Заев ги запозна лидерите од коалицијата со деталите од договорот со Алтернатива, како и со содржината на документот Основни начела за надградба на програмата за работа на Владата на Република Северна Македонија кој треба да се допрецизира и појасни со цел да стане составен дел од новата владина програма, соопшти секторот за односи со јавноста на Владата.
„На средбата од страна на премиерот беше презентирано и дека договорот со Алтернатива за зајакнување на парламентарното мнозинство и на Владата значи дека новата проширена коалиција ја презема одговорноста за сигурна иднина и на државата и на граѓаните.
Заев додаде дека во овие моменти кога најважно е функционирањето на институциите со полн капацитет постигнатиот договор е гаранција дека имаме мнозинство кое ќе работи на решенија за сериозните актуелни предизвици како што се обезбедувањето континуитет и успешен епилог на процесот за почеток на преговори за членство во ЕУ, односно изнаоѓањето решение со Република Бугарија, понатаму, справувањето со ковид-19 пандемијата и се разбира глобалната енергетска криза.
Претседателот на Владата Заев информираше и за делот од договорот со кој Алтернатива презема одговорност за активностите во неколку министерства, институции или подрачни единици или одбори согласно претходно утврдени принципи за постигнување договор за проширување на мнозинството“, се вели во соопштението.