реков, колку што е важно правото за јазик, толку е важна и правната држава“, рече вчера Османи.

Од друга страна, пратеникот на ДУИ Артан Груби синоќа на ТВ Телма обелодени дека договорот бил да се испратат на мислење пред Венециската комисија само делови од Законот.

„Коалицискиот договор беше да се однесат во Венециската  комисија само деловите од членот 8, параграф 1 кој се однесуваше на парите, униформите и хартиите од вредност и мислење да се добие од Венециската комисија само по тој параграф“, рече Груби, додавајќи дека ДУИ не беше согласна целиот закон да се разгледува во Венециската комисија бидејќи законот одредува материја од Охридскиот рамковен договор и го заокружува нормативниот дел.

Според него, нема критики, туку препораки од Венециската комисија за зајакнување на капацитетите на институциите да го спроведуваат Законот.

За опозициската ВМРО-ДПМНЕ, препораките од Венециската комисија се меѓународна шлаканица за коалицијата на власт. Оттаму најавуваат амандмани на Законот за употреба на јазиците.

„СДСМ да се охрабри и да ги поддржи амандманите на ВМРО-ДПМНЕ“, побара вчера пратеникот Драган Данев, кој не прецизираше што ќе содржат предлозите на опозициската партија. 

Кога кризата со коронавирусот ќе заврши, светот повеќе нема да биде ист, концептот на неолиберализмот ќе биде редизајниран.

повеќе

Благодарејќи на коронавирусот, граѓаните го видоа вистинското лице на  оваа натприродна организација, наречена државна администрација. Алчна, себична, несолидарна, нечувствителна.

повеќе

Солидарноста е единствениот начин за надминување на оваа криза.

повеќе