Преговорите меѓу власта и опозицијата во ќор-сокак, нема договор за СЈО

Денешната нова рунда преговори меѓу власта и опозицијата за законот за јавното обвинителство, односно за судбината на Специјалното јавно обвинителство заврши експресно за 40-тина минути без никаков напредок. 

И владата и ВМРО-ДПМНЕ останаа цврсто на своите позиции, па договор за СЈО не беше постигнат. 

Министерката за правда Рената Дескоска по средбата рече дека пропаднал уште еден обид на ВМРО-ДПМНЕ за амнестија на обвинетите за упадот во Собранието на 27-ми април. Според неа, опозициската ВМРО-ДПМНЕ воопшто не ја интересира Законот за јавното обвинителство, туку дека цело време работеле на амнестијата.

Министерката Дескоска по состанокот истакна дека  ВМРО-ДПМНЕ го прекршила првиот договор што го направиле, а тоа било на денешниот состанок да имаат доставени конкретни амандмани со кои би се подобрил законскиот текст ако има простор за тоа.

„Наместо тоа, добивме еден материјал во којшто наведоа меѓународни документи коишто наводно не биле имплементирани. Сите документи коишто се наведени во она што го достави ВМРО-ДПМНЕ, а кои се однесуваат на ЈО се имплементирани во овој закон, дел се имплементирани во Законот за кривична постапка, а дел се имплементирани во Кодексот на јавните обвинители. Има и еден документ којшто тие го наведуваат којшто воопшто не се однесува на ЈО, туку се однесува на јавни службеници и во него изрично стои дека тој не се однесува на какви било органи во рамките на судството”, изјави Дескоска.

ВМРО-ДПМНЕ, пак, со контра тврдење, не барале амнестија, туку исполнување на нивните три барања: СЈО да биде дел од Основното обвинителство, Јавниот обвинител да се бира на предлог на опозицијата и да се формира анкетна комисија за финансиската работа на СЈО.

Антонио Милошоски од ВМРО-ДПМНЕ по состанокот рече дека на денешната средба биле наброени три точки за имплементација на 15 резолуции што треба да бидат прифатени во овој закон, а, кои, како што рече, се по меѓународни стандарди.

„Ние би сакале прво да слушнеме од министерката за правда дека ги прифаќа принципите и начелата коишто ги предложивме, дека ги прифаќа и оние коишто се востановени како судска пракса од Судот за човекови права во Стразбур и во тој дел веднаш би биле спремни она што претходно го дадовме како 120 страници забелешки да помогнеме тие Министерството да ги инкорпорира во законскиот текст. Значи, ние цениме дека секој обвинител којшто во моментов работи во СЈО треба да има еднакво право како секој обвинител којшто во моментов работи во Основно или во Републичко обвинителство да конкурира и според мерит-систем на вредности да биде избран или да не биде избран како дел од тоа специјално одделение во државното обвинителство”, изјави Милошоски.

Од ДУИ, која е дел од владеачката коалиција, велат дека го прифаќаат законот каков што е предложен од Министерството за правда.

“Напорите за постигнување на консензуално решение по тој текст на Предлог-законот треба да продолжат и убеден сум дека и опозицијата ќе се најде себеси во нашите конструктивни напори да го усвоиме законот и да обезбедиме непречен пристап кон датумот за отпочнување на преговори со ЕУ во јуни. Се надевам дека во следните денови опозицијата ќе достави амандмани по тој закон и заеднички како коалициски партнери ќе пристапиме до амандманска расправа за да ги видиме нивните ставови по конкретните членови на Предлог-законот за јавно обвинителство”, изјави Груби.

Бидејќи засега нема договор за овој закон, на прашањето дали ќе биде потребна дипломатска интервенција со оглед дека овој закон е еден од клучните за добивање позитивна препорака  за земјава, министерката Дескоска истакна дека не се исклучува „секоја помош што е добронамерна за доброто на иднината".

Засега не се знае дали и кога ќе продолжат преговорите. Доколку не се постигне договор, Заев има друга опција, да најде ново двотретинско мнозинство, но засега, според неофицијалните информации, нема расположение за тоа. 

 

Северна Македонија стана кандидат 9 години пред Албанија и нема ништо лошо побрзо и да оди напред.

повеќе

Сега, додека балканскиве политичари ќе шетаат низ духовноста како волови во свила - каде им се врвните интелектуалци што би внеле елеганција во совладување на споровите?

повеќе

Рециклирањето можеби ни се чини како спас за природата, но најчесто е спасение само за нашата (валкана) совест.

повеќе