Премиерот понуди соработка со опозицијата, ВМРО-ДПМНЕ прифаќа експертска Влада што би ја водела натпартиска личност

Премиерот Зоран Заев вчера ја отвори можноста за формирање заедничка влада со опозицијата, и притоа како дел од причините ги наведе надминувањето на поделеноста во општеството, департизација на администрацијата, чистење на правосудството од клиентелизмот…За ова, рече, очекува поддршка и од сите органи и тела на партијата, но и од коалициските партнери во власта.

Опозицијата овој чин го гледа како несигурност на Заев во парламентарното мнозинство, но најавија дека прифаќаат да се разгледува експертска влада, ако ја предводи непартиска личност, до предвремени парламентарни избори што би се одржале со локалните. За ВМРО-ДПМНЕ барањето на Заев е само обид тој да спаси од одговорност. -Ако неговиот предлог е бегство од одговорност, тогаш треба да знае дека пактови со криминалци ВМРО-ДПМНЕ не прави и нема да има, велат од партијата.

Од коалицискиот партнер на СДСМ – ДУИ велат дека опозицијата треба да биде коректив на власта и секоја една демократска земја мора и треба да има опозиција.

„Нудиме соработка од секој можен аспект. Сè што треба да направиме, да направиме, но дефинитивно мора да имате човек од другата страна, за да разговарате. Првпат го кажувам ова, сакам да отворам дебата за заедничка власт на Влада со опозицијата.  Ама да има човек со кого може да се разговара, со господинот Мицковски не се разговара. Или, ако кај нив има разумен човек, а кај нас нема нека го тргнат и Заев само двете партии да можат да разговараат. Мораме да го здружиме нашиот народ, зашто тоа ни е потребно, го знаат и тие, а го знам и јас – премногу ни е поделен народот“, изјави вчера Заев во интервју за Слободен печат.

Тој истакна дека е потребно да се департизира администрацијата, а тоа според него е можно ако двете страни се внатре. Како што рече, клиентелизмот во судството и во администрацијата ќе исчезне.

„Ова е дел од новата политика која треба да ја поминам и во СДСМ, а мислам дека имам почит во органите и телата затоа што ова е важно за државата. Да нема забуни, не станува збор за техничка Влада. Но, само ако има човек со кого може да се разговара“, додава Заев.

Посочи дека е отворена можноста, но сѐ зависи колку луѓето се спремни на таков чекор.

„Затоа велам ајде да влеземе сите, ја отворам првпат оваа можност. Но, сè е до луѓето дали се подготвени за тоа. Се обидов на секој начин, кажав дека со Груевски можев да најдам решение, но со Мицковски не можам.  Не знам што друго да направам! Еве сега го отворам и ова, иако имам мандат до 2024, но и во вакви околности отворам можност да дебатираме. Кога сакаат тогаш, од утре, после локалните, кога се спремни сите – тогаш“, рече Заев.

За СДСМ идејата на премиерот за заедничка дејствување за напредокот на државата е визионерство и шанса за демократизација и промени во самите политичките партии, а најмногу во ВМРО-ДПМНЕ.

„Зоран Заев, на почетокот на нов четиригодишен мандат како премиер, само неколку дена после изгласана доверба во Парламентот, подава рака за дебата за национално помирување. Тоа е знак на самодоверба и самоувереност, лидерство и доказ за висока политичка свест за проблемите на граѓаните и политичка широкоградост која е одлика само на политичари за кои државата е пред тесно-партиските интереси“, порачаа од СДСМ.

Но, од партијата нагласија дека понудата се однесува на членовите на ВМРО-ДПМНЕ, но не и на лидерот Христијан Мицкоски.

„Тој им се обраќа на сите оние кои ја препознаваат големината и визијата на новиот политички концепт за ресетирање на македонското општество и отстранување на сите аномалии кои како тег го успоруваат развојот и подобрата иднина на земјата. Мицкоски безброј пати покажа дека не е еден од нив. Затоа, Мицкоски не е адресата до кого е упатена идејата за национално помирување“, порачаа од СДСМ.

ВМРО-ДПМНЕ смета дека овој став на Заев доаѓа од неговата несигурност во парламентарното мнозинство и стравот дека Владата може да падне.

„Ова мнозинство е неефикасно, а ВМРО-ДПМНЕ е подготвена да разговара за експертска влада што ќе организира локални и предвремени парламентарни избори“, изјави вчера во Охрид Антонијо Милошоски, член на Извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ и пратеник во Собранието.

Според Милошоски, премиерот Зоран Заев со денешната изјава за широка Влада прво потврдил дека на Македонија и е потребна нова и поинаква Влада, а смета дека тоа потврдува и оти сегашната Влада и сегашното мнозинство се неефикасни и немаат капацитет да се носат со реални и сериозни проекти во време на криза.

Тој нагласи дека партијата е подготвена да разговара доколку експертската влада би ја предводел заеднички прифатлива, непартиска личност што може да ја води државата напред до локалните избори, а потоа да се организираат предвремени парламентарни и локални избори.

Вчера попладнето се огласи и лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски, кој во моментот е заболен од Ковид-19.

„Денеска ги видовме со сета своја немоќ како на отворена сцена се обидуваат византиски убедени од своите лакеи (поранешни високи функционери на опозицијата) како се препелкаат нудејќи поделба на власта ама јас да не сум бил дел од неа бидејќи со мене немало договор, не сум бил добар соговорник. И тука да прв пат се согласувам со Зоран Заев, јас немам концесија и не должам никому ништо“, напиша лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски на својот фејсбук профил по изјавата на премиерот Зоран Заев дека сака да отвори дебата за заедничка власт на Владата со опозицијата.
 
Тој нагласува дека единствено му должи на неговиот народ, на Македонците, на граѓаните на Македонија, на пратеничката група од коалицијата За обнова на Македонија, ИК, ЦК, општинските комитети, месните комитети, униите на ветерани, млади, жени, на активистите, симпатизерите што покажале единство, цврстина, борба, жар, карактер, пркос, инает и пред се желба и оти ќе направи се ним да им се оддолжи.
 
„Имам порака до вас, господа од власта, заедно со вашите лакеи, за мене денес е исклучително тежок ден. Пеколно тежок ден бил деветтиот најтешкиот, се борам со болеста, тешко дишам, а главата ми пука од температура, но имам јас енергија, мотив и волја и за борба со вас. Ова го пишувам од собата во инфективната клиника со сиот револт во себе што и направивте на Македонија. Има начин да се спасите од мене, да не се разбудам утре или денот потоа и тогаш можеби ќе ви биде полесно да пронајдете соодветен соговорник. Но, тој филм нема да го гледате и ви ветувам дека ќе се изборам со болеста, ќе излезам од инфективна, а потоа не чека многу работа. Ако власта „мисли дека има најмали шанси за пакт со криминал и криминалци, тоа нема да се случи". Сметот мора да се измете, ама најпрвин од сопствениот двор!, Ќе бидете победени, тоа ви го ветувам. Македонската пролет доаѓа!“, напиша Мицкоски на својот фејсбук-профил.
 
Претседателот на ДУИ Али Ахмети вчера во тетовско Доброште изјави дека нема дијалози за создавање на, како што рече, некое партнерство за коалиција.
 
„Мислам дека овие се некои настани кои произлегуват од дневна политика, нема нешто за истакнување, нема некои дијалози или слично за создавање некое партнерство за коалиција. Опозицијата како и секогаш има цел да ги кажат нивните забелешки бидејќи улогата на опозиција секаде е иста, да ја унапредат демократијата и да бидат дел од еден важен процес и нивна задача е да дадат несогласување со парламентарното мнозинството“, рече Ахмети одговорајќи на новинарско прашање за изјавата на премиерот Зоран Заев за заедничка власт и Влада со опозицијата.
 
Според него, работите меѓу владините партнери одат добро.
 
„Има комуникација, има соработка и добра соработка, а позитивните работи се во смисла на актуелните барања за што сме многу ангажирани, како што е владеењето на правото, завршување на преговорите со бугарската страна. Ако имаме позитивни одговори од европската заедница, кои се земат со нивните анализи за унапрдување на аспирациите на нашата држава кон Европската Унија. Се надевам и верувам дека наскоро ќе се најде едно решение и со бугарската страна во контекстот што побргу да се започнат преговорите за членството на нашата земја  во Европската Унија“, посочи Ахмети. 

Програмата за вакцинација во Бугарија може исклучиво да се окарактеризира како фијаско. 

повеќе

Вакцинирањето преку ред, слабата стратегија и лошата комуникација со јавноста ги обележаа првите месеци на вакцинирање во Хрватска која во моментов е близу дното на ЕУ во однос на процентот на вакцинирана популација. 

повеќе